Фото: Кабинет на заменикот претседател на Владата за политики за добро владеење

Заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи денеска во изјава за медиумите истакна членовите на Владата од Алијансата на Албанците предводена од Арбен Таравари засега остануваат во владиниот тим и оти работата во извршната власт продолжува нормално.

– АА е во Владата, нема планови за промена на нашите позиции во Владата. Продолжуваме со работа, секојдневно, како ништо да не е сменето. Вчера имавме владина седница на која не беше кажана ниту една загриженост – рече Фетаи на настан за одбележување на Меѓународниот ден на книгата во Куманово.

Вицепремиерот потврди дека премиерот Христијан Мицкоски наредните денови ќе има одделни средби со коалициските партнери АА, ВЛЕН и ЗНАМ.

– Тој (Таравари) има секојдневни контакти со премиерот Мицкоски и коалициските партнери. Некои од нас кажале, и јас велам дека соработката продолжува во Владата. Ние продолжуваме да ја работиме нашата работа, како ништо да не се случило, а верувам дека сте ги виделе и пишувањата во медиумите дека во наредните денови премиерот ќе има консултации, одделно со партиите, со коалицијата ВЛЕН, Алијансата за Албанците, ЗНАМ. Засега ништо не е променето, до консултациите што се очекуваат да се случат во наредните денови. Верувам дека нема простор за еднострани потези од ниту една партија и дека мора да се размислува за стабилноста на оваа Влада. АА со своите петмина пратеници е клучна за стабилноста на овој состав – рече тој.

Прашан како Алијансата за Албанците на Таравари ќе настапи на локалните избори, односно дали ќе коалицира со опозициските партии, Фетаи потенцира дека во оваа фаза не сака да прејудицира и оти нивната партија ќе најде решение за најдобрата понуда за граѓаните.

– Не сакам да го прејудицирам исходот од различните контакти што се случуваат во оваа фаза. Сега засега, додека разговараме и додека нема одлука меѓу коалициските партнери, ние сме дел од Владата. Не сме исклучени, продолжуваме да придонесуваме во парламентарното мнозинство. Нашите пратеници продолжуваат да ја вршат својата работа, а ние во извршната власт. Јас се надевам дека ќе се најде решение што ја нуди најдобрата понуда за граѓаните на оваа земја, како за локалните избори, така и за предвремените парламентарни избори ако тие се случат и кога и да се случат – нагласи Фетаи.