Уште седуммина уапсени

Уште седум осомничени лица се приведени вчера од полицијата во врска со истражните дејства за трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 59 млади луѓе, а над 160 се повредени.
Тие се уапсени поради основано сомнение за поврзаност со незаконското издавање на лиценцата на дискотеката во Кочани, а меѓу нив четворица се полициски началници, додека три лица се административни службеници.
Според официјалното соопштение на Јавното обвинителство, предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донел наредба за спроведување истражна постапка против седум полициски службеници. Според дејствата опишани во наредбата, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „тешки дела против општата сигурност“.
Kако службени лица вработени во СВР-Штип и ПСОН-Кочани како соизвршители, осомничените подготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Осомничените заедно предизвикале значителна опасност по животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови, при што на 16.3.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 добиле тешки телесни повреди.
Ценејќи дека се исполнети условите јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за сите седум лица, се наведува во соопштението на ЈОРМ.


Сопственикот на фирмата што раководела со „Пулс“ се лекува во Литванија

Едно од најчесто спомнуваните имиња во јавноста изминативе денови беше Александар Карадакоски, сопственикот на фирмата „ММММ кафе доел Кочани“, која раководела со дискотеката „Пулс“ што се запали.
Во јавноста првично имаше информации дека е во бегство, потоа дека е уапсен, а според последните официјални информации се дознава дека тој е хоспитализиран. Вчера беше објавено дека Карадакоски е еден од педесетината повредени пациенти што се пренесени во странство. Попрецизно, тој е еден од четирите пациенти што се пренесени во Литванија


Повредените од пожарот во стабилна состојба

Шеесет и четири пациенти се во болниците низ државата, 13 во приватните клиники, а 101 лице се третираат во странски медицински центри, соопштија од Министерството за здравство.
Во моментот во Клиничкиот центар има 35 пациенти, од кои на КАРИЛ се сместени шест повредени лица и еден е за транспорт, на Детска хирургија – четворица, на Пластична хирургија – шест пациенти, на Трауматологија – двајца пациенти, на Торакална и васкуларна хирургија – четири пациенти, на Токсикологија – 10, на Пулмологија – двајца, на Офталмологија – еден пациент.
Во ГОБ „8 Септември“ се сместени 15 пациенти, од кои двајца денеска ќе бидат транспортирани за Шведска, во клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ се 11 пациенти, а во Клиничката болница во Штип – тројца пациенти, од кои двајца денеска се пуштаат на домашно лекување.
Во моментов пациенти од Кочани има во 12 земји и во над 25 болници. Според најавите, бројот може да порасне на 14 земји.


Од Израел пристигна медицински тим со 15 доктори и медицински сестри, распределени во три различни болници во Скопје

Симоне Франкел: Пријател во потреба е вистински пријател

Израелската амбасадорка Симоне Франкел изрази лично сочувство и сочувство од народот на Израел кон македонскиот народ по трагичната несреќа што Македонија ја доживеа во саботата.
– Од Израел пристигна медицински тим во кој има 15 доктори и сестри, распределени во три различни болници во Скопје. Колку што сфатив, тие почнале со работа и веќе се погрижиле за дваесет пациенти заедно со локалниот тим. Тие не работат сами, туку работат со локален тим, откако направиле консултации за тоа кој пациент треба да се згрижи. Тие се специјалисти од различни области, претежно за изгореници, пластика, сестри и анестезиолози. И тие ќе продолжат да работат сѐ додека локалниот тим има потреба од нивна помош и, колку што знам, тие работат доста добро заедно – изјави Франкел.
Амбасадорката исто така рече дека односите помеѓу двете држави се пријателски, акцентирајќи дека пријател во потреба е вистински пријател.
– Не сум докторка и не можам да дадам професионално мислење, но колку што знам од докторите тука, размислувале да земат пациенти во Израел. Но на крајот одлучиле, поради технички или здравствени причини, да ги преместат во Шведска – додаде Франкел.


