ЕВРОПА НА СВОЈОТ ГОЛЕМ КРСТОПАТ (1)

  • Глобализмот е на залез, се раѓа новиот светски поредок. Тоа ќе значи и реформи на мултилатералните организации, но и создавање нови. За нас се битни, покрај ОН и Советот на Европа и ОБСЕ, каде што како држава Македонија и Македонци како народ бевме третирани како држава и нација од трета класа. Но, нападот врз Стразбур не дојде од мала земја како Македонија, туку од стари европски демократии. Каква е иднината на Советот на Европа, но и на ОБСЕ? Ние изнесуваме македонски поглед на нештата

Светот го поставува новиот поредок, ја испраќа „најубавата идеја за глобализација“ во историјата, затоа што западните демократии од неа направија орудие за уништување нации и влади и доминација, се поставија како хегемон. Новиот свет ќе си создаде и нови мултилатерални институции во согласност со новата реалност, тоа секогаш било така. Ако сакате еден пример, еве: Рим по многу војни ја победил Македонија, но тоа не значи дека ја уништил, туку создал пакт според новата геополитичка состојба. Тоа што Македонија го надрасна и го надживеа Рим е прашање за посебна анализа. Така ќе биде и сега, затоа што неизбежно е да се применуваат цивилизациските наследства и практики.
Затоа како легитимни ќе ги разбереме повиците за реформи на најголемите мултилатерални организации какви што се Обединетите нации, Советот на Европа и ОБСЕ, создадени за да го зачуваат светскиот мир по Втората светска војна и да ги штитат основните човекови права. И тие ја одиграа својата улога, го оправдаа своето значење, но времето ги надрасна. Што можат сега да дадат тие освен да се реформираат, да се модернизираат, но како и кој ќе го води орото? Ќе има ли правдина, правда, хуманизам во тој процес? Ние ќе се занимаваме со Европа, која има најголеми изгледи да кризира барајќи го својот нов идентитет и место на глобалната сцена. Оваа анализа, како што е редот, и треба да биде така, има македонски агол. Дали е страшно и срамно ние да гледаме со македонско око на нештата? Секако не! Една од македонските опсервации изнесе повеќепати претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која повика на вистински реформи во ООН и притоа кажа една вистина што постојано се игнорира – идниот генерален секретар на ООН да биде жена. Интересно, но и Стразбур и Виена, каде што е седиштето на ОБСЕ, не можат да се пофалат дека биле раководени од жени. Зошто е тоа така, зошто тој маскулинизам во вакви важни организации?

ДИПЛОМАТСКИ ПРИТИСОЦИ И МНОГУ ПРАШАЊА

Не така одамна се затресоа темелите на „куќата на човековите права на Европа“, а тоа е секако Стразбур, при што на нишанот на еден многу важен дипломатски маневар се најдоа Советот на Европа (СЕ), Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и, неизбежно, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Темата дали на Европа ѝ требаат две организации какви што се Советот на Европа и Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) е дамнешна, а притоа се нагласува маната дека тие две организации се преклопуваат во повеќе надлежности – човековите права, малцинските прашања, изборите… се само