Фото: „Нова Македонија“

Ако не станува збор за билатерален спор како што тврди новиот шеф на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, тогаш која е смислата на постоењето на мешаната историска комисија, која треба да разговара за историски личности и учебници, зошто има негација на македонскиот јазик и идентитет кога ЕУ отворено тврди дека таа нема проблем со македонскиот идентитет и јазик, историјата не ја интересира, а нема ниту забелешки за односот на државата кон малцинските права на сите заедници што живеат тука

Бугарија ги има сите алатки за да ја држи Македонија во подредена позиција во однос на евроинтеграциите

Проблемот со блокадата на македонскиот евроинтегративен процес може да се лоцира исклучиво кај Европската Унија, која дозволи билатералните спорови што Македонија најпрво ги имаше со Грција за името, а потоа и со Бугарија за идентитетските прашања, да се издигнат на мултилатерално ниво.
Свој придонес за ваквата позиција во која се најде Македонија несебично даде и претходната македонска влада, која само колку да се покаже максимално кооперативна кон Брисел прифати француски предлог на штета на македонските национални интереси и ја стави земјава во подредена улога кон Бугарија. Токму таквата наша тогашна политика прифати „билатералните прашања да станат критериум според кој се оценува евроинтегративниот процес на земјава“.
Од друга страна, официјална Софија цврсто ја зграпчи таквата шанса и успеа билатералниот спор да го направи мултилатерален, односно да го трансформира во европска преговарачка рамка во која се вметнаа сите бугарски барања содржани во бугарската декларација на тамошното Народно собрание.

Како билатерален спор се претвори во европска обврска

Сега новата бугарска влада ја повторува истата мантра, дека Македонија нема ништо со Бугарија и дека напредокот во евроинтеграциите ќе зависи од тоа колку земјава ги исполнила преземените обврски кон ЕУ. Една од првите обврски се уставните измени.
Неодамна новиот бугарски министер за надворешни работи Георг Георгиев во интервју за БТВ изјави дека Скопје нема начин да го продолжи процесот на евроинтеграции доколку не ги исполни преземените обврски, кои не се билатерални, потсетувајќи на обврската од таканаречениот француски предлог од 2022 година, кој предвидува Бугарите да бидат вклучени во македонскиот устав.
– Овде зборуваме за обврски што се многу подалеку од билатерален спор. Зборуваме за нешто за што се согласија сите земји членки на ЕУ и Република С. Македонија. Доколку не се исполнат обврските, Европската Унија нема да може да го продолжи патот на пристапување на РСМ – нагласи Георгиев.
Според него, нема држава што повеќе од Бугарија има интерес од интеграцијата на земјите од Западен Балкан и додаде дека тоа не го кажува само од позиција на бугарските европски приоритети од 2018 година со претседателството туку во многу поширок контекст.
– Јас се надевам дека сме стигнале степен на зрелост во кој ќе осознаваме дека доброто меѓусоседство е залог за успешна иднина и просперитет на целиот регион. Сметам дека нема држава што повеќе од Бугарија има интерес од интеграцијата на земјите од Западен Балкан и тоа не го кажувам само од позиција на бугарските европски приоритети од 2018 година со претседателството туку во многу поширок контекст. Ние, искрено, се радуваме дека Република С. Македонија и Албанија се наши сојузници во НАТО. Тоа е инвестиција во безбедноста на регионот. Природно е да се радуваме и на продлабочување на евроинтеграциите, но со почитување на бараните критериуми – порача бугарскиот министер.
Изнесените позиции од страна на новиот шеф на бугарската дипломатија јасно говорат дека официјална Софија е подготвена да чека во недоглед сѐ додека Македонија не потклекне пред нејзините барања, кои сега успешно се трансформирани во барани критериуми од страна на Европа.
Парадоксално е кога самата ЕУ уште во јуни 1993 година во Копенхаген одреди прецизни критериуми по кои станаа членки многу земји од Југоисточна Европа, по 30 години овие критериуми да ги дополнува така што ќе наметнува услови што произлегуваат од нерешени билатерални прашања меѓу две земји, кои немаат никакви допирни точки со претходно утврдените европски критериуми.

ЕУ нема проблем со Македонија, Бугарија има и повторно не се билатерални барањата

Ако не станува збор за билатерален спор како што тврди Георгиев, тогаш која е смислата на постоењето на мешаната историска комисија, која треба да разговара за историски личности и учебници, зошто има негација на македонскиот јазик и идентитет кога ЕУ отворено тврди дека таа нема проблем со македонскиот идентитет и јазик, историјата не ја интересира, а нема ниту забелешки за односот на државата кон малцинските права на сите заедници што живеат тука.
Впрочем, ако процесот не е билатерален како што тврди Георгиев, тогаш зошто таканаречената „европска“ обврска за вметнување на Бугарите во Уставот не се однесува на сите земји кандидати, како еден вид нов „Копенхашки“ критериум, според кој сите би требало да ги вметнат Бугарите во нивните устави ако сакаат напред во евроинтеграциите. Бугари има и во Србија, од неодамна со вештачка интервенција и во Албанија и во Косово, ги има и во Украина, Молдавија, Грузија барем според бројот на издадени државјанства, веројатно многу скоро ќе ги најдат и во БиХ, така што ако спорот не е билатерален, тогаш дефинитивно треба да се решава во една поширока рамка. Да биде апсурдот уште поголем, речиси сите земји членки на ЕУ и натаму имаат билатерални спорови, некои и по 30 и повеќе години, но ниту еден од нив не стана мултилатерален, туку за нив се разговара на долг рок и врз рамноправна основа.
Без оглед на ваквиот европски пристап кон другите земји, Унијата зазеде сосема поинаков став во однос на Македонија и колку некој и да наоѓа изговори дека и другите земји имале тешкотии на својот европски пат, сепак никој не може да даде одговор зошто токму билатералните спорови што ги имаше Македонија со два свои соседа станаа мултилатерални, односно проблеми на земјава со ЕУ.
Добрите познавачи на македонско-бугарските односи не се воопшто изненадени од позициите на новата бугарска влада и генерално од односот на ЕУ во целата оваа приказна.
– Бугарија не променила ништо повеќе од 100 години во нејзината политика кон Македонија, па нема ниту сега да го направи тоа. Она што го добија со нашето прифаќање на францускиот предлог, всушност им овозможи обичен билатерален спор да се претвори во обврска на земјава кон ЕУ. Сега официјална Софија игра на таа карта и нема да запре, без оглед колку време и да биде потребно. Додека Бугарија ја држи земјава блокирана, гледаме дека продолжува трендот на делење бугарски пасоши на македонски граѓани и тоа е главната интенција на бугарската страна. Сите изјави и од Георгиев и од другите бугарски политичари дека сакаат што поскоро да ја видат земјава во ЕУ се само обично лицемерство. Ако толку сакаа земјава да биде дел од ЕУ, тогаш зошто ја блокираа уште на почетокот? Но намерата е друго, Македонија да биде што подолго надвор од ЕУ. За сите нивни забелешки, вклучувајќи и за внесувањето на Бугарите во Уставот, можеше да се најде решение во текот на преговорите со ЕУ и тоа да се направи низ еден процес преку кој ќе се изградеше заемна доверба. Таа доверба засега ја нема и Бугарија е таа што треба да го направи првиот чекор кон обновување на довербата, за да потврди дека сака да биде искрен поддржувач на македонските евроинтеграции – сметаат познавачите.