Македонки што пишуваат и се борат за женските права во 19 и 20 век (8)

Перцепцијата за жената во Македонија во 19 век како затворена, традиционална и неписмена домаќинка на македонското семејство полека исчезнува со откривањето и презентирањето материјали што покажуваат значителни активности на жените на повеќе полиња: образование, револуционерна борба, литература. Во тој контекст, израснувањето на жената како индивидуа во традиционално патријархалната средина било исклучителен подвиг. Токму за овие теми се зборува во книгата „Жени во македонската книжевност од 19 век“ од д-р Славчо Ковилоски, а е во издание на Институтот за македонска литература и неодамна беше објавена. Книгата, за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознати или малку познати македонски жени со кои започнале развојот на македонското женско творештво (женско писмо) и појавата и развојот на феминистичкото движење и на првите македонски женски револуционерни и просветни друштва. Така, свое место тука ќе најдат повеќе статии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. На таков начин се надминува сликата за немост на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони. Ќе ги презентираме биографиите и творештвата на повеќе македонски жени од втората половина на 19 век и почетокот на 20 век, кои активно се вклучиле во јавниот живот, а досега биле малку познати или сосема непознати: Славка Динкова, Митра Миладинова, Јанка Каневчева, Царевна Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова, Евгенија Јанчулева, Марија Зрнева, Султана Чикмакова, Олга Маџарова, монахињата Параскева, Параскева Димкова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање

Во XIX век започнало менувањето на животните услови со индустријализацијата, со појавата на феминистичкото движење, откритијата во медицината, техниката итн. Сето тоа придонесувало за постепено вклучување на жените во јавниот живот и добивање општествени функции. Овие процеси свое влијание нашле и во македонскиот јавен и приватен живот, при што првенствено се инсистирало на запишување на девојчињата во основните училишта и гимназиите и стекнување соодветно образование.
Конзервативното граѓанство на Балканот се спротивставило на ваквите тенденции, па во голем број случаи пишувале негативни огледи во дневниот печат. Така, во 1898 година на страниците на весникот „Новини“ се појавиле две статии што се противеле на половата еднаквост. Авторите ги обвинувале учителките дека биле лекомислени, дека кокетирале и дека едноставно учителките не можеле да ја извршуваат мисијата што си ја поставиле пред себе: да бидат блиски до народот и да ги воспитуваат идните поколенија: „Нашите учителки не ја чувствуваат болката на народот. Тие гледаат повеќе за себе, отколку за потребите на народот. Таа не помислила, верувам, никогаш како да му помогне на народот на кој му се посветила да работи, а гледа како поубаво да се облече и накити. Не го гледа сопственото подобрување, не гледа да добие знаење, а се мачи да направи алишта кои го привлекуваат вниманието на луѓето…“
На ваквите обвинувања и тоа како одговорила Евтимица Јанчева! Таа била родена околу 1875 година во Воден. Во учебната 1891/92 година завршила VI клас во Солунската егзархиска женска гимназија, по што станала учителка во родниот град. Директен податок што го потврдува нејзиното учителствување во Воден е оној на учителот Никола Пасков, кој меѓу колегите и колешките во воденското училиште за учебната 1896/97 година ја навел и Е. Јанчева. Од истата година во една анонимна дописка, упатена до весникот „Новини“, повторно се споменува нејзиното име. Овој пат, таа е сместена во една група од 19 лица, а самата таа („Евтимица Јанчева учителка“), на воденското училиште му подарила за помош 10 гроша.
Нејзината големата ненасловена статија е објавена во рубриката „Дописки“ на весникот „Новини“, во бројот 73 од 21 јули 1898 година. Оваа статија е најголемиот авторски текст напишан и објавен од македонска жена на страниците на некој весник или списание во XIX век. Јанчева не сакала да ја изедначуваат со другите неуспешни примери на учителствување. Воопшто, таа не сакала да ги обвинуваат и другите вредни учителки поради нечија неразумност. Таа се водела од ставот дека секоја личност одговарала само за себе, без разлика на полот. Наведувајќи ги успесите на Солунската женска гимназија, која и самата ја завршила во 1892 година, таа ги негирала тврдењата дека учителките знаеле само да кокетираат и да се дотеруваат за да им се допаднат на ергените: „О, не, далеку беа ваквите слични помисли од сознанието на нашите воспитувачки: напротив, тие се трудеа да нè направат полезни идни воспитувачки и учителки на народот“.

