Според ваквата позиција, произлегува дека ЕУ си го доделува правото за донесување одлуки според слободна процена за тоа „каква работа завршиле и какви заслуги имаат оние на кои ќе им ги дели предвидените средства“, што, пак, само по себе остава можност „парите да се користат како алатка за дополнителен притисок за спроведување на уставните измени“, односно внесување на македонските граѓани што се чувствуваат како Бугари во преамбулата на македонскиот устав. Немањето прецизна рамка со задачи што треба да се исполнат отвора можност Бугарија и Грција да продолжат да поставуваат нови услови и на тој начин постојано да се креира нова листа на заслуги што треба да се исполнат за да се добијат европските пари!?
ЕУ без прецизни мерила што сѐ треба да се сработи за да се заслужат парите од Планот за раст
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, деновиве е на балканска мини-турнеја, во чии рамки ја посети и Македонија, при што фокусот на нејзината посета во најголем дел беше насочен кон доделувањето на европските средства од Планот за раст. Европската Унија уште претходно порача дека доделувањето на средствата, од кои за Македонија се предвидени околу 750 милиони евра од вкупно шесте милијарди наменети за земјите од Западен Балкан, ќе зависи од тоа колку се почитуваат европските препораки, односно ќе се оценува според заслугите.
Она што и натаму останува да виси во воздухот е нејасната позиција на ЕК околу тоа што треба да се сработи за да се добијат потребните заслуги за да може земјата да ги добие предвидените средства. Официјален Брисел како клучно за доделување на парите ги наведува „работата и заслугите“, односно остава нејасна слика што точно треба да се сработи и врз основа на кои заслуги ќе се оценува дали парите ќе бидат пуштени или не.
Според ваквата позиција, произлегува дека ЕУ си го доделува правото за донесување одлуки според слободна процена за тоа „каква работа и какви заслуги имаат оние на кои ќе им ги дели предвидените средства“, што, пак, само по себе остава можност „парите да се користат како алатка за дополнителен притисок за спроведување на уставните измени“, односно внесување на македонските граѓани што се чувствуваат како Бугари во преамбулата на македонскиот устав. Немањето прецизна рамка со задачи што треба да се исполнат отвора можност Бугарија и Грција да продолжат да поставуваат нови услови и на тој начин постојано да се креира нова листа на заслуги што треба да се исполнат за да се добијат европските пари!?
Македонија до крајот на годината треба да ја добие првата транша од 50 милиони евра и повеќе од веројатно е дека овие пари ќе пристигнат како гест на „добра волја“ од страна на ЕУ, но, истовремено, и како порака до македонските власти дека тоа можеби ќе биде прва и последна транша ако не се сработи она што е во интерес на Европската Унија. Токму дискреционото право на ЕУ да оценува врз основа на какви заслуги ќе се доделуваат парите го става под прашање сето она што државата реално ќе постигне. Дури и да се направи напредок во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата, сето друго е сива зона што официјален Брисел ќе ја користи за наметнување нови услови.
Од тие причини, повеќе од потребно е европските челници да утврдат јасни и прецизни точки со обврски што треба да се исполнат за да се добијат предвидените пари, така што барем еднаш Македонија ќе биде начисто со ЕУ што треба точно да направи за да ја оствари посакуваната цел. Досегашните искуства покажаа дека кога нема јасно поставени правила на игра, тогаш владее законот на посилниот, односно ЕУ ќе продолжи да прави што сака, онака како што го направи тоа со претходните уставни измени поврзани со името.
Сега повторно уставните измени ќе бидат дел од „заслугите“ да се добие некоја од траншите на европската помош од Планот за раст, но водејќи се од изјавите на бугарските политичари во однос на Македонија, земјава ќе мора да исполни уште многу други заслуги кон официјална Софија за да ги реализира европските пари во целост. Со други зборови, тоа значи дека ако Македонија не ги внесе во Уставот македонските граѓани што се чувствуваат како Бугари, според замислите на Софија, тогаш повеќе од сигурно ќе бидат блокирани европските средства од Планот на раст, а објаснувањата од официјален Брисел ќе бидат дека Македонија едноставно „не заслужила“.
Токму затоа се заглавени и уставните измени, бидејќи ЕУ не дава никаква гаранција дека тоа ќе биде последниот бугарски услов за македонските евроинтеграции, а кога нема јасни правила, тогаш постојано ќе се менуваат правилата на игра. ЕУ сега го прави тоа и со парите од Планот за раст, таа дискреционо да одлучува дали некој сработил и заслужил средства.
Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, силата и моќта се кај ЕУ и таа ги користи за да условува и без јасни правила на игра.
– Секако моќта е кај ЕУ и таа ги диктира условите во зависност од своите потреби и волјата на членките. Реално секогаш можат да кажат дека задачите се јасни, велат решете ги споровите со соседите, тоа е јасна задача, а истовремено нејасна затоа што и на двата соседа барањата се или беа небулозни. На сите им е веќе јасно за двојните стандарди на ЕУ на секое поле – вели Пекевски.
Според него, тешко е да се очекува дека Македонија ќе влезе во ЕУ без оглед какви јасни или нејасни задачи да се поставуваат пред неа, бидејќи не гледа решителна борба со корупцијата и расчистување со неспособните кадри, од што зависи и напредокот на државата.
И дел од другите аналитичари сметаат дека ЕУ треба да одреди јасни точки по кои ќе оценува дали некоја земја сработила и заслужила да ги добие парите од Планот за раст.
– Кога некој ти дава кредит, во договорот стојат јасни обврски што оној што го подига кредитот треба да ги исполни. Во нашиот случај, ЕУ не дава прецизни критериуми според кои ќе ја вреднува нечија работа. И ние требаше да преговараме со ЕУ според Копенхашките критериуми, но испадна да преговараме и за историја и за идентитет и за јазик. Така ќе биде случајот и со парите од Планот за раст. Сега до Нова година ќе ни дадат 50 милиони евра за да ни кажат дека ЕУ си стои на зборот и останува на европерспективата за земјите од Западен Балкан, но потоа уште којзнае какви правила ќе наметнат за да се земат другите средства. Сега ги бараат Бугарите во Уставот, утре ќе побараат историската комисија да донесе јасни заклучоци, потоа ќе побараат да се откажеме од македонскиот идентитет и да прифатиме северномакедонски, тоа нема да има крај. Затоа беше важно и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, да соопшти на пример 10 точки, да каже треба владеење на правото, треба борба со корупцијата, треба чиста животна средина, треба уставни измени, потоа да удрат параф и европските и македонските челници, и тоа да биде гаранција дека нема да има нови условувања. Тоа може да го направат и со уставните измени, ама очигледно на Брисел повеќе му одговара сивата зона во која нема правила, туку посилниот ги наметнува правилата и го уценува послабиот – заклучуваат соговорниците.