Илустрација: „Нова Македонија“

Во низа од ред корупциски скандали во „оазата на правото“ – Германија, се расплетува криминалното клопче што растело минатите години, каде што се вмешани обвинител, политичари и други функционери, добивајќи милиони евра мито за „тргување со влијание“ и „услуги“…

Корупциските скандали го урнаа образецот со кој ЕУ се прикажуваше себеси како пример за принципиелност, демократија, владеење на правото… (1)

„Статистиката на Сојузната канцеларија на криминалната полиција на Германија покажува дека во просек имало повеќе од пет илјади случаи на сомневање за корупција секоја година меѓу 2019 и 2023 година: сомнителни случаи на активна и пасивна корупција на јавни службеници, како и земање и давање поткуп во комерцијалната пракса и во здравствениот сектор, покрај другите. Посебна возбуда предизвика зачудувачката кривична постапка пред Регионалниот суд во Франкфурт против поранешен виш јавен обвинител, кој пред самиот да стане осомничен за кривично дело, беше високопочитуван раководител на оддел за борба против корупцијата во здравствениот сектор и нашироко познат како високопрофилен ‘ловец на корупција“, истакнуваат Томас Рихтер, доктор по кривично право, и Сина Лоибл, криминолог, во нивната анализа со наслов „Антикорупција 2025 во Германија – трендови и случувања“.

Како беше уловен корумпираниот високопозициониран германски
„ловец на корупција“

„Нова Македонија“ донесува дел од покарактеристичните делови од споменатата кривичноправна анализа за состојбата со корупцијата во Германија на експертот за кривичноправни и финансиски истраги во доменот на корупцијата Томас Рихтер, инаку и адвокат, како и на Сина Лоибл, исто така и адвокатка соработничка на Рихтер. Тие двајцата со детали пишуваат како бил „уловен“ „ловецот на корупција“.
– Поранешниот виш јавен обвинител, самиот осомничен за кривично дело, претходно беше високопочитуван раководител на оддел за борба против корупцијата во здравствениот сектор и нашироко познат како високопрофилен „ловец на корупција“. За време на судењето во Регионалниот суд во Франкфурт, тој призна дека барал и примал мито во текот на многу години во замена за доделување провизии на надворешни медицински експерти, за да достават профитабилни експертски мислења, што, наводно, биле неопходни за водење на истрагите што ги надгледувал. Компанијата на неговиот соучесник, кој му беше стар школски пријател, беше главниот корисник на овие провизии – посочуваат Рихтер и Лоибл.
Натаму тие наведуваат дека по дојавата од поранешна девојка на корумпираниот обвинител истрагата беше спроведена под најстрога тајност пред тој да биде уапсен во неговата обвинителска канцеларија во јули 2020 година.
– Тој беше пред тоа еден од најистакнатите членови на Јавното обвинителство во Франкфурт, со беспрекорен углед. Затоа, неговото апсење ги шокираше судството во Франкфурт и правната заедница пошироко, а набљудувачите го опишаа како „невиден настан во германската судска историја“. Тој беше осуден на шест години затвор за поткуп, кршење на довербата и даночно затајување од страна на Регионалниот суд во Франкфурт во мај 2023 година. Судот го осуди неговиот соучесник на две години и девет месеци затвор за поткуп и измама со субвенции – пишуваат Томас Рихтер и Сина Лоибл во својата анализа за корупцијата во Германија.

Свето Тоевски, наш дописник од Германија


Потсетување на големата германска афера со ковид-маските

Маските не можеа да го покријат валканиот образ на корумпираните функционери

Повеќе германски политичари поднесоа оставки во 2021 година поради корупцискиот скандал со поткупот за ковид-маски, тежок 50 милиони евра

Гореспоменатите експерти за кривичноправни и финансиски истраги во доменот на корупцијата, Рихтер и Лоибл, се осврнуваат на уште еден крупен корупциски скандал во Германија, наречен „Афера со ковид-маските“.
– Во случајот, приватен претприемач се обидел да им продаде ковид-маски за лице на германските федерални и државни власти на почетокот на пандемијата на ковид-19. Претприемачот се обратил до член на германскиот федерален парламент (Бундестаг) и до член на баварскиот покраински парламент, барајќи од нив да ги искористат својот авторитет и влијание како членови на парламентот, за да го олеснат купувањето на маските од страна на надлежните органи, во замена за одреден надомест. Двајцата политичари се согласиле со предлогот и последователно контактирале со лицата, што донесуваат одлуки во различни федерални и државни власти и посредувале при склучувањето договори за купување на маските. Вкупната куповна нето-цена според посредничките договори надмина 50 милиони евра. Како што беше договорено, политичарите требаше да добиваат надомест во милиони евра за своите активности – истакнуваат Рихтер и Лоибл за оваа корупциска „Афера со ковид-маски“.

Одговорност!

