ЕУ ВО ПОТРАГА ПО СВОЕТО МЕСТО ВО НОВИОТ СВЕТ
- Јасно им е и во Брисел дека во украинската криза ЕУ крахираше како уникатна организација, но и дека по делумното сечење на папочната врвка со САД, таа е изложена на влијанија, економска зависност, воено разединета без моќ да им парира на големите ајкули. Во моментов има повеќе варијанти каде е нејзиниот излез, но главна е проектот на Германија за Европа во две брзини (деголистички модел), каде што шест држави би ја воделе Европа со изгледни шанси за брз прием на нови членки. Вториот модел е повеќе од утопија, а тој е повикот на Марио Драги за Европа како вистинска федерација
Веќе две децении европските мозоци засилено бараат нови модели за Европа за таа да остане во трка со растечките суперсили, кои веќе стануваат империи со идеи за ширење на своите територии или влијанија. Да ги спомнеме главните три: Кина, САД и Руската Федерација, кои можат да сметаат на поддршка од своите „сателити“ или регионални играчи, а зошто не – и вазали, кои ќе имаат улога на продолжена рака. Јасно им е и во Брисел дека Европската Унија задоцни на многу полиња. Затоа сега, откако Доналд Трамп води јасна политика на кинење на старите врски со Европа, Брисел мора да бара решенија.
На масата стојат повеќе, а можеби многу ќе бидат зачудени што старите политички идеолошки платформи, кои главно се делат на социјалдемократи и демохристијани, веќе не постојат, па дури и таканаречените „зелени“ веќе отидоа во црвените политички кампови. Тоа е и еден вид стрес-тест за европските политички елити, кои полека покажуваат знаци на сериозна слабост.
ГЕРМАНСКИТЕ „ПАНЦИРИ“ ГО УРИВААТ ФЕДЕРАЛНИОТ МОДЕЛ НА ДРАГИ?
На маса се повеќе модели за спас на Европа, и овој пат ќе кажеме дека во некои се зборува за Европа, а не само за ЕУ, при што и тука остануваат дилеми – до каде се тие граници на новата Европа? Како последен модел што се фаворизира е тој зад кој цврсто стои Германија, како лидер, заедно со Франција, Италија, Шпанија, Холандија и Полска, кои фаворизираат една стара идеја, односно моделот „Европа во две брзини“. Наједноставно кажано, овие шест држави би биле европската локомотива во економска, технолошка и воена смисла, а како што тие ќе стануваат сѐ посилни таа сила ќе треба да се префрла и на другите членки на Унијата. Кои ќе бидат тие, дали ќе има подвизи или не – ние не знаеме, а веруваме дека планерите и тоа го решиле. Каде е во тој план местото на Македонија, и тоа не е сосема јасно. Она што е оптимистички за нас е тоа што токму Германија стои зад предлогот приемот на нови членки да се одвива со квалификувано мнозинство, а не со консензус, за да се избегне ветократија. Сепак, и тој принцип не им гарантира на земјите кандидати дека би можеле да влезат во клубот, зашто постои можноста од групирање или солидаризирање на една членка од повеќе други. На пример, зад бугарското вето за Македонија да застане еден блок на држави. Истата судбина може да ја снајде и Србија или Украина, но генерално и сите кандидатки.
И вториот модел што се предлага е стар, да се изразиме колоквијално, идеја од нафталин. Неа сѐ погласно ја популаризира Марио Драги, италијански политичар и бивш директор на Европската централна банка, кој со еден свој тим работеше на обемна студија за тоа каде и како треба да се движи Европската Унија. Според него, излезот е во вистинска федерација, во еден заеднички дводомен парламент, кој ќе ја преземе суверената улога на националните парламенти. Оваа идеја никогаш не фатила корен, а дали сега е моментот за федерализација на Европа е прашање за кое многумина имаат сериозни дилеми. Првата е дека „Европа нема демократска ДНК“ и, колку и да звучи ова пропагандистички, сепак тоа се тези што доаѓаат од академска сфера. Во моментов можеме слободно сликовито да се изразиме дека германските „панцири“ (политичката елита предводена од канцеларот Мерц, кој најде близок партнер кај Италијанката Мелони) го уриваат федералниот ѕид на Европа на Марио Драги.
ЕВРОПА ВО НУКЛЕАРНАТА ВИЗИЈА НА ЈОШКА ФИШЕР
Третиот модел може да им се допадне на многу политички лидери, но е и ризичен, зашто може да добие несакан и сериозен контраодговор – тоа е милитаризација на Европа. Милитаризација да одвраќа, да се заканува, но и начин како да ја зајакне економијата, која покажува сериозни знаци на слабеење. Пред сѐ тука се мисли на економскиот мотор Германија. Последниот во низата економски лоши резултати го забележа една од иконите на германската економска моќ – „Бош“, кој отпушти неколку илјади вработени. Кога зборуваме за милитаризацијата на континентот треба да ја подвлечеме неодамнешната, сепак повторена од лани, идеја на некогашната перјаница на европските зелени, Германецот Јошка Фишер, кој, гледај чудо, некогаш се бореше против нуклеарната енергија, а сега повикува на тоа дека „Европа треба да направи нуклеарна бомба“. Европа предводена од Германија, значи не само неговата земја, што би рекле заедничка европска нуклеарна бомба. Дали работите отидоа предалеку? И дали ќе излезат од контрола? Постојат ли меѓународни механизми да го издржат овој „нуклеарен залет“ што го предлага Фишер?
