Фото: Маја Јаневска-Илиева

За каков легитимитет зборуваат од ДУИ? Дали во изјавата на Ахмети нема поделба на Албанците на легитимни и помалку легитимни, односно дали едните имаат повластен статус ако гласале за ДУИ? И на какво обичајно право се повикува лидерот на ДУИ? Дали се тоа навистина Охридскиот договор и Мајскиот договор? Или има нешто како скриена порака? Вакви прашања се наметнуваат затоа што од ДУИ јавноста очекува да излезе со план како ќе дејствува понатаму за да го одбрани „легитимитетот“ на албанскиот глас

Опсервација: ДУИ во „битка за легитимитетот“ или во битка за спас по поразот?

Коалицијата Европски фронт, чиј носител е ДУИ, по изборите не престана да бара начини да докаже дека тие се победници во албанскиот блок и како такви им следува место да водат преговори за влада со победникот кај македонските гласачи. Дали ДУИ со ваквите зачестени изјави планира да ја исфрли од колосек мирната транзиција на власта? Или имаат аргументи за она што го тврдат – ако не сме ние во влада, таа нема да го има легитимитетот на албанските гласачи?
Очигледно е дека се нема создадено политичка култура, ниту пракса за вакви прашања, за кои и не би смеело да се дебатира, да биде сѐ чисто и јасно оти сите предизборни, изборни и постизборни процеси се строго прецизирани и во Уставот и во законите.
Но понекогаш проблеми настануваат, или се креираат, во толкувањето, па секоја страна поинаку ќе гледа на напишаното во Охридскиот договор, на Мајскиот договор или на Уставот. Кога се толкува Охридската спогодба, инаку преточена во Уставот, тогаш барем една пречка за соодветно толкување е отстранета – ако едно нешто има значење на македонски, а малку поинакво на албански јазик, во овој случај меродавен е официјалниот текст што е на англиски јазик. А во таа спогодба никаде не стои дека идните влади ќе ги составуваат „победник со победник“. Напротив, иако таа спогодба има и тон на мировен договор, таа се погрижила да го потенцира унитарниот карактер на Македонија. Тоа се однесува и на јазичниот аспект од договорот.
Лошиот наратив на ДУИ произлегува и од таканаречениот Мајски договор од 2007, кој е усвоен само шест години по конфликтот по 2001 година, па имаше уште рани за зараснување, а една беше грижа за жртвите од конфликтот. Во тој контекст беше и поставено прашањето со ветераните од конфликтот, прашање што се решаваше целосно несоодветно. Но и таму нема формула „победник со победник“, а најважно од сѐ е што е тоа повеќе џентлменски договор постигнат со посредство на амбасадата на САД, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Две партии, кои освен идеолошки платформи од другите партии се разликуваат по тоа што се базирани на национална кауза. Американската амбасадорка Џилијен Миловановиќ, тогаш во интервју за „Дневник“ ќе каже дека тоа е неформален договор, без ставање потписи, но со добра политичка волја.

ШТО ТВРДИ И ШТО САКА ДУИ?!

Албанците не можат да бидат претставени во Владата од коалиција што не ја одразува мнозинската волја на граѓаните. ДУИ ќе се повлече ако изгуби на изборите макар и со само еден глас разлика, но не и ако победи. Ова беа пораките што ги испрати Европскиот фронт, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ претходно соопшти дека за партнер во идната влада ја претпочита коалицијата Вреди.
– Демократијата се темели на принципот – кој има мнозинство во парламентот, ја прави Владата – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Оние што се повикуваат на Мајскиот договор ги потсети дека самите го прекршиле пред седум години.
– Не знам за кој Мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило „победник со победник“. Имаше едно правило победник со победник, кој е резултат од минатото. Тој договор и тоа правило, за жал, самите тие ги прекршија уште во 2017 година. И повторно би потсетил дека политиката не треба да ја гледаме како шведска маса, па малку со едните, другите, третите – беше категоричен по првиот изборен претседателски круг Мицкоски, а и си остана на зборот.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, неодамна на прес-конференција со партиските лидери од коалицијата Европски фронт рече дека Охридскиот договор бил прекршен затоа што не бил почитуван легитимитетот на нивните гласачи. Затоа, посочи тој, почнуваат битката за почитување на духот на Охридскиот договор, кој се заснова на легитимноста и обичајното право на застапување од страна на оние што го имаат легитимитетот на заедниците.
– Нас нѐ прашуваат луѓето зошто ние да гласаме кога некој друг одлучува за нашата определба. Ние сме дејствувале како луѓе што сме добиле легитимност од гласачот и вчера во Собрание бевме на верификација на мандатите, но го напуштивме Собранието затоа што се чувствуваме омаловажени, затоа што се прекрши легитимитетот на сите тие што гласале на 8 мај. Не станува збор за бојкот, ние ќе ги користиме сите демократски механизми во одбраната на легитимитетот – рече Ахмети.

