Фото: ЕПА

Брисел го признава, но тешко го поднесува разводот со Вашингтон

  • Европејците почнуваат да го прифаќаат прекинот на трансатлантската врска, дури и ако некои остануваат на негирање на реалноста

Глетката од минатото лето на која претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, со кренат палец нагоре и со широка насмевка стои покрај американскиот претседател Доналд Трамп на неговото голф-игралиште во шкотски Тарнбери, претставува горчливо сеќавање за лидерите на Европската Унија. Таа симболизира слика за Европа потчинета на диктатите на американскиот претседател со прифаќање на неговите царини од 15 отсто за европските производи. Трговскиот договор што некои го сметаат за срамен, други за нужно зло, требаше да донесе стабилност и предвидливост, според претседателката на Комисијата. Но шест месеци подоцна, Трамп ѝ се заканува на Европа со нова трговска војна, со дополнителни царини од 10 отсто на 1 февруари и 25 отсто на 1 јуни, сè додека не успее да го добие Гренланд. Ова е покрај царините од 200 отсто за француските вина и шампањи што се појавија во последните часови. По една година од вториот мандат на републиканскиот милијардер, Европа почнува да ја сфаќа суровата реалност.
Токму Фон дер Лајен, зборувајќи на Светскиот економски форум што се одржува неделава во Давос, Швајцарија, ја доведе во прашање доверливоста во Трамп откако тој најави нови тарифи за европските сојузници поради прашањето за Гренланд. Шефицата на ЕК во таа пригода порача дека трговскиот договор од јули мора да се почитува.
– Надежите за помирување завршија, времето за преговори заврши, сега е време за храбри одлуки. Соединетите Американски Држави не се однесуваат како сојузник – забележува Валери Хајер, претседателка на центристичката група Обнова во Европскиот парламент.
Првата последица од новонастанатата ситуација се однесува на ратификацијата на Договорот од Тарнбери (треба да ги намали царините за американските производи увезени во Европа на „нула отсто“), бидејќи процесот е суспендиран од мнозинските партии во Парламентот во Стразбур.
– Ние сме на пресвртница. Сега, единствената агенда што е важна е потврдувањето на европскиот суверенитет. Дури и ако тоа значи прифаќање одреден степен на изолација – додаде Рафаел Глуксман, европратеник од Плас публик.

Европа заткулисно подготвува одговор за САД

Дури и пред пристигнувањето на Трамп и неговата придружба на Светскиот економски форум во Давос, некои од европските лидери сакаа да им дадат на преговорите последна шанса. Меѓу нив беа Фон дер Лајен и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој се надева дека ќе се сретне со американскиот претседател во швајцарското одморалиште. Во меѓувреме Европејците заткулисно се подготвуваат за можен одговор на новите тарифи на САД, со ризик од ескалација. Станува збор за список на контрасанкции насочени кон американски производи во вредност од 93 милијарди евра, изготвен минатата година, а потоа суспендиран, кој е подготвен да биде распореден уште на 6 февруари.
За францускиот претседател Емануел Макрон време е да се искористат, како што вели тој, „многу моќните“ алатки што им се на располагање за да се одговори на офанзивата на американскиот претседател, која, според него, „отворено има цел да ја ослабне и потчини Европа“.
За да продолжат понатаму, 27-те земји членки на ЕУ треба да разговараат, на вонреден самит свикан за денеска во Брисел, за можноста за користење на нивната таканаречена „финансиска базука“, инструментот против принуда. Тоа би им овозможило да ги блокираат американските инвестиции, да ја укинат примената на нивните патенти и права на интелектуална сопственост, да го намалат увозот или да спречат пристап до јавни набавки. Нов развој во споредба со минатата година е тоа што Германија наводно е подготвена да ја поддржи Франција во ставањето на овој инструмент на маса на 1 февруари, ако Трамп ги оствари своите закани.
Тоа би можело да значи исклучување на американските економски гиганти „Нетфликс“, „Амазон“ или „Гугл“ од европскиот пазар, дури и ако ги лиши потрошувачите од услуги што станале дел од нивниот секојдневен живот. Без да одат нужно толку далеку, европските лидери ќе ја тестираат својата решителност за време на овој првичен состанок закажан за вечерва. Комисијата утре ќе свика „колеџ за безбедност“ за да ги преточи своите намери во конкретни мерки. Сепак, не се очекуваат спектакуларни најави.
– Европската цврстина ретко е момент на воодушевување – предупредува европратеничката Натали Лоазо (Хоризонти).
Но, според неа, постојат растечка свест кај јавноста и нов развој во споредба со минатата година во деловната заедница за потребата да се наметне нејзиниот авторитет.
– Разводот е пред финализирање. Европејците „веќе не се надеваат дека ќе го спасат бракот; во најдобар случај, се надеваат дека еден ден повторно ќе станат добри пријатели“ со Американците – резимира Натали Точи, аналитичарка во Римскиот институт за меѓународни односи, во онлајн публикацијата „Инсајдер“.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција


