Фото: „Нова Македонија“

Декларацијата од Фонтенбло како повод во контекст на мултиполарниот свет

Со Декларацијата од Фонтенбло, „Патриотите за Европа“ се спротивставија на интервенирањето на ЕУ, која им го негира правото на државите сами да одлучуваат за својата иднина!

Свето Тоевски

„Во време кога повеќето нации ги темелат своите политики на заштита на сопствените интереси, Европската Унија останува заглавена во минатото, водејќи политики што ризикуваат отстранување на Европа и нејзините нации од глобалната сцена“, ова е еден од клучните делови од Декларацијата од Фонтенбло, која ја донесоа завчера унгарскиот премиер и лидер на партијата Фидеш, Виктор Орбан, италијанскиот заменик-премиер Матео Салвини, лидерот на Вокс на Шпанија, Сантијаго Абаскал, како и други високи личности од Полска, Грција, Белгија, Естонија и од Чешка – национални и политички лидери на партиите членки на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент. Тие завчера и вчера одржаа своевиден самит на европската десница во Париз, Франција.

Незгасната желба да се работи заедно за да се направи Европа повторно моќен континент на мир и слобода

Со Декларацијата од Фонтенбло националните и политички лидери на партиите членки на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент „ја потврдија својата желба да работат заедно, за да ја направат Европа повторно континент на моќ, мир и слобода“.

Во Декларацијата од Фонтенбло, исто така, се наведува: „Патриотските лидери се загрижени за ерозијата на основните демократски права, заканите за слободата и двојните стандарди против силите што не се усогласени со лево-либералниот мејнстрим на Европската Унија, особено во однос на суверенитетот и миграциската политика. Патриотските лидери, како во Франција и низ цела Европа, денес се соочуваат со интервенционистичките и идеолошките политики на Европската комисија, кои им го негираат правото на граѓаните сами да одлучуваат за иднината на своите земји. Патриотските лидери упатуваат повик за консолидација на Европа, изградена околу патриотските партии, обединети во рамките на групата ‘Патриоти за Европа’, кои, додека ги бранат своите национални интереси, се способни да ја обноват Европа, што повторно обезбедува мир, безбедност и просперитет за своите граѓани“.

И за Франција има надеж

Радио Франс интернационал вчера објави: „Собирот што се одржа во близината на Морман-сур-Вернисон во регионот Лоаре, јужно од Париз, беше и приказ на стратегиската демонстрација на сила – дизајниран да ги истакне растечките меѓународни сојузи и домашните амбиции на партијата – домаќин на собирот на европските десничари, Национално собирање на Франција. Инаку, под мотото „Ослободете ја Мари Ле Пен“, американските конзервативци веќе се обединуваат зад лидерот на оваа партија на француската десница. Еден од лидерите на Националното собирање на Франција е Жордан Бардела, кој може да ја замени Мари Ле Пен, ако конечно ѝ биде ускратено правото да настапи на француските претседателски избори во 2027 година. Во врска со овој самит на европската десница, тој на платформата Икс објави: „Овој настан е за Европа на нации, народи, слободи, заштита, идентитети, за производство и иновации, земјоделци и претприемачи!“ Во тој контекст, унгарскиот премиер Виктор Орбан во Франција порача: „Ветриштата на промените се собраа во Фонтенбло, за да почнат да дуваат низ Европа!“ Орбан впери прст кон француските и бриселските либерални елити и бирократи, дека тие „не запираат да ја финансираат војната во Европа, во Украина, дека кројат планови како и колку оружје да им се даде на Украинците, да се градат нови фабрики за оружје, да се користат замрзнати руски средства, дека ги зголемуваат долговите на Европа, дека спроведуваат небулозни миграциски политики и дека, воопшто, креираат процес за создавање свет во служба на елитите… и дека тој процес, во името на граѓаните на Европа, треба да сопре, а не да се продолжи да се обликува по теркот на либералните тесни елити…“
Групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент сега има 85 од 720 места и се позиционира како растечка сила против бирократијата во Брисел и мејнстрим-политиката.