Каде е излезот што би ја одвел Европа на свои нозе, една помоќна Европа? Дали во федерализацијата, дали во тврдењата дека токму цврстото држење за својот уставен идентитет како демократска унија на демократии или, пак, дојде време Европа да вози во две брзини? И дополнително – дали во тоа забрзано возење на шесте водечки економии би им се приклучило Обединетото Кралство? Дилема, зашто по брегзит секој остана со свои отворени рани.
Овие различни концепти само ја заплеткуваат целата состојба и со Македонија, зашто сега е уште појасно дека ништо не е јасно. За федерализмот. Самиот Драги вели дека не постојат политички услови за создавање федерална држава Европа во моментов и ги повика политичките лидери да усвојат практичен пристап кон европската интеграција. Тој особено предложи формирање „коалиции на оние што се волни“ со цел да се обезбеди понатамошен напредок на патот кон сè поблиска унија меѓу народите на Европа. И ако се постигне некаков консензус за ова, треба да потсетиме дека требаа цели 75 години од формирањето на Заедницата на јаглен и челик за ЕУ да стане тоа што е денес со 27 членки, за кои, пак, се вели дека некои не ни заслужиле да бидат таму.
Кој е клучниот проблем што сега е испречен пред Брисел, а тоа е секако со последици кон другите и членки и тие што тропаат на вратите на Унијата? Треба да се вратиме во педесеттите години на минатиот век, кога се кршат два концепта – едниот на Жан Моне, кој се залага за тоа националните држави дел од суверенитетот да пренесат на силни европски институции, односно супрационалност, додека, пак, Шарл де Гол е за тоа Европа да ја водат најмоќните. Европа во две брзини е токму тоа – шесте најмоќни држави да ја водат Европа, а тоа значи дека ќе опаѓа силата пред сѐ на Европската комисија, но и на Европскиот парламент, па дури и на Европскиот суд на правдата. Дали Де Гол го победи Моне? Можеби е прерано да се заклучи ова, но европската локомотива оди на таа пруга.
Ќе ги истакнеме зборовите и главниот аргумент на Марио Драги зошто е тој за прагматична федерализација. Тој смета дека ваква ЕУ е слаба, фрагментирана и подложна на влијанија и дури и на субординација. Тој предупредува дека многу од членките се слаби и се подложни на влијание надвор од Унијата. Денес е модерно да се каже дека ако не си на масата, тогаш си на менито, и тоа е во некоја рака пораката на Драги – ЕУ е на менито, шведска маса со 27 избори за вечера.
Македонија со суверенистички приод во европската приказна
Но дали е утопија да се зборува дека Европа ќе биде една нација, со една валута, со еден парламент и едно судство, со заедничка војска,но сепак со многу јазици, како последен остаток од сопствениот суверенитет? Дали европските нации се подготвени да ги жртвуваат својата историја и наследство за идна федерална Европа? И дали можеби ќе биде толку многу притисната од конкуренцијата што ќе мора да тргне по тој пат?
Се чини дека тоа е невозможна мисија, затоа што конечно Германија се профилира како суверен европски лидер, подготвена да ја преземе судбината на Европа со поддршка на уште пет држави.
Тоа е европската приказна, која е будно следена од конкурентите. Секој нејзин потег ќе биде внимателно следен и за очекување е дека ќе има реакции и од другите глобални играчи. Нејзината тромост и подреденост во однос на Америка се прекршија во Украина, каде што таа како уникатна организација е поразена. Денес не се зборува за меркелизам како победнички концепт или за макронизам, кој повеќе се става во губитнички рамки, туку за деголизам. Секако дека ова е збунувачко, но тоа е Европа. Таа, и покрај сѐ, тешко може да излезе од своето наследство.
Ние можеме да кажеме – нека ни е со среќа и да веруваме дека еден од тие концепти ќе даде резултати, а ние, како мала држава на која Европа вежбаше двојни стандарди, ултиматуми и притисоци и дозволуваше вета, ќе добиеме ако не иста, барем фер шанса како и другите. На нас останува да си го средиме дворот и да ја подреновираме куќата, инаку нема да оди на арно. Светот ќе станува сѐ посуров и понемилосрден. Пораката е – првин средување дома, што е суверенистички приод, кој треба да се форсира кристално чист, без какви било примеси на некаковси хермафродитски суверенистички концепт. Тоа ќе се препознае и ќе имаме сериозни последици. Х.И.
