ОДБРАНА НА ЛЕГИТИМИТЕТОТ ИЛИ ТАЈНА АГЕНДА?

За каков легитимитет зборуваат од ДУИ? Дали во изјавата на Ахмети нема поделба на Албанците на легитимни и помалку легитимни, односно дали едните имаат повластен статус ако гласале за ДУИ? И на какво обичајно право се повикува лидерот на ДУИ? Дали се тоа навистина Охридскиот договор и Мајскиот договор? Или има нешто како скриена порака? Вакви прашања се наметнуваат затоа што од ДУИ јавноста очекува да излезе со план како ќе дејствува понатаму за да го одбрани „легитимитетот“ на албанскиот глас.

ДУИ на собраниската конститутивна седница отвори една карта во „битката за легитимитетот“ – ја напушти седницата. Што ќе следува понатаму? Од највисокото место на партијата рекоа дека ќе ги искористат сите легитимни, правни, законски… средства? Дали заканите што повремено ги испраќаа дека „униформите и чизмите на ОНА уште не ги фрлиле“ се реални или само за дневнополитичка употреба? Дали „битката за легитимитетот“ всушност е битка за спас на Ахмети и на врхушката на ДУИ од евентуални корупциски случаи, но и за евентуално повторно процесирање на хашките случаи?

– Политиката не познава обичајно право. Инаку, која би била смислата партиите да создаваат програми, кои всушност се основата на коалициските преговори. Во врска со тезата за легитимни и нелегитимни, само ќе потенцирам дека пред Уставот сите сме еднакви – вели проф. Јован Донев.
Мајскиот договор бил постигнат на 29 мај 2007 година меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во присуство на меѓународни претставници, но ниту беше јавно потпишан, ниту стана достапен за јавноста. Во петтата точка стои: „Со враќањето на ДУИ во Собрание, партиите се договараат за продолжување на разговорите за начинот на формирање на влада“.
ДУИ на собраниската конститутивна седница отвори една карта во „битката за легитимитетот“ – ја напушти седницата. Што ќе следува понатаму? Од највисокото место на партијата рекоа дека ќе ги искористат сите легитимни, правни, законски… средства? Дали заканите што повремено ги испраќаа дека „униформите и чизмите на ОНА уште не ги фрлиле“ се реални или само за дневнополитичка употреба? Дали „битката за легитимитетот“ всушност е битка за спас на Ахмети и на врхушката на ДУИ од евентуални корупциски случаи, но и за евентуално повторно процесирање на хашките случаи?
Овие остануваат отворени прашања на кои ќе се тестира не само зрелоста на ДУИ, туку и нивната проевропска ориентација наспроти сегашните старобалкански навики и реторики со закани, и за процес за расчистување со улогата на т.н. воено крило, со клиентелизмот… Пораката од ВМРО-ДПМНЕ, но и од Влен и ЗНАМ, ја добија – тие ќе го држат кормилото на идната влада.
– Еве и по 20 дена од изборите кога на непосредни фер и демократски избори народот си го кажа своето, а тоа е дека време е Али Ахмети и ДУИ да ја прифатат реалноста дека се во опозиција. Видовме на конститутивната седница како се премести и си ја зазема својата позиција во опозиција. По долги години конечно и Албанците во Македонија можеме да кажеме дека излегуваат од еднопартискиот систем во кој живееја – појасни Лефков.
Лефков додаде дека е здраво да се отиде во опозиција и не му вредат аргументите на Али Ахмети и немаат доволна тежина.

Автор: Христо Ивановски


Уставна рамка за Владата

Член 90 од Уставот вели: „Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.


Континентален модел, а не обичајно право во судскиот систем

Карактеристика за судскиот систем во Република Македонија е тоа што го има прифатено континенталниот модел, наспроти моделот на обичајното или прецедентното право. Судовите се обврзани да го водат процесот и да донесуваат одлуки врз основа на законски одредби што биле во сила во времето на случувањето на правната работа за која се расправа. Судијата донесува непристрасни одлуки врз основа на својата слободна процена на доказите и врз основа на примената на правото. Донесените одлуки од страна на судот не се правнообврзувачки за судиите (или судскиот совет) при донесување истоветни одлуки во исти случаи. Така, судот повторно изведува докази во секоја одделна постапка и притоа не се повикува на одлуки што се претходно донесени од судот. Поради тоа, во Република Македонија не постои судска практика каква што познава обичајното право.