По состанокот на европските лидери на дел од земјите членки на ЕУ и на НАТО во Париз во врска со Украина
Без конкретни резултати, нови идеи и без искажано единство помина итната средба на лидерите на дел од членките на ЕУ и на НАТО во Париз во понеделникот, свикана по иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон. Во светските медиуми средбата буквално беше квалификувана со атрибутот – фијаско! Тоа веројатно влијаеше претседателот на Франција да организира уште еден состанок со европските лидери, чие одржување беше предвидено за вчера.
– Многу чад, малку оган. Ако некој очекуваше бомбастични одлуки или одлучни изјави од клучните европски лидери од средбата во Париз, секако дека остана разочаран, бидејќи ниту една од овие работи не се случи. Немаше ниту назнака од обединет европски фронт, како и обично кога станува збор за слични работи – посочуваат медиумските извештаи што ги сумираат ефектите од првата средба во Париз, под впечаток на Минхенската безбедносна конференција и мировните преговори за Украина во Саудиска Арабија што се одвиваат без учество на ЕУ.
– Разбираме дека таквите состаноци не завршуваат со одлуки – рече полскиот премиер Доналд Туск по состанокот, очигледно обидувајќи се да ја ублажи горчливата вистина за недостигот од единство меѓу клучните земји од ЕУ и нивните лидери. Лидерите не дојдоа до нови заеднички идеи, тие се расправаа за испраќање војници во Украина и уште еднаш искажаа флоскули за помош на Украина и зголемување на трошоците за одбрана.
Главниот спор беше околу тоа дали Европа треба да испрати свои војници во Украина доколку се постигне договор за прекин на војната (?!). Не е чудно што нема единство по ова прашање, бидејќи минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин ја отфрли можноста за испраќање американски сили, како и за влез на Украина во НАТО.
На средбата, европските лидери најдоа заеднички јазик само за потребата од зголемување на трошоците за одбрана.
– Европа ја разбра пораката од САД дека мора самата да направи повеќе – рече холандскиот премиер Дик Шуф. Но засега факт е дека не знае – што! Р.С.