Фото: Маја Јаневска Илиева

Елми Азири од Европскиот фронт на денешната прес-конференција информира дека до Управниот суд ќе ги обжали донесените одлуки за приговорите што се однесуваат за петтата и шестата изборна единица.

– Ве известуваме дека веќе ги алармиравме сите надлежни институции и меѓународниот фактор бидејќи имаме точни информации дека во петокот преку политички притисок им биле дадени партиски инструкции на членовите на Државната изборна комисија од нивното седиште. Нагласуваме дека овие дејствија претставуваат кривични дела и Европскиот фронт ќе ги преземе сите неопходни мерки и ќе ги искористи сите демократски форми за заштита на слободниот глас на граѓаните. Во таа насока, ве известуваме дека веднаш по донесувањето на одлуката истото ќе го обжалиме и до Управниот суд – рече Азири.

Азири смета дека донесената одлука за прегласување на некои избирачки места во -петтата и шестата изборна единица е неправедно и со надгласување како во времето на едноумието.

Европскиот фронт апелира до институциите да постапат според законот без да прифатат притисоци од политичките партии. Ја повикуваат меѓународната заедница будно да ја следи ситуацијата затоа што, како што рече Азири, повторно се инсталира заробената држава, надгласувањето и етничката мајоризација.

На коалицијата Храбро за Македонија од три избирачки места ѝ се украдени повеќе од 600 гласови, тврдат нејзините членови. Тие најавија тужба до Управниот суд, како и кривична пријава против претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски, а не е исклучена, како што нагласија, и кривична пријава против ДИК.

Украдените гласови, соопшти коалицијата, се во изборните единици 1, 2 и 5 и тие им се префрлени на коалициите Вреди и Европски фронт. Според Храбро за Македонија, станува збор за упад во изборните резултати, а ваквите дела се кривични и не застаруваат.

– Во овој изборен инженеринг е вклучена и ДИК. Нашите информации говорат дека е правен и за време на претседателските и за време на парламентарните избори, но и во претходните изборни циклуси. Целта е од помалите партии кои немаат набљудувачи на избирачките места, да се одземат одреден број гласови кои потоа ќе се префрлат кај поголемите за да добијат пратеник повеќе. Ова мора да заврши со правна одговорност. Ова е голем срам за ДИК. Само од три места ни се скратени повеќе од 600 гласови и им се префрлени на други политички партии. Ова кажува колку голема беше кражбата на овие избори, но и дека овој начин на крадење гласови од помалите партии кои немаат набљудувачи на гласачките места е правен и во претходните изборни циклуси и се додавани пратеници на други партии. За оваа нечесна работа ќе поднесеме тужба до Управниот суд и кривична пријава против претседателот на ДИК Даштевски кој дозволил на ваков начин да се крадат гласови од одредени партии и во исто време да се префрлуваат на други за да добијат повеќе пратеници – нагласи претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Тој дополни дека не поднеле приговори до ДИК.

– Каде да поднесеме приговори кога ова е направено во самата ДИК? Приговори се поднесуваат за тоа што се случувало на гласачкото место. Од каде ќе претпоставите дека ќе ве украдат од ДИК? Некој за ова мора да заврши во затвор – нагласи Јакимовски.

За само едно место во Општина Чаир, ДИК објавила дека Добрила Андоновска, носител на листа на Храбро за Македонија во ИЕ 1, добила 28 гласа, а според Записникот за неа се определиле 217 граѓани.

– Во Записникот имаме 248 гласа, а во финалните резултати на ДИК 21, што значи дека е употребен делител 12. Во случајот на Добрила е употребен делител 7, како и кај Самка Ибраимовски во ИЕ 5. Веднаш по полноќ, во 1:50 часот, резулататот од ДИК 182, а истиот ден по 16 часа имаме 22. Значи, направен е класичен изборен инженеринг. Станува збор за упад во изборни резултати, а делата против избори се кривични кои не застаруваат. Група адвокати работи на проценка на серија кривични дела. Кривичната пријава ќе биде против претседателот на ДИК, но не е исклучено да биде и против целата ДИК. Станува збор за упад во софтверот – рече претседателот на ИНТЕГРА, Љупчо Ристовски.

