Зад целиот проект со европските вооружени сили стои францускиот претседател Емануел Макрон, кој уште пред неколку години јавно изјавуваше дека „ваквото НАТО е мртво“ и дека „Европа треба самата да го бара својот пат“. Малку е веројатно дека ваквите најави значат некаков крај на Алијансата, но отворено се наметнува дилемата дали можеби станува збор за еден вид безбедносно фракционерство во рамките на НАТО, кое по потреба би било претставувано како европска војска, а по потреба како Северноатлантски сојуз. Или, пак, зад сето тоа се кријат отворени амбиции, меѓу другите, и на еден де факто детронизиран лидер за да остане некаков „лидер“?
Анализа: Што се крие зад најавите за зајакнување на безбедноста на Европа
Огромно воено засилување тешко над 800 милијарди евра планира Европа во следниот период во обид да ја зајакне безбедноста на Стариот Континент, а улогата на европски безбедносен гарант и иницијатор за формирање европски безбедносни сили отворено ја презема Франција.
По минатонеделниот вонреден самит на дел од европските лидери во Лондон, поврзан со новонастанатата ситуација околу украинско-американските превирања, ново специјално заседание на Европскиот совет се одржа вчера во Брисел каде што одново на дневен ред се најде темата за Украина, а во тоа светло и на европската безбедност. Сето ова вонредно заседавање се случува откако стана јасно дека САД ја туркаат идејата за постигање брз мир меѓу Украина и Русија, наспроти европската позиција да не се дозволи руски триумф во тригодишната војна, дури тоа и да значи продолжување на воените дејствија, кои Европа отворено ги поддржува.
Заплашување на народот како алиби
Во поканата упатена до лидерите на земјите на ЕУ за учество на самитот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека Унијата и нејзините членки се подготвени да преземат поголема одговорност за безбедноста на Европа.
Најдалеку во темните прогнози за европската безбедност оди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која смета дека ЕУ мора брзо да реагира за да не се доведе во ситуација да биде загрозена нејзината безбедност, особено откако САД ја суспендираа воената помош за Украина.
– Европа се соочува со јасна и присутна опасност на ниво што никој од нас не го видел досега. Некои од нашите основни претпоставки се поткопани до својата суштина – кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Сепак, во светлината на сите овие големи геостратегиски прегрупирања, најмногу се експонира францускиот претседател Емануел Макрон во обид да се наметне како нов европски лидер што има намера одново да ја факторизира ЕУ, а со тоа и Франција како нејзин предводник. Во тој контекст може да се толкува неговото завчерашно обраќање до нацијата, во кое јасно стави до знаење дека потребата за зајакнување на европската безбедност сега е далеку поголема од кога било. Тој уште претходно во неколку наврати заговараше формирање европски вооружени сили, но сега оди и чекор подалеку, нудејќи им го францускиот нуклеарен чадор на европските партнери.
– Сакам да верувам дека САД ќе останат на наша страна, но мора да бидеме подготвени ако тоа не е случај – истакна Макрон во телевизиското обраќање до нацијата.
Сепак, клучниот проблем да се реализира идејата на Макрон за заедничка европска безбедност е тоа што европските безбедносни сили се поврзуваат со големите финансиски издатоци и нивната евентуална идна улога во Украина, што за дел од земјите членки не е прифатливо.
Во пресрет на вчерашното специјално заседание во Брисел, Макрон го покани на вечера унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е главниот противник за продолжување на војната во Украина, па иако нема детали од средбата, сепак одредени европски медиуми шпекулираат дека вечерата била свикана со цел да се омекне ставот на унгарскиот претседател, односно тој да го потпише планот за вооружување на Европа, без да ги потпишува заклучоците за Украина.
Фракционерство во рамките на европското крило во НАТО
Она што може да се насети од иницијативите што ги турка Макрон е дека тој на некој начин сака да направи извесна трансформација на европското крило на НАТО во еден вид европски воени сили што ќе бидат распоредени во Украина како дел од договорите за прекин на огнот или при евентуално склучување мировен договор. Овие планови се коваат откако Русија стави до знаење дека нема да дозволи мировници на украинска територија што се дел од НАТО, па Европејците играат на картата истите војници да бидат облечени во нови европски униформи. Дополнително, со евентуалното формирање европски вооружени сили би можело да се обезбедат безбедносните гаранции што ги побара Украина.