Давос 2026: Гренланд, Арктикот и новиот геополитички компас на светот

Светските лидери се собраа на Светскиот економски форум во Давос, но темите што доминираат не се само економски. Гренланд, Арктикот и новите глобални сојузи стануваат симболи на длабоките промени во меѓународната политика. Она што прво може да изгледа како „егзотика“,имено опсесијата на Трамп со Гренланд, всушност е прозорец кон пошироката слика на новата геополитичка реалност, која се отвора токму во Давос!
Токму Светскиот економски форум во Давос во 2026 година осветлува една нова слика на светот што се гради пред нашите очи. Давос, а и ние со него сме сведоци на почетокот на историското јавно признавање на светските лидери дека во игра влегува нов, мултиполарен поредок, и тоа низ различни форми и геополитички комбинаторики, па и конфликти. Но Гренланд не е крајна цел на конфликтот, туку активирачка точка во сложената мрежа на моќ. Контролата над островот значи стратешка предност во Арктикот – центар на енергетски ресурси, воени коридори и идни трговски патишта. Оттука се пренесува влијание врз Русија, Канада и Европа. Трамп не ја крие оваа стратегиска визија, јавно изјавувајќи дека Гренланд е „императив за националната и глобалната безбедност“, со што ја потврдува сериозноста на американскиот интерес во регионот.
Паралелно, Трамп го користи британскиот спор за островите Чагос како илустрација за слабоста на традиционалните сојузници, нагласувајќи дека современата геополитика бара проактивна и прагматична стратегија. Тој ја промовира визијата за „буден империјализам“ на САД, каде што националните интереси не се жртвуваат за реторика на солидарност.
Од европска страна, реториката звучи значително поархаично, но и нејзината тежина не е мала. Каја Калас и Урсула фон дер Лајен ја реафирмираат потребата од принципиелност и мултилатерализам. „Ниту една земја нема право да заземе туѓа територија, ниту во Украина, ниту во Гренланд, никаде во светот“, рече Калас. Фон дер Лајен повика на „нова независна Европа“, која треба да најде свој глас во светот во кој старите поредоци повеќе не функционираат.
Работите во Давос се осветлени од една друга, реална перспектива. Давос 2026 ја открива суштината на пресвртот во светската политика: сојузите стануваат условни, а принципите и националните интереси понекогаш се во контрадикција. Светската јавност е сведок на јавното признавање дека глобалната сцена се менува, и тоа брзо. Контролата над стратешки точки како Гренланд, позиционирањето кон Арктикот и начинот на кој земјите балансираат помеѓу соработката и конкуренцијата ќе го дефинираат следниот геополитички поредок.
Дали Давос ќе остане само платформа за економски и реторички изјави или ќе стане место каде што лидерите јавно ги признаваат новите историски, политички и безбедносни реалности? Одговорот ќе се дава низ чекорите што следуваат на теренот – во Арктикот, Европа и пошироко. Но една работа е јасна: светот што се гради пред нашите очи е поинаков, а Давос само го осветлува патот кон него. Р.Н.М.


