Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратениците на СДСМ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, објави вечерва претседателот на СДСМ Венко Филипче на својот Фејсбук-профил.

Филипче соопштува дека на денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оцениле дека ова се неопходни чекори.

– Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања. На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија. Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание – стои во објавата на претседателот на СДСМ.