ЕУ е во многу покревка ситуација отколку што многумина можат да сфатат
- Во последно време во европската јавност сѐ повеќе се присутни предупредувања од високопозиционирани европски политичари, европски институции, аналитичко-истражувачки организации, како и поединци експерти дека „за првпат се јавува како реална опасност можниот распад на ЕУ“(?!). „Европската Унија е во многу покревка ситуација отколку што мнозина можат да сфатат“, тврдат тие во своите становишта, предупредувајќи на сѐ подлабоката криза во која запаѓа Европската Унија
- Со оглед на значењето и актуелноста на ваквата анализа, „Нова Македонија“ пренесува пошироки извори од своите најважни согледувања. И токму во тој контекст, нашиот медиум нагласува дека на Македонија апсолутно ѝ треба интеграцијата во ЕУ! И добро што е тоа политичка аксиома во државните стратегии на сите влади. Но и на ЕУ ѝ треба нов поттик за реформи, не во насока на наднационални креации, туку во насока на заедници на суверени народи што се носители на државноста (во земјите членки на Унијата, со потполно уважување на правата на малцинствата), и како такви да бидат чинители на таа заедница на европски држави. На ЕУ ѝ е потребна „повеќе Европа“, бидејќи способноста на Европејците да преземат акција сè повеќе заостанува. На ЕУ ѝ треба нов порив кон политичка унија, но ѝ треба и време за стратегиско размислување и одлуки во демократска насока вградени во нејзините изворни мотиви, во кои Македонија безрезервно ќе ја поддржи
„Обидите на Брисел да го забрза приемот на Украина во ЕУ би можеле да завршат не само катастрофално туку и со разорни ефекти за ЕУ, да доведат до нејзин распад“, предупреди унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на меѓународната конференција, одржана во Будимпешта во врска со соработката меѓу земјите на Централна Европа.
На ваквиот став на шефот на унгарската дипломатија му претходеа серија предупредувања на високопозиционирани политички и евроинтеграциски експерти од Германскиот совет за надворешни односи, од Европскиот совет за надворешни односи и други истражувачки организации дека „за првпат се јавува како реална опасност можниот распад на ЕУ“. „Народите низ Европа се бунтуваат и бараат враќање назад на нивниот национален суверенитет. Европската Унија е во многу покревка ситуација отколку што мнозина можат да сфатат“, предупредуваат во последниве години и денес експертите во врска со ситуацијата во која запаѓа сѐ подлабоко Европската Унија.
Што е „сериозната закана за единството на ЕУ“?
На споменатата конференција во Будимпешта, Сијарто исто така нагласи: „Даден е сеопфатен предлог за забрзување на членството на Украина во ЕУ. Тие сакаат целосна економска интеграција на Украина, дури и пред да ги заврши пристапните преговори. Обидите да се интегрира Украина во европскиот пазар пред формалното зачленување претставуваат сериозна закана за единството на ЕУ. Европската безбедност е веќе загубена, а сега се урива економскиот темел. Дали ЕУ знае всушност што прави? Брисел е целосно свесен дека само ние, Унгарците, можеме да го спречиме тоа, бидејќи од една страна сме доволно храбри да одиме против либералниот мејнстрим (главниот тек на мислење) во Брисел, а од друга страна имаме доволно политичка стабилност нашата унгарска влада да се осмели да оди против толкавата грубост на официјален Брисел“.
Она што унгарскиот министер за надворешни работи го кажа во најотворена форма, дека Европската Унија ризикува самата да го предизвика својот распад, поради своите непромислени и веќе несфатливи однесувања, тоа и во оваа година и во претходните го укажаа повеќе реномирани експерти. „Нова Македонија“ бележи ставови на некои од нив.
Д-р Јозеф Јанинг: Распадот на ЕУ е веќе реално сценарио, а нејзиното
раководство и не ни знае каде да ја води ЕУ
Во својата обемна политичка анализа со наслов „Дали Европа ќе пропадне?“, објавена на 5 март 2025 година на интернет-страницата на Германскиот совет за меѓународни односи, неговиот истражувач германскиот политиколог д-р Јозеф Јанинг уште на почетокот нагласува: „За првпат крајот на ЕУ е реално сценарио. Темелите на интеграцијата се распаѓаат, а центрифугалните сили го засилуваат распаѓањето. Денес концептот, моментумот и прифаќањето на интеграцијата ја загубија широката поддршка во општествата, деловниот свет и политиката. Институционализираната Европа може да се распадне и одвнатре, во лицето на политичката класа, која повеќе не знае каде треба да ја води Европската Унија. Евроинтеграцијата ја загуби својата стратегиска димензија“.
Со оглед на значењето и актуелноста на оваа анализа, „Нова Македонија“ пренесува пошироки извори од нејзините најважни согледувања. „На Европа ѝ треба нов поттик за интеграција. Потребно е ’повеќе Европа’, бидејќи способноста на Европејците да преземат акција сè повеќе заостанува. На ЕУ ѝ треба нов порив кон политичка унија, ѝ треба стратегиско размислување“, категоричен е германскиот политички експерт.
