Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва уште еднаш повика на одржување лидерска средба. Само така, оцени, ќе може да се смири сериозно наелектризираната атмосфера која веќе загрижува.
– Ги повикувам лидерите на најголемите политички партии, Мицкоски, Ахмети и лидерите на Влен, да седнеме и да разговараме, од тука треба да произлезе пораката за смирување на тензиите. Политичарите се тие што ја палат искрата и затоа сметам дека од тука треба да произлезе повикот за смирување на страстите. Ако некој ја одбие лидерската ќе сметам дека апсолутно има причина да се надева дека тензиите можат да донесат некаков политички бенефит. Не гледам причина зошто некој не би учествувал на таква лидерска средба. Сериозна е ситуацијата, а се остава сомнеж дека некој има интерес од вакво влошување. Само од таков медиум како лидерска средба, граѓаните може да сфатат, да разберат и вистински да ја примат пораката дека навистина ситуацијата треба да се смири. Инаку, ризикуваме сериозно да ескалира – рече Филипче за „360 степени“.
Според него, интерпелацијата на Тошковски што ја најави ДУИ нема да донесе ништо добро, ниту ќе испрати некаква порака, а може и да ја влоши ситуацијата.
Според него, по евентуалната лидерска средба треба да се излезе на заедничка прес-конференција од која би се упатил повик за смирување на страстите зашто најбитни се мирот и стабилноста во државата.
Филипче е дециден дека во СДСМ нема кадровска криза. Напротив, како што нагласи, се шири платформата со вклучување луѓе кои вредат.
– Станува збор за луѓе со многу силен личен интегритет и искуство кои ни помагаат да ја прошириме платформата на која делува СДСМ. Тоа е фронт што ќе продолжи да расте, додека оваа Влада работи без компас спротивно на интересите на граѓаните – рече Филипче.
Став на партискиот лидер кој ја коментираше својата релација со Заев, е дека не треба да се расчистува со претходниците.
Во врска со локалните избори, Филипче најави дека СДСМ ќе работи интензивно на наоѓање најдобар кандидат за Скопје.
– Ако граѓаните гласаат за тој кандидат, за две години од мандатот Скопје ќе добие три работи: ќе биде најчистиот град во регионот, ќе има целосно среден јавен превоз и ќе има солиден и културен ноќен живот. Тоа е мое ветување сега, волку рано, зашто же биде ветување и на партијата на изборите – нагласи Филипче.
Доколку со локалните паралелно има и предвремени парламентарни избори, СДСМ, според партискиот лидер, ќе биде подготвена.