Во статијата со наслов „Повеќе германски политичари поднесоа оставки, поради скандалот со поткуп за маски за лице“ на 30 март 2021 година, големата организација за истражувачко новинарство „Пријави организиран криминал и корупција“, со седиште во Амстердам, во Холандија, на својата интернет-страница објави сосема конкретни детали во врска со овој крупен корупциски случај во Германија.
– Деновиве Нилс Корте ја повлече својата кандидатура за германскиот парламент, поради медиумското известување за аферата со маските, која го вмеша во шемата за поткуп. Тој ги негираше обвинувањата. Корте е најновиот член на партијата Христијанско-социјална унија (ЦСУ), кој се повлече од функцијата, поради скандалот што избувна кон крајот на февруари. Минатата недела баварските власти уапсија лице осомничено дека подмитувало членови на ЦСУ, вклучително и пратеници, за да посредува до договори за набавка на маски за лице. Германскиот магазин „Дер шпигел“ објави дека уапсениот е Томас Лимбергер (53), претприемач, поврзан со партијата. Лимбергер, наводно, ги користел своите компании за да ги договори зделките за маски со германската влада и да им плати провизии на пратениците што ги олесниле договорите – посочи споменатата организација за истражувачко новинарство од Амстердам.
Исто така, во нејзината статија е наведено: „Весникот ’Зидојче цајтунг‘ цитира извештаи, во кои се тврди дека треба да се платат меѓу пет и шест милиони евра провизии. Меѓу осомничените, кои наводно профитирале од договорите за набавки на ковид-маските, е Георг Нуслајн, кој поднесе оставка од функцијата во ЦСУ претходно овој месец, но го задржа своето место во Бундестагот. Тој наводно добил провизија од 660 илјади евра. Се верува дека друг член на ЦСУ, Алфред Заутер, примил околу 1,2 милион евра поткуп. Нуслајн и Заутер жестоко ги негираа обвинувањата. Дополнително, компанијата на поранешниот пратеник Николас Лебел, исто така, ставила во џеб 250 илјади евра од провизии како дел од аферата со маските. Лебел ги напушти партијата и Бундестагот. Во светлината на овие настани, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината сестринска партија ЦСУ изготвија серија етички правила, со кои на нивните политичари им е забрането да прифаќаат парични прилози“. С.То.


Корупциските скандали во Германија се и показател на „здравјето на демократијата“ во оваа држава, а и на ЕУ

Во својата анализа за корупцијата во Германија, Томас Рихтер и Сина Лоибл изнесуваат фрапантен податок дека споменатите германски политичари – членови на парламентот, сепак, не биле прогласени за кривично одговорни?!
– Откако нивната шема беше откриена, беа отворени кривични истраги против политичарите и претприемачот. Сепак, Сојузниот суд на правдата го потврди мислењето на понискиот суд дека членовите на парламентот не се кривично одговорни. За да биде сторено кривичното дело, потребно е пратеникот да изврши или да се воздржи од извршување дејство „во вршење на својот мандат“. Поради ова, следуваа големи критики во јавноста во поглед на кривичната одговорност на членовите на германскиот парламент, а постојната законска рамка се сметаше за несоодветна во однос на политичката корупција. Затоа е извршена сеопфатна ревизија на Законот за пратеници во октомври 2021 година. Амандманите воведоа поригорозни правила на однесување и подобрени мерки за транспарентност за членовите на федералниот парламент (Бундестаг), со цел да се заштити независноста на мандатот и да се спречи прекумерно влијание во политичката сфера. Кривичните казни се зголемени. Воведено е и ново кривично дело во Германскиот кривичен законик, за да се заштити интегритетот на парламентарната демократија и нејзините избрани претставници, да се спречи прекумерно влијание врз владата и администрацијата и да се обезбеди непристрасност во процесите на донесување одлуки – заклучуваат двата германски правни експерта.
Во својата анализа со наслов „Корупциските скандали во Германија: како да се ограничи авторитарното влијание во ЕУ?“, објавена на 20 април 2021 година, Густав Гресел, доктор по воени науки и магистер по политички науки, и Мајда Руге, доктор по политички науки, нагласуваат дека „тогашните корупциски скандали, кои ја потресоа Германија, не се само прашања на парите и подмитувањето туку и показател на здравјето на демократијата во оваа европска држава“.
– Серијата корупциски скандали, кои ја потресоа во 2021година Германија, предизвикаа оставка на неколку пратеници од владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и пад на рејтингот на партијата. Беше откриена шокантна склоност кон корупција од страна на избраните германски функционери. Овие корупциски афери отвораат пошироки прашања за вршењето влијание во германската и европската политика. Без разлика каков е инструментот на влијание, автократите од ЕУ и надвор од неа долго време беа во можност да ги искористат дупките во германскиот закон и слабите точки во финансискиот надзор, за да ги разводнат европските позиции за демократијата, владеењето на правото и човековите права. Широко е распространета практиката на користење сомнителни „консултантски услуги“, поврзани со членови на парламентот и поранешни политичари на високо ниво – предупредија двајцата експерти во оваа нивна анализа. С.То.