Бриселските либерални елити на тест

Додека нема состанок на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен нема легитимитет да изрази цврстина што 27-те земји членки не ја побарале, предупредува Натали Лоазо. Состанокот на шефовите на држави и влади, закажан за денеска во Брисел, ќе фрли повеќе светлина врз нивната решеност да воспостават рамнотежа на моќ со Соединетите Американски Држави.
Некои се залагаат за најсилниот можен став, како што е Емануел Макрон, кој во вторникот во Давос повика на отфрлање на „законот на најсилниот“, велејќи дека претпочита „владеење на правото пред бруталноста“. Неколку часа пред својот говор, Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царина од 200 отсто на француските вина и шампањи откако Париз одби да се приклучи на „мировниот совет“ што тој планира да го формира за решавање на меѓународните конфликти.
За разлика од претседателот Макрон, и други лидери, како што е италијанската премиерка Џорџа Мелони, се залагаат за деескалација по секоја цена.
– Малата европска воена експедиција на Гренланд не беше одлична идеја – вели Никола Прокачини, близок соработник на италијанскиот премиер и копретседател на групата на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) во Стразбур.
Германија, од своја страна, сè уште не ја покажала својата позиција, а нејзината позиција ќе биде клучна за тоа што ќе се случи следно. Канцеларот Фридрих Мерц се надева дека ќе ја смири кризата – тој треба да се сретне со Доналд Трамп во Давос в среда – и останува претпазлив, со оглед на тоа колку е чувствително прашањето за трансатлантските односи во Германија, особено во рамките на неговата политичка партија ЦДУ.
– Ќе има обединет и јасен европски одговор на заканите за царини на претседателот Трамп, а ние сега подготвуваме решителни контрамерки со нашите европски партнери – изјави во понеделникот Ларс Клингбеил, министер за финансии на социјалдемократите.
Блиските до Фридрих Мерц велат дека сега се подготвени да ги користат сите достапни алатки доколку Доналд Трамп ги оствари своите закани за зголемување на царините на 1 февруари. Царинските контрамерки, кои опфаќаат американска стока во вредност од 93 милијарди евра, за кои 27-те земји членки се согласија во јули минатата година во случај на неуспешни преговори со Вашингтон, лесно можат да се реактивираат.
И Берлин, како и Париз, сака инструментот против принуда да биде на маса. Оваа алатка за трговска одбрана, која никогаш порано не е користена, ѝ овозможува на Европската Унија (ЕУ) да преземе одмазднички мерки – исклучување од европските јавни набавки, блокирање одредени инвестиции, зголемување на царинските давачки итн. – против трета земја што се обидува да се меша во политичките избори на ЕУ или на една од нејзините земји членки преку економска уцена.
– Треба да ја овластиме Комисијата да работи на ова за да можеме потенцијално да одлучиме за ова прашање уште на 1 февруари, доколку е потребно – тврди извор во Берлин.
Во тој случај, продолжува изворот, „многу е веројатно“ дека Германија ќе гласа за.
– Алатките се на маса, но оваа недела мора да биде посветена на дискусии. Да го направиме тоа на европски начин, а не на начинот на Трамп – инсистира Германецот Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија, чија главна делегација е ЦДУ/ЦСУ, повикувајќи ги Европејците „да не охрабруваат ескалација во овој момент од историјата“.
Сепак, Фридрих Мерц нема да пристигне со празни раце в среда на средбата со Доналд Трамп. Елиминацијата на сите царини за американската стока, која, како и зголемувањето на 15 отсто од царините за европскиот увоз во САД, беше вклучена во трговскиот договор склучен меѓу ЕУ и САД на 27 јули минатата година, е одложена на неодредено време. Европскиот парламент нема намера да го одржи гласањето што би го зацврстило договорот, како што повторија во Стразбур во вторникот Манфред Вебер, Ирактсе Гарсија, неговиот колега од социјалдемократската партија (С&Д), и Валери Хајер.
– Соединетите Американски Држави треба двапати да размислат за ова, со оглед на тоа што нивниот извоз во ЕУ претставува 500 милијарди евра годишно – истакна Хајер.
Никола Прокачини, кој верува дека би било „грешка да се суспендира овој договор“, останува изолиран глас. Т.Г.


