Македонија, како и другите земји од регионот, очекува јасен курс во новата германска надворешна политика, кој ќе ѝ го врати приматот на земјата како лидер на ЕУ, а во тој контекст и процесот на проширување на Унијата да биде заснован врз исполнување на Копенхашките критериуми и со почитување на европските принципи и вредности
Што може да очекува Македонија во билатералните односи со Германија по победата на коалицискиот блок ЦДУ/ЦСУ?
Партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и нивниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц се јасни победници на предвремените парламентарни избори во Германија, најавувајќи дека во најскоро време ќе формираат влада што повторно ќе ја заживее германската економија и воопшто процесите внатре во земјата, но и во рамките на идната германска надворешна политика.
Со победата на конзервативната Унија, повеќе од извесно е дека Македонија има добра шанса, освен преку Атлантикот, и на Стариот Континент дополнително да ги зајакне македонско-европските односи, попрецизно македонско-германските односи, имајќи ги предвид блиските економски врски на земјава со Германија, но и блиските врски меѓу сестринските ЦДУ и ВМРО-ДПМНЕ, кои може да бидат од особена полза во трасирањето на патот на земјава во рамките на нејзиниот евроинтегративен процес.
Од тие причини Македонија, како и другите земји од регионот, очекува јасен курс во новата германска надворешна политика, кој ќе ѝ го врати приматот на земјата како лидер на ЕУ, а во тој контекст и процесот на проширување на Унијата да биде заснован врз исполнување на Копенхашките критериуми и со почитување на европските принципи и вредности.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува уште поблиски врски со Германија и дополнително продлабочување на билатералните односи.
– Со идниот канцелар Мерц се познаваме и од рамките на Европската народна партија и сега се видовме на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Ценам дека досегашните добри партнерски билатерални односи во иднина ќе бидат уште поголеми. Ќе ве потсетам, многумина од големците на ЦДУ од најтесниот периметар на идниот канцелар Мерц доаѓаа кај нас, како што е господинот Баер, кои се наши лични пријатели и очекувам да имаме исклучително добри билатерални односи со Германија и со Владата предводена од канцеларот Мерц – рече Мицкоски.
Вонредниот професор на теоретски правни науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Александар Спасов, во изјава за „Дојче веле“, вели дека Европа ќе треба да гради своја автономна надворешна политика, а Македонија и другите земји од регионот ќе мораат да најдат начин како своите надворешнополитички приоритети и политики да ги усогласат со новата надворешна политика на Германија и ЕУ.
– Ако ЕУ сака навистина да изгради своја стратегиска автономија, ќе мора да најде компромис меѓу ригорозните услови и геополитичкиот интерес, кој апсолутно налага овој регион да биде интегриран во ЕУ. Тоа подразбира обврски и за С. Македонија, бидејќи членството во ЕУ подразбира, меѓу другото, и усогласување со европската надворешна безбедносна политика. Ние како С. Македонија и другите земји од регионот ќе мора да најдеме начин како своите надворешнополитички приоритети и политики да ги усогласиме со новата надворешна политика на Германија и ЕУ или макар со западниот дел на Унијата. Тоа е една двонасочна улица, ќе има обврски и на едната и на другата страна – објаснува Спасов.
Тој нема дилеми дека идниот германски канцелар Фридрих Мерц принципиелно ќе го поддржува проширувањето на Европската Унија, иако, според сегашните изјави, нема преголем ентузијазам во врска со овој процес.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов смета дека Германија ѝ е значаен партнер на Македонија, особено во делот на економската размена, така што повеќе од неопходно е Македонија да се усогласи со германските и европските надворешни политики.
– Коспонзорството на американската резолуција за Украина секако ќе влијае на идните македонско-германски односи и мислам дека таа одлука не беше нашето најдобро решение. Мора институционално да ја креираме надворешната политика, а тоа значи ако целиме кон членство во ЕУ, треба да ја усогласуваме таа политика со европската. А Германија има намера да ја предводи таа идна европска политика, така што не знам како сега ќе градиме блиски односи со новата германска влада кога постапивме спротивно на германските очекувања. Надворешната политика се води институционално и секогаш треба да биде така, наместо поединци да одлучуваат кој курс ќе го заземе земјата. Искуствата од минатото го покажаа тоа. Почна Заев сам да ги води преговорите со Грција и видовме што ни се случи со Преспанската спогодба. Истото тоа го направи и Бујар Османи и заглавивме со Договорот со Бугарија, така што требало добро да се осмисли одлуката пред да се влезе во коспонзорство. Сега со Германија ќе мора да ги пегламе односите – смета Јањатов.
Според него, Македонија не е некој голем меѓународен фактор да си презема такви обврски врз својот грб.
Некои од добрите познавачи на македонско-германските односи сметаат дека Македонија не треба да има големи очекувања од новата германска влада предводена од Мерц бидејќи таа во прв план ќе се фокусира на внатрешните проблеми на Германија.
– Точно е дека станува збор за сестрински партии, но клучно за новата германска влада ќе биде да ги среди состојбите дома. Она што веќе е воспоставено како економска соработка ќе продолжи да си функционира, а во наш интерес е брзо да се консолидираат германската економија и автомобилскиот пазар, имајќи предвид дека добар дел од македонското производство наменето за Германија е токму во тој сегмент. Бизнисот непречено ќе си врви, несомнено, додека во делот на германската надворешна политика, тоа допрва ќе треба да видиме, дали Мерц ќе претендира да стане новиот германски лидер на чело на ЕУ или, пак, ќе му го препушти тој примат на Макрон. И обајцата не се многу наклонети кон проширувањето, барем не на брза лента, така што Македонија ќе има време да ги адаптира политиките во согласност со новиот германски пристап. Како и да е, пред македонската дипломатија е сериозен предизвик како да се постави во овие нови ситуации, без да ризикува загрозување на односите со кого било – констатираат соговорниците.