На новинарско прашање каде сметаат дека се отидени нивните гласови, тој ја спомна коалицијата Вреди, но додаде дека гласови им се намалени и на други партии и потоа тие гласови, како што објасни, им се префрлени на други партии.

– Во нашиот случај цениме дека се кај коалицијата Вреди и Европски фронт. Во нормални демократски избори еден глас ако се разликува, се поништуваат изборите – изјави Ристовски.

Претседателот на ПЦЕР Самка Ибраимовски рече дека, според ДИК, во Струга имал 177  гласови.

– По два-три часа не знам каде отидоа тие гласови, кој ги украде. Нека ги остават еднаш Ромите сами да одлучат за кого ќе гласаат. Имаше невиден поткуп, имам и видео докази за повици на граѓани да земаат пари. Ќе ја штитат корупцијата, а самите се коруптивни. Замислете, чисто етнички македонски град купен по 200 евра од човек. Имам докази, но ќе им го оставиме тоа на адвокатите. Уште еднаш замолувам, оставете ги Ромите да одлучуваат сами – истакна Ибраимовски, според кој, цената се движела од 1.500 денари до 100 или 200 евра, подвлече Ибраимовски кој е убеден дека на Храбро за Македонија во ИЕ 5 и се украдени најмалку 4.000-5.000 гласови.

Храбро за Македонија го повика и Обвинителството да се вклучи во овој процес за да се расчисти случајот.

Претставници на коалицијата Вреди во Тетово на прес-конференција објавија примери за прекршување на Изборниот законик во шестата изборна единица. Портпаролот на Движење Беса, Фатмир Сабриу, во име на коалицијата образложи дека тоа го темели на прифаќањето на приговорите од страна на Државната изборна комисија.

– Вчера со одлука на Државната изборна комисија уште еднаш се докажа дека Европскиот фронт предводен од Демократската унија за интеграција нема капацитет и кредибилитет да спроведе слободни, фер и демократски избори. Државната изборна комисија постапувајќи врз основа на приговорите на коалицијата Вреди поднесени за некои избирачки места во 6-та изборна единица, како и постапувајќи според одредбите од Изборниот законик, одлучи да ги отвори гласачките кутии за 7 избирачки места, при што во 4 од нив се констатирани неправилност и тоа: во избирачко место 2101, село Ларце, општина Желино, констатирано е дека во гласачката кутија има еден глас повеќе во корист на Европскиот фронт од гласачите кои го искористиле своето право на глас, во избирачко место 0387 Гостивар и избирачко место 1953 Тетово имаше корекција на изборниот резултат бидејќи во овие избирачки места се пребројувале неважечките гласови и се броеле како гласови на Европскиот фронт – истакна Фатмир Сабриу.

Според Сабриу, Европски фронт ја искривил волјата на граѓаните.

– Таканаречениот Европски фронт, злоупотребувајќи ги сите механизми на владеењето, незаконски ја нарушил и искривил волјата на граѓанинот, спроведувајќи го „бугарскиот воз“ како што се случаите веќе потврдени со одлука на ДИК во Липково и Ларце, како и броењето на неважечки гласови во корист на Фронтот и ДУИ. Замислете со 7 отворени гласачки кутии, во 4 биле откриени неправилности и кражба на гласови. Со ова јасно се докажува зошто ДУИ денес е во паника. Тие се во паника не само што ќе си заминат во опозиција, туку и ќе одговараат за злоупотребите и кршењето на законите, но и затоа што вчера, со отворање на кутиите, се докажа дека преку злоупотреба на механизмите на власт, закани, уцени, притисоци и бугарскиот воз, се обиделе да ја нарушат волјата на народот и изборниот резултат – истакна Сабриу.

Тој на крајот рече дека Албанците на 8 мај ја добиле слободата и денес дишат слободно.

– ДУИ оди во опозиција и со користење на државниот апарат повеќе нема да може директно да влијае на изборниот резултат. Време е за одговорност, за влада која ќе се бори против криминалот и корупцијата, ќе гарантира забрзан економски развој и европска интеграција. Нарушувачите на волјата на народот и изборниот резултат, ќе сносат одговорност и ќе одговараат пред органите на правдата – посочи Сабриу.

Државната изборна комисија (ДИК) на 104 седница денеска ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Од вкупно 27 поднесени приговори – девет од коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени се седум и тоа шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица.