Претседателот на СДСМ Венко Филипче жали што премиерот Христијан Мицкоски ја одбил неговата покана за лидерската средба и тоа пред да образложи на кои точки би разговорилe, а кои, како што вели, се важни за национален консензус што треба да се постигне, бидејќи живееме во мултинационална и мултукултурна држава.

-Сметам дека на ова прашање треба да се пристапи многу сериозно. Очигледно е дека можеби некои работи различно ги читаме, можеби различно ги толкуваме, ако лебди прашањето и мислењето дека Историската комисија може да е пречка во евроинтегративниот процец, на пример после Уставните измени, а во Протоколот два, јас сметам дека тоа никаде не е услов. Туку напротив владите ја охрабруваат работата на Историската комисија и сите одлуки таму се носат со консензус. Значи мора двете страни да се согласа на одлуките пред да продолжат, да се разгледуваат следните точки, како доаѓаат на дневен ред – рече Филипче.

Претседателот на опозициската СДСМ смета дека треба да се одржи лидерската средба, да се седне на маса и да поразговараат со премиерот Мицкоски.

-Сметам дека се многу јасни пораките на претседателот на Европскиот совет, на  еврокомесарската Калас дека сега е моментот да ние фатиме чекор со Црна Гора и Албанија, кои со крупни чекори чекорат напред и очекувањето се дека за период од две-три, максимум четири години може да се веќе на прагот на ЕУ. Така да го имамем тој момент на толкување на протоколите прво, понатаму еве во јавноста излегува еден предлог од претседателката можноста да се разговара и за некој нов протокол- вели Филипче.

Тој како трета работа посочува да се изнајде начин за модифицирање на работата на Историската комисија, и како партија бараат да присуствуваат и учествуваат и странски експерти.

-На пример луѓе, коишто имаат искуство во своите земји на таа тема Германија со Полска, Германија со Австрија итн., има тука простор што треба да работиме. Сметам дека најлошата работа е да не се обидиме ништо да не направиме- изјави Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека ќе продолжи да биде конструктивен и ќе дава предлози за коишто лидерите на најголемите партии треба да разговараат и да седнат заедно и тоа во овој временски период., бидејќи како што рече, „очигледно постои расположение сега во Европската унија да се поддржи овој процес, а тоа се гледа на примерот на Црна Гора и Албанија“.

Прашан дали инсистира повторно на лидерска средба, Филипче одговори дека кога има некои проблеми, нерасчистени прашања разговорот е тој со којшто може да се решат, а сето тоа во интерес на напредокот на државата, бидејќи партиите и политичарите тоа им го должат на граѓаните.