Урсула фон дер Лајен подготвува нова европска безбедносна
стратегија и ја нагласува потребата ЕУ да стане „воена сила“

По Давос, ЕУ тргнува кон формирање европска армија од сто илјади војници, која на крајот ќе го замени американското присуство

Некои сè уште веруваат дека едноставното стискање заби до крајот на претседателството на Трамп би било доволно. Европа нема да се откаже од осумдесет години трансатлантски односи, изјави минатата недела шефицата за надворешна политика на ЕУ, Естонката Каја Калас. Италијанската премиерка Џорџа Мелони сака да направи сè што е можно за да ја спаси оваа врска.
– Дали треба да се дистанцираме до точка на напуштање на НАТО? Да ги затвориме американските бази? Да ги прекинеме трговските односи? Да го нападнеме „Мекдоналдс“? – праша таа провокативно.
Овие прашања сепак се поставуваат. Завчера во Давос, францускиот претседател Макрон се пожали на „ослабената институција“ на НАТО. Соочени со нападите од американскиот претседател Трамп, Европејците тивко размислуваат каква би била Алијансата без нејзиниот најголем акционер. Иако се согласија да издвојат пет отсто од својот БДП за НАТО под притисок од американскиот претседател, тие разбраа дека тоа е во нивен најдобар интерес. Во тек е трка со времето за постигнување самоодржливост во одбраната до 2030 година, рокот до кој, според неколку разузнавачки служби, би можел да се случи руски напад врз членка на НАТО. Сепак, како што покажа во минатото солидарноста на неколку сојузници, вклучително и Данска, САД имаат корист од својата улога во НАТО. Радикален прекин би можел да ги лиши од своите триесет и една база во Европа, каде што се стационирани речиси 80.000 војници – главен елемент на американската моќ.
Очекуваното намалување на оваа сила фрла сомнеж врз безбедноста на Европа. Европскиот комесар за одбрана, Андриус Кубилиус, ја оживеа долгогодишната идеја за европска армија од 100.000 војници, која би почнала наскоро, и која на крајот ќе го замени американското присуство. Тој исто така го спомена и создавањето на Европски совет за безбедност. Во меѓувреме, Урсула фон дер Лајен подготвува нова европска безбедносна стратегија и ја нагласува потребата да станеме „воена сила“.
– За една година, направивме повеќе за нашата одбрана отколку во неколку децении претходно – истакнува таа. И важноста на намалувањето на зависноста од американската воена опрема, како што се авионите Ф-35 што неодамна ги нарача Копенхаген – авиони што можат да бидат приземјени од далечина доколку Вашингтон смета дека е потребно – станува сè појасна.
– Притисокот врз европската безбедност е многу интензивен. Бродот се преориентира без да се судри со ледениот брег. Мораме да забрзаме и да се консолидираме, преземајќи ги сите потребни мерки за да ја одржиме линијата – признава еден дипломат во изјава за париски „Фигаро“.
Европејците имаат средства за промена на курсот, но ризикуваат да бидат спречени од сопствените идеолошки предрасуди. Притисокот од Трамп и културолошката војна што ја води неговата администрација можат да се трансформираат во можности за Стариот Континент.
– Европа е посилна отколку што изгледа; би било добро да се признае тоа – неодамна тврдеше еден нордиски шеф на влада во Брисел. Целосно зависи од Европа да го забрза напредокот во технолошкиот суверенитет, пазарите на капитал и ревитализацијата на единствениот пазар. Соочена со повторното оживување на империјализмот, Европската Унија се гледа себеси како последен бастион на мултилатерализмот. По потпишувањето на контроверзниот договор со земјите од Меркосур, таа преговара на сите фронтови – со Индија, Обединетите Арапски Емирати, Австралија и со повеќето земји од Југоисточна Азија – надевајќи се дека ќе ги компензира тешкотиите со својот примарен пазар, Соединетите Американски Држави. Т.Г.