Таа сметала дека за лошите резултати на учениците и ученичките не требало да се обвинуваат само учителките. За овој проблем аргументирано и со силни зборови му укажала на собеседникот дека мажите не биле подобри од жените. Всушност, запишала Јанчева, доволно кажувала поговорката: „Погледни го таткото, па не прашувај за синот“. Таа продолжила: „Исто е и со нас. Каков е воспитувачот, таков е и воспитаникот“. Оваа остра реакција треба да се сфати како силен восклик, вистински исчекор во барањата за права на жените, но и во одбрана на веќе добиените можности за учество во јавниот живот.
Во одбрана на женските права за следење на модните трендови, таа се осврнала на машката мода, па од дефанзива преминала во офанзива. Јанчева ги нападнала младите господа, кои „верно им слугуваат на разни бастунчиња, пролетни капели, ракавици, секакви видови костуми, кои, ако не се лажам, многу се поскапи од еден богат женски костим“. Во продолжение, таа не само што ги бранела и одбранила со аргументи трошењата на жените туку силно и недвосмислено „удрила“ по трошењето на мажите: „Нивниот паричник страда уште повеќе од нашиот, се разбира кога се слободни да посетуваат кафеанчиња, каде што во само еден час можат да потрошат таква сума која би била доволна за облеката на една учителка за една цела година“.
Јанчева се спротивставила и на мислењето на еден од обвинителите за „задолжение за учителките да носат басмени ролки за време на сите учебни месеци“. Тоа е невозможно, заклучила таа, бидејќи „со оглед на климатските услови е и облеката“. Со иронија се спротивставила и на предложената мерка штом учителката се посврши, да се отпушти од работа, бидејќи, наводно, повеќе ќе мислела на свршеникот отколку на учениците. „Тогаш, зошто и учителот штом се сврши, да не се отпушти? Небаре во него нема никакво чувство, та не сака и не треба да мисли на свршеничката?“ Наместо ваквиот начин на однесување спрема учителките, таа барала спрема нив да се постапува исто како и спрема мажите. Секоја нивна работа требало да подлежи на инспекција и на ревизија. На таков начин, сметала таа, учителките ќе ги поттикнеле уште повеќе и ќе можеле да се видат резултатите од нивната работа.

Во борбата за отстранување на тешкотиите, Јанчева барала да се сплотат мажите и жените, со цел полесно и побргу да се изборат за подобар живот. Текстот го завршила со зборовите: „Да го тргнеме црното петно од челото, да докажеме дека владееме и управуваме со себе, треба да имаме само малку добра волја за постигнување на целта“. На тврдењата дека жените биле неспособни за учителската професија одговорила аргументирано, понекогаш со доза на иронија, негирајќи ги обвинувањата кон учителките и истакнувајќи ги секојдневните тешкотии со кои тие се соочувале.
Воопшто, Јанчева не сакала да ја изедначуваат со другите неуспешни примери на учителствување. Воопшто, таа не сакала да ги обвинуваат и другите вредни учителки поради нечија неразумност. Таа се водела од ставот дека секоја личност одговарала само за себе, без разлика на полот.
Ненасловената статија на Евтимица Јанчева е првиот регистриран полемички текст во македонската литература во кој учествувала жена. Со изнесените аргументи, таа ги покажала своите авторски капацитети. Освен тоа, неа ја вбројуваме и во првиот ред жени што се бореле за своите права, јавно и достоинствено со силата на пишаниот збор и со силата на духот.

Славчо Ковилоски

продолжува