Тој ги „смирува“ Европејците, очигледно веќе заплашени што ќе се случува со ЕУ натаму, и истакнува: „Виктор Орбан сам не може да ја растури ЕУ, но учеството на десничарските национални партии во сè повеќе влади во ЕУ може да го поттикне тоа. Десничарските национални движења и партии добија тежина во многу од неодамна приклучените нови членки во Источна и Северна Европа, но и во ’старите’ земји членки, како што се Франција со партијата Национално собрание, Германија со партијата Алтернатива за Германија, како и Холандија и Италија. Заедничко за овие партии е акцентот на националниот суверенитет… Манифестот на суверенитетот е деконструкција на Европската Унија“.
Во заклучниот дел на својата анализа д-р Јозеф Јанинг без никакво воздржување ја обвинува ЕУ дека се претвора во создавач наместо да биде решавач на проблемите во животот на европските граѓани. „Се случува веќе и една иронија денес: во очите на многу луѓе сега ЕУ стана дел од проблемите наместо да биде дел од решенијата за проблемите, иако беше замислена како заштитен чадор на европските држави да опстанат во просперитет и безбедност“, укажува Јанинг.
Шапиро: Народите низ Европа се бунтуваат против ЕУ
„Колапсот на европската интеграција може да значи крај на стабилноста, редот и просперитетот, за што САД работеа многу напорно и потрошија многу пари, за да ѝ помогнат на Европа да ги постигне. Последиците би можеле да се прошират многу подалеку од границите на Европа“, има констатирано уште во 2016 година Џереми Шапиро, сегашен директор на програмата за истражувања на Европскиот совет за надворешни односи, кој претходно бил и научен истражувач во Центарот за Соединетите Американски Држави и Европа при Брукингс институтот во Вашингтон, САД.
Согледувањата на Шапиро се дотолку поважни што тој, анализирајќи ги причините за можниот колапс на ЕУ, ја анализира таа опасност и од европски и од американски аспект
Како член на администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, Џереми Шапиро бил член на персоналот за планирање политика на Стејт департментот на САД и висок советник на помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања Филип Гордон, обезбедувајќи стратегиски насоки за широк спектар прашања од американско-европската надворешна политика. Во својата спомената анализа од 2016 година Шапиро посебно нагласува: „Брегзит е британска манифестација на поширок народен бунт против европската интеграција, кој постепено се шири низ Европа. Брегзитот би можел да биде катализатор, што ќе поттикне распаѓањето на ЕУ да метастазира низ Европа со драматично побрзо темпо. Ако се случи тоа, целиот проект за европска интеграција – основата на политиката на Америка во Европа од Втората светска војна – може да биде во опасност од колапс. Проблемите на националниот идентитет и народното незадоволство одамна тлееја во рамките на европскиот проект, но кризите во изминатите години драматично ги зголемија, а поддршката на народот за европската интеграција е на најниско ниво. Низ цела Европа добиваат сила популистичките партии, чии основни пораки се против ЕУ, за враќање на националниот суверенитет, ксенофобијата (стравот, одбивноста) кон странците… Народите низ Европа се бунтуваат“. С.То.
Д-р Јан Кернс: Европската Унија е во многу покревка ситуација отколку што мнозина можат да сфатат
Две години по Шапиро, исто така и д-р Јан Кернс, британски експерт за надворешна политика и за проширување на ЕУ, ќе се огласи со слични согледувања и предупредувања. Во својата научна студија со наслов „Колапс: Европа по Европската Унија“ уште во 2018 година Кернс ќе посочи дека „ЕУ покажува оти нејзините реформи не отишле доволно далеку за да се осигури дека таа дефинитивно ќе опстане“. Тој истакнува дека постојат повеќе сценарија што можат да доведат до колапс на ЕУ. Кернс наведува повеќе причини и случувања што би можеле да го предизвикаат тоа. Тој се насочува на две причини од економска природа и на четири причини што се мешавина од политика и безбедност, притоа прецизирајќи дека дел од причините за можен распад на ЕУ се и: нова рецесија; втора финансиска криза; евроскептичен пробив во јадрото на еврозоната; отцепување земја членка од Унијата, реакциите против секој обид за продлабочување на интеграцијата…
– Изнесувам предупредување, а не предвидување. Предупредување за оние што веруваат дека Европската Унија е излезена од криза и за еврооптимистите што се зафатени со сонот за посветлата иднина на ЕУ. Сѐ уште многу малку внимание им се обрнува на последиците што можат да се случат од дезинтеграцијата на ЕУ. Европскиот континент се соочува со терористички и миграциски кризи, со нова закана од Русија, со бескрајна кршливост на еврото, со нова евроскептична политика… Европа е погодена од најголемата криза по Втората светска војна. Европската Унија е во многу покревка ситуација отколку што мнозина можат да сфатат – нагласи во својата студија овој британски политички и евроинтеграциски експерт.
Свето Тоевски