Како и да е, зад целиот проект со европските вооружени сили стои францускиот претседател Емануел Макрон, кој уште пред неколку години јавно изјавуваше дека „ваквото НАТО е мртво“ и дека „Европа треба самата да го бара својот пат“.
Малку е веројатно дека ваквите најави значат некаков крај на Алијансата, но отворено се наметнува дилемата дали можеби станува збор за еден вид безбедносно фракционерство во рамките на НАТО, кое по потреба би било претставувано како европска војска, а по потреба како Северноатлантски сојуз. Или, пак, зад сето тоа се кријат отворени лидерски амбиции на Макрон?
Макрон сака да се наметне како нов европски лидер
– Макрон сака да се обиде да стане нов европски лидер. Европа нема лидер уште од времето на Ширак и Кол, па затоа сега Макрон го користи овој вакуум-простор додека не е дојден Мерц и се обидува да се наметне со своите ставови, вклучително и оние за нуклеарниот чадор и европски безбедносни сили. Лично сметам дека тој не може да стане лидер бидејќи му претстојат избори во Франција, а малку е веројатно дека ќе ги добие бидејќи Французите ја загубија довербата во него. Се работи за негови лични амбиции да биде лидер и ништо повеќе – смета надворешнополитичкиот аналитичар и новинар Мирче Адамчевски.
Според него, идејата за европски вооружени сили е тешко остварлива бидејќи едноставно нема пари за толку голем проект.
– Сето тоа е добра идеја, но прашањето е од каде ќе најдат пари за такво нешто? Овој проект што го најавува Фон дер Лајен е обично размислување на европската бирократија, а другото е размислување на Макрон, кој сака да се наметне како лидер. НАТО ќе си остане, а Франција нема пари сама да го покрие европското небо со нуклеарниот чадор, туку пари ќе треба да даде ЕУ за да може Франција да профитира. Сѐ е интерес – заклучува Адамчевски.
И додека Макрон се обидува да се наметне како единствен европски лидер под чија команда би била и европската безбедност, пораките што пристигаат од неговата земја не се воопшто охрабрувачки. Имено, дел од француската политичка сцена се противи на ваквата воинствена реторика на Макрон, одбивајќи да се влегува уште подлабоко во руско-украинскиот конфликт и дополнително да се осиромашуваат земјата. Резултатите од анкетата на Елабе за БФМТВ објавена во вторникот, оваа недела, покажуваат дека три четвртини од Французите не се подготвени да платат повеќе даноци за да ја финансираат помошта за Украина.
Македонија да не избрзува, да анализира и да се води од своите интереси
Дел од домашните аналитичари посочуваат дека во една ваква ситуација Македонија треба внимателно и од дистанца да ги посматра сите случувања.
– Македонија е дел од НАТО, а во ноември минатата година како прва земја од регионот го потпиша договорот за безбедносно и одбранбено партнерство со Европската Унија. Тоа засега треба да остане нашата позиција бидејќи какво било избрзување и наклонување кон оваа или онаа страна може да нѐ стави во непријатна позиција. Впрочем, избрзувањето со промената на името се покажа како контрапродуктивно, бидејќи веќе за три години имаше нова реалност што можеше претходно да се предвиди и која ќе овозможеше зачленување во Алијансата и без таа болна отстапка. Како и да е, ние треба да се водиме исклучиво од македонските интереси, а не од нечии лидерски амбиции – заклучуваат соговорниците.
Лавров: Нуклеарната реторика на Макрон е закана
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија ја смета нуклеарната реторика на францускиот претседател Емануел Макрон за закана.
– Се разбира, ова е закана за Русија. Тој свикува состанок на началниците на генералштабовите на европските земји и Велика Британија тврдејќи дека е неопходно да се користи нуклеарно оружје подготвувајќи се за употреба на нуклеарно оружје против Русија, ова е, се разбира, закана – рече Лавров на вчерашната прес-конференција.
Тој, исто така, ја нарече „нејасна“ изјавата на Макрон за неприфатливоста на капитулацијата на Украина.
Лавров уште појасни дека испраќањето европски мировни сили во Украина е продолжување на заканата на режимот во Киев за војна против Русија.
– Овој план за испраќање мировници во Украина е продолжување на заканата на режимот во Киев за војна против нас – рече Лавров во интервју за весникот на руското Министерство за одбрана, „Краснаја звезда“.