ЕУ сега го менува наративот, свесна дека ако продолжи и натаму да дава лажни ветувања за некаков брз прием на земјите, дополнително ќе го изгуби кредибилитетот во регионот. Од тие причини сега одново почнува да инсистира на исполнување сложени реформи, кои реално можат да се направат исклучиво во еден подолг временски период, кој никако не е две или три години, туку многу повеќе
По посетата на еврокомесарката Каја Калас на регионот, некои работи околу проширувањето стануваат појасни
Проширувањето на Европската Унија во овој момент не е на агендата на официјален Брисел, а наративите за некаков „прозорец на можности“ за брзо чекорење кон полноправно членство сега се заменуваат со „долг пат“ и „доследно спроведување на реформите“.
Ова во суштина значи дека Унијата целосно се врти кон проблемите со кои се соочува сега, почнувајќи од тарифите што американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе за ЕУ, колабираната европска економија, потребата за брзо внатрешно безбедносно преструктурирање на Европа преку зајакнување на безбедносните капацитети, до изнаоѓање решенија за внатрешните поделби и конфликти во рамките на Унијата, кои од ден на ден стануваат сѐ повидливи.
Најнова потврда дека ЕУ го остава настрана проширувањето се изјавите дадени при неодамнешната посета на Подгорица на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Каја Калас, која го избегна речникот што до скоро можеше да се слушне од Брисел, дека некои земји би можеле да влезат во Унијата и до 2028 година.
– Црна Гора треба да се фокусира на реформите бидејќи има уште многу да се направи на патот кон полноправно членство во ЕУ – изјави Каја Калас завчера во Подгорица, притоа додавајќи дека за процесот на зачленување се потребни „многу сложени реформи“.
Најдолг период без проширување
Имајќи го предвид фактот дека Црна Гора преговара со ЕУ подолго од 10 години, а забелешките во извештаите на ЕК и натаму се дека земјата доцни во спроведувањето на клучните реформи, тогаш повеќе од извесно е дека процесот на проширување, дури и со земјата што на некој начин беше најавувана како фаворит за најскор прием, ќе оди на бавна лента. Ако тука се споменат и Албанија и Босна и Херцеговина, кои исто беа на агендата на посетата на Калас на регионот, тогаш сликата станува комплетна. Албанија само што ги започна преговорите, од клучните реформи речиси и да нема ништо спроведено, додека БиХ никако не може да ја надмине политичката криза во која константно се наоѓа веќе со години, така што малку е веројатно дека има капацитет да ги спроведе потребните реформи во некаков разумен рок. Македонија и Србија не беа на агендата на Калас бидејќи еврокомесарката за безбедност и надворешна политика е свесна дека земјава е заглавена поради билатерални прашања, а не поради неисполнети критериуми, па какви било нови убедувања од типот „уште ова“ повеќе не поминуваат. Од друга страна, Србија е изземена поради актуелните случувања во земјата и протестите што траат со месеци.
Токму затоа ЕУ сега го менува наративот, свесна дека ако продолжи и натаму да дава лажни ветувања за некаков брз прием на земјите, дополнително ќе го изгуби кредибилитетот во регионот. Од тие причини сега одново почнува да инсистира на исполнување сложени реформи, кои реално можат да се направат исклучиво во еден подолг временски период, кој никако не е две или три години, туку многу повеќе.
Дел од аналитичарите се согласни дека ЕУ нема да брза со проширувањето, особено не по сегашните случувања на светската сцена кога Унијата треба да изнаоѓа начини како и самата да опстане во актуелниот формат, а не, пак, да придодава нови членки.
– ЕУ веќе сега постигна рекорд на најдолг период на застој во ширењето. Веќе над две децении Унијата не расте. Хрватска најдолго го ужива статусот на најмлада членка на ЕУ. Никогаш во историјата на ЕУ немало толку долга пауза без да бидат примени нови членки. По приемот на Хрватска во 2013 година, не само што ЕУ престана да се шири туку и се намали со заминувањето на Велика Британија по брегзит, односно по референдумот што оваа земја го одржа во 2016 година за излегување од европското семејство.
Сега е апсурдно да се верува дека во ситуација кога Унијата е внатрешно разединета се соочува со трговска војна со САД, со колапс на економијата, кога повторно фокусот се става на развој на европски безбедносни сили, кои чинат многу пари, ќе се отвора прашањето за проширување. Тоа нема да се случи и затоа сега оптимистичките изјави дека очекуваат нови проширувања во 2028 година се сведоа на поумерени изјави за подолг пат и структурни реформи. Нема веќе брзи колосеци, исчезнаа прекуноќ – велат аналитичарите.
ЕУ е затечена од светските процеси, проширувањето ѝ е последно на ум
Според нив, ЕУ се наоѓа во многу комплексна ситуација за да може сега да го продолжи процесот на проширување, така што повеќе од веројатно е дека земјите кандидати ќе продолжат да се охрабруваат и стимулираат со некакви европски грантови и пакети, само колку Унијата да го задржи своето влијание тука.
– Со воведувањето на американските царини, ЕУ сега е затечена и бара излез. Гледаме дека секоја земја почнува индивидуални преговори со Вашингтон за да ја намали штетата врз сопствената економија. Франција се обидува да се наметне како некаков нов лидер, а познати ни се француските ставови околу проширувањето. Впрочем, тие на завршена работа со промената на името ни ставија блокада за почеток на пристапниот процес. Сега ќе ја залажуваат и Украина колку да се доберат до ретките минерали. Во суштина, проширувањето на ЕУ веќе се случи и се заокружи, а тоа е Европската политичка заедница. Тоа ќе биде форматот во кој ќе се функционира најмалку следните 10 години без никакви нови проширувања – појаснуваат аналитичарите.
За нив сегашната ЕУ мора да претрпи некакви внатрешни промени и токму од тие причини не гледаат простор за понатамошно проширување.
– Незадоволството на одредени земји внатре во ЕУ покажува дека Унијата има внатрешни конфликти. Се виде кога Макрон на состанок во Париз во врска со Украина покани одредени земји, не сите земји членки. Веќе се создаваат сојузи внатре во ЕУ, така што сите гледаат како подобро да се позиционираат бидејќи не знаат што носи иднината. Тука, за какво било ново проширување на една ваква ЕУ не станува никаков збор. Затоа е клучно Македонија да ја насочи надворешната политика исклучиво кон она што значи нејзин интерес и ничиј друг. Илузии за брзо зачленување одамна нема, така што по толку многу распродавања на националните интереси, редно е нешто да се зачува. Клучно е сега, особено по кочанската трагедија, да направиме длабоки внатрешни реформи, да удриме по корупцијата, да се врши притисок за воспоставување вистинско владеење на правото или, поедноставно кажано, сами да си ја средиме државата. Во меѓувреме, треба да ја продолжиме соработката со ЕУ, да ја продлабочиме со стратегиските партнери, но секогаш да се водиме исклучиво од нашите интереси. Во овој момент работите стојат така, а по овие турбулентни времиња ќе биде познато дали ќе ја има ЕУ онаква каква што ја замислувавме или, пак, ќе има некакви нови формати на здружувања. Едно е јасно, во овој момент јасна визија за некакво европско проширување во краток рок нема – заклучуваат аналитичарите.