Вашингтон не очекува силен одговор од Европејците

Неизвесноста би можела да се врати и на пазарите. Во основата на ова е ризикот од ескалација на царините, со последици „врз обемот на трговијата“, „врз синџирите на снабдување“ и „врз трговските патишта“, забележува Рубен Низард. Притоа тој нагласува во „Фигаро“: „Ако Франција се оданочи со 25 отсто почнувајќи од 1 февруари, додека Луксембург и Белгија останат на 15 отсто, ќе видиме зголемување на извозот во тие земји и ќе се појават трговски нарушувања“.
Згора, со тоа што опфаќа само осум земји од Европската Унија, Доналд Трамп „не ја нишани ЕУ како целина“ и „демонстрира желба да го поткопа единството на групата“, анализира Рубен Низард, што го отежнува заедничкиот и координиран одговор. Ова ќе има специфични последици за секоја земја. За Франција, студиите покажаа дека зголемувањето од 10 отсто на американските царини би можело да го намали растот од 0,2 до 0,3 процентни поени во рок од 18 месеци, во контекст каде што француските економски прогнози веќе се релативно слаби.
По заканите на Доналд Трамп, Урсула фон дер Лајен сè уште смета на преговори, додека Европскиот парламент останува поделен. Претседателката на Европската комисија се надева дека ќе го вразуми американскиот претседател. Но додека Европската народна партија, најголемата група во парламентот, стравува од ескалација, социјалдемократите и либералите веруваат дека е време да заземат поцврст став.
Во Вашингтон не се очекува силен одговор од Европејците на најновите закани на Доналд Трамп.
– Не мислам дека ќе се борат многу – изјави американскиот претседател завчера, повторувајќи ја својата намера да ја анектира автономната данска територија Гренланд и да ги зголеми, почнувајќи од 1 февруари, тарифите на шесте земји (Франција, Германија, Данска, Шведска, Холандија и Финска) што го изразија своето противење на неговиот план со испраќање војници.
– Претпоставувам дека 27-те ќе формираат импозантна европска работна група, која се чини дека е нивното најмоќно оружје – се пошегува американскиот министер за финансии Скот Бесент пред неколку новинари, вклучувајќи ги и оние од „Фајненшл тајмс“, на Светскиот економски форум во Давос во понеделникот.
Мора да се каже дека, во изминатата година, наместо да ги покажат своите мускули, Европејците фаворизираа помирување и дијалог. Дури и ако тоа значи прифаќање, во јули 2025 година, неурамнотежен трговски договор со Соединетите Американски Држави и проектирање на сликата за слаба Европа.
Говорот на Урсула фон дер Лајен, завчера во Давос, Швајцарија, не даде никакви индикации дека претседателката на комисијата ќе ја промени стратегијата. Иако повика на цврст одговор на нападите на Доналд Трамп, таа не прецизираше каков би можел да биде тој одговор. Уште полошо, во последните денови, Европската комисија повторно даде впечаток дека прави сè што е можно за да го смири Вашингтон.
Брисел во понеделникот одлучи да го одложи, од 28 јануари до 25 февруари, презентирањето на законодавниот предлог – „индустриски акцелератор“ – кој особено има цел да го промовира концептот „Произведено во Европа“, за што Вашингтон не е најжесток поддржувач. Слично на тоа, комисијата ја одложи одлуката со која Вотсап, како „многу голема платформа“, ќе биде подложен на најстрогите европски дигитални регулативи. Комисијата тврди дека овие две одложувања не се поврзани со превирањата во трансатлантските односи, туку со внатрешните процеси на донесување одлуки. Т.Г.