Фото: „Нова Македонија“

Европската унија, руските замрзнати пари и празниот буџет на Киев:

  • Сега, со интензивирањето на мировните преговори, прашањето за замрзнатите руски средства доби нова итност. Европските претставници сугерираа дека новиот мировен напор на американскиот претседател Доналд Трамп би можел да помогне во зацврстувањето на поддршката за планот за користење на замрзнатите руски средства за заем за репарации

Европските земји итно работат на резервен план за да спречат Украина да остане без пари на почетокот на следната година, во случај на отсуство на договор за присвојување на замрзнатите средства на Русија за финансирање на воените напори на Киев, објавуваат светските медиуми.
На самитот пред еден месец, лидерите на Европската Унија се надеваа дека ќе се согласат за предлогот за користење на замрзнатите резерви на Москва за „заем за репарација“ од 140 милијарди евра за Украина, но идејата наиде на жесток отпор од Барт де Вевер, премиерот на Белгија, земјата каде што се чуваат парите.
Сега, со интензивирањето на мировните преговори, прашањето за замрзнатите руски средства доби нова итност. Европските претставници сугерираа дека новиот мировен напор на американскиот претседател Доналд Трамп би можел да помогне во зацврстувањето на поддршката за планот за користење на замрзнатите средства за заем за репарации. Парите би можеле да ѝ бидат вратени на Москва доколку Русија се согласи да ѝ плати воена отштета на Украина, според планот.

Се очекува правен нацрт-текст за заемот за репарации

Дипломатите на ЕУ очекуваат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да им наложи на своите претставници да презентираат правен нацрт-текст за заемот за репарации во рок од неколку дена. Но и покрај интензивните разговори меѓу Белгија и комисијата во последните недели, Де Вевер сè уште има загриженост за правните одговорности и ризикот од одмазда од Москва доколку руските средства се користат за заемот.
Затоа, претставници на Брисел сега се насочени кон тоа како да ѝ помогнат на Украина во случај предлогот за заем за репарации да не биде составен навреме, за лидерите на ЕУ да го одобрат на самитот на 18 декември.

Иницијална поддршка за опцијата за премостувачки заем

Поддршка добива опцијата за премостувачки заем, финансиран од задолжување на ЕУ, за да се одржи Украина на површина во текот на првите месеци од 2026 година, според четворица функционери. Тоа би овозможило повеќе време за поставување на целосниот заем за репарации, користејќи ги руските средства на начин со кој Белгија ќе се согласи, за да се обезбеди долгорочно решение.
Двајца дипломати рекоа дека од Украина би можело да се побара да го врати почетниот премостувачки заем на ЕУ, откако ќе добие финансирање од долгорочниот заем за репарации. Друга можност би била долгорочно решение што вклучува комбинација од заемот за репарации и заедничко задолжување на ЕУ.
Претставниците на земјите од ЕУ ги разгледаа опциите со Европската комисија на состанок во Брисел во вторникот. Земјите, вклучувајќи ги Франција, Германија, Холандија, Литванија и Луксембург, ја притиснаа комисијата да постигне напредок во предлозите за финансирање на Украина, според еден функционер информиран за дискусијата.
Изгледите за модел на мостовно финансирање беа активирани на 4 ноември од страна на комесарот за економија на ЕУ, Валдис Домбровскис. Комисијата е свесна за потребата итно да се најде решение, а Киев предупреди дека се соочува со ризик од снемување финансии во првите неколку месеци од следната година.
Во вторник, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека сојузниците на ЕУ ќе финализираат „во наредните денови“ решение што ќе „обезбеди финансирање“ и „ќе ѝ даде видливост на Украина“.

Нема интерес за користење на националните буџети за финансирање на
Украина

На подолг рок, заемот за репарации се смета за единствена опција. Нема интерес меѓу земјите членки на ЕУ да се насочат кон сопствените национални буџети за да испратат парични грантови за Украина. Многумина веќе се борат со буџетски дефицити и високи трошоци за задолжување. Затоа, убедувањето на Белгијците конечно да се приклучат се смета за клучно.
Сè уште има проблеми со создавање премостувачки заем со користење заедничко задолжување од ЕУ, кое некои коментатори го опишаа како „еврообврзници“, иако на други не им се допаѓа терминот. Можеби најголемата пречка ќе биде тоа што овој вид задолжување од ЕУ би барал едногласна поддршка од 27-те земји членки на блокот, а Унгарија долго време се спротивставуваше на новите мерки за финансирање на воените напори на Украина.
Друг фактор ќе биде обновената динамика за мировен договор, бидејќи тимот на американскиот претседател Трамп се обидува да ги приближи претставниците од Украина и Русија кон договорни услови. Р.С.


Претседателката на Европската комисија ветува забрзување на заемот од 140 милијарди евра за украина

Фон дер Лајен не отстапува од ставот „со руски пари да го финансира Киев“

Европската Унија ќе го забрза својот план за користење на замрзнатите руски државни средства за да се поддржи заемот од 140 милијарди евра за Киев, изјави завчера претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, откако финансиската шема за помош на Киев доби итност додека Русија и САД разговараат за ставање крај на оружениот конфликт во Украина. Но таа ја отфрли можноста за Европејците сами да ја финансираат помошта за Киев.
– Не гледам никакво сценарио во кое само европските даночни обврзници ќе ја платат сметката – рече Фон дер Лајен во говорот во Европскиот парламент, во кој вети и дека ќе презентира формален предлог за планот предвиден да овозможи помош за Украина, која е погодена од војната.
Брисел инсистира на тоа дрка средствата треба да се искористат за заем за Украина, која ќе остане без пари на почетокот на следната година. Р.С.