Сочувствo и поддршка од НР Кина

На 17 март 2025 година, Неговата Екселенција господин Уанг Ји, член на Политбирото на ЦК на ККП и министер за надворешни работи на Народна Република Кина, упати сочувство до Неговата Екселенција господин Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, по повод пожарот во Кочани на 16 март, кој предизвикал сериозни жртви.
Уанг Ји изрази најдлабоко и искрено сочувство до жртвите и нивните семејства и посакува брзо закрепување на повредените.


Турција секогаш е подготвена да помогне

Анкара безрезервно ќе излезе во пресрет за сите потреби и барања од Скопје

Пријателска Турција уште еднаш покажа дека силно ја поддржува Република Македонија. Како што соопштија од Амбасада на Република Турција во Скопје, амбасадорот Фатих Улусој на 17.3.2025 се потпиша во книгата на жалост отворена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија за лицата што ги загубија своите животи за време на пожарот во Кочани. Амбасадорот потоа оствари средба и со државната секретарка на наведеното министерство Елена Кузманоска, при што изрази сочувство, како и желби за побрзо закрепнување на повредените лица, се наведува во соопштението на турската амбасада.
Турција, како и во минатото, секогаш е подготвена да му помогне на пријателскиот и братски народ. Во Амбасадата на Република Турција турското знаме е спуштено на пола копје во знак на почит. Наедно, амбасадата и сите други турски институции и установи во земјата ги одложија нивните настани во текот на деновите на жалот, соопштува турската амбасада.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган упати писма со сочувство за загинатите во трагедијата што се случи во Кочани до претседателката Гордана Силјановска-Давкова и до премиерот Христијан Мицкоски.
– Со длабока жал ја примив веста за лицата што загинаа и беа повредени при пожарот што се случи во градот Кочани, Северна Македонија. Изразувам сочувство до вашата државничка висост и сите граѓани на братска и пријателска Северна Македонија, на чело со блиските на загинатите, додека на ранетите им посакувам брзо заздравување – се наведува во писмото од турскиот претседател Ердоган.
Наедно, и министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, упати писмо со сочувство до министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски.
Турција беше меѓу првите земји што испратија и авиони за пренесување на повредените што беа во тешка состојба. Дента на 16 март, со воен авион шест пациенти беа пренесени во градската болница „Билкент“ во Анкара, додека со амбулантен авион три пациенти беа пренесени во болницата „Чам Сакура“ во Истанбул, соопштуваат од турската амбасада.


Забелешки до медиумите од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ):

Известувањето да биде без сензационализам!

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува медиумите при информирањето за погребите на жртвите во трагичниот пожар во Кочани да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди.
„Известувањето треба да биде без сензационализам, задолжително треба да се почитуваат личната болка и жалост на семејствата, роднините и најблиските на загинатите и да се води сметка да не се придонесува за дополнително зголемување на вознемиреноста. Во таа насока се и барањата од жителите од Кочани, кои вчера се обратија директно до Агенцијата, како и преку социјалните мрежи, со апел медиумските работници да се држат понастрана за време на погребите и да не снимаат со дронови. Медиумите мора да внимаваат при правењето и објавувањето снимки и фотографии, со цел да им дозволат на семејствата и родителите достоинствено и со почит да се збогуваат со своите ближни.
Генерално, деновиве медиумите покажаа висок степен на професионалност. Имаше неколку случаи на емитување филмови и серии со забавна содржина, за што се доставени и претставки до Агенцијата, поради што посочуваме радиодифузерите да обрнат поголемо внимание при креирањето на програмската шема. Истовремено, важно е и класичната музика што се емитува да биде соодветна на деновите на жалост.
Освен ова, апелираме до медиумите да им ја дадат потребната поддршка на нивните медиумски работници, кои изминативе деновиве при извршувањето на нивните работни обврски се изложени на исклучителен стрес и, со тоа, на здравствени ризици“.