Фото: „Нова Македонија“

Опсервација: Испраќање безбедносни сили во Украина од страна на ЕУ

Земјите од Европската Унија сѐ уште работат на планот за распоредување мултинационални трупи поддржани од САД во Украина, по војната, изјави претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, за „Фајненшл тајмс“ во неделата. Станува збор за потенцијални воени распоредувања што би биле дел од постконфликтните безбедносни гаранции поддржани од САД.
– Плановите на земјите членки се „јасна мапа на патот“ за можни распоредувања – истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека политичката одлука за учество во мултинационалните сили ќе зависи од поединечното изјаснување на земјите, потсетувајќи дека распоредувањето трупи е суверена одлука.
Фон дер Лајен, исто така, ја нагласи улогата на Европската комисија на полето на заедничката одбрана. Извршната власт на блокот може да игра клучна улога во помагањето на земјите членки да финансираат зголемени трошоци за одбрана, изјави таа за „Фајненшл тајмс“.


Критика од министерот за одбрана на Германија до претседателката на ЕК во врска со плановите за распоредување воени сили

Брисел нема компетенција, ниту е надлежен за испраќање војска во Украина

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја критикуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за нејзините изјави за потенцијалното распоредување трупи на ЕУ во Украина.
– Раководството на ЕУ нема ниту надлежност ниту компетенција за такви прашања, додека дискусиите треба да бидат приватни! – критикуваше јавно германскиот министер за одбрана Писториус.
Писториус ги даде овие забелешки додека разговараше со новинарите за време на посетата на производител на оружје во близината на Келн. Тој рече дека е „целосно погрешно“ јавно да се дискутира за потенцијално распоредување или какви било други воени безбедносни мерки за Украина во овој момент.
– Освен фактот дека Европската Унија нема надлежност кога станува збор за распоредување трупи – без разлика за кого или за што – би бил многу претпазлив во потврдувањето или коментирањето на ваквите размислувања на кој било начин – рече тој. Ретката критика од германскиот министер за одбрана доаѓа откако Фон дер Лајен тврдеше дека претставниците во престолнините на ЕУ работат на „мошне прецизни планови“ за распоредување мултинационални сили во Украина. Р.С.


Кој е внатре, а кој надвор од таканаречените сили за уверување – сочинети од воените сојузници на Киев?

Неколку од „најверните сојузници на Украина“ се подготвени да изнесат предлог пред таканаречените сили за уверување (европска војска на теренот на Украина), но не сите клучни играчи се согласуваат со ваквата идеја.

Групата сојузници, кои се нарекоа себеси Коалиција на подготвените, сè уште дискутираат за тоа какви безбедносни гаранции или поддршка на терен би можеле да ѝ понудат на Украина. Имено, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер првпат ја изнесоа идејата за сили за уверување, на почетокот на годината, предлагајќи евентуално распоредување на околу 30 илјади западни војници во Украина. Оттогаш околу 30 светски лидери застанаа зад иницијативата.
Но шест месеци подоцна, останува нејасно како всушност би изгледала таква сила (воена формација), како би функционирала и што точно би сакала и би можела да придонесе.
Помалку од половина од т.н. Коалиција на подготвените размислува да испрати свои војници во Украина (во воената формација на таканаречените сили за уверување). Земјите што јавно се колебаат со можноста за распоредување воени контингенти (а припаѓаат на т.н. Коалицијата на подготвените) се Австралија, Белгија, Канада, Естонија, Франција, Литванија и Обединетото Кралство.
Некои лидери беа претпазливи, нагласувајќи дека нивните сили нема да бидат испратени на фронтовските линии. Австралискиот премиер Ентони Албанезе ја поддржа идејата за „мировна“ мисија во неодамнешно интервју, додека чешката министерка за одбрана Јана Чернохова навести испраќање војници за „повоена реконструкција“.

Оперативната поддршка како алтернатива

Други лидери, што навидум не претпочитаат да ги распоредат своите војници во Украина, како алтернатива нудат оперативна поддршка и други форми на помош за „силите за уверување“. Полска, која се гордее со најголемата армија во Европската Унија по бројност, ја отфрли можноста за директно испраќање војници, иако премиерот Доналд Туск рече дека земјата би можела да обезбеди логистичка поддршка.
– Полска нема намера да испрати војници на мисија во Украина по завршувањето на војната – рече Туск на заедничка прес-конференција со својот канадски колега Марк Карни.
Финска, исто така, понуди помош со логистиката, но останува претпазлива во повлекувањето на војниците од сопствената граница со Русија, долга 1.350 километри. Шведска има намера да обезбеди мониторинг на воздушниот простор и поморски ресурси, додека романскиот премиер Илие Болојан изјави дека неговата земја би можела да стави на располагање воени бази на силите за осигурување. Словенија би можела да помогне со планирањето и обуката на персоналот надвор од Украина, нешто што го дискутираа и чешките претставници. Луксембург, кој има војска со помалку од 1.000 војници, според процените на НАТО, размислува да придонесе со технологии за воздушен транспорт и сателити. Како што министерот за надворешни работи Ксавиер Бетел им рече на новинарите во вторникот, „чизми во вселената“ наместо на земја.

Двоумење во Германија – предводничката на Коалицијата на подготвените

Германија, една од трите земји што ја предводат Коалицијата на подготвените, сè уште не објаснила како ќе ги поддржи силите. Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул во интервју посочи дека распоредувањето трупи би можело да ја „преоптовари“ германската војска. Но вицеканцеларот Ларс Клингбеил сигнализираше отвореност кон идејата за време на посетата на Украина, велејќи дека „потребни се сигурни безбедносни гаранции за да се обезбеди траен мир за Украина… Германија ќе ја исполни својата одговорност“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски посочи дека сојузниците ќе ги финализираат ветувањата и ќе ги детализираат плановите за гарантирање на безбедноста на Украина, откако голем број европски лидери му се придружија на неговиот состанок во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон на 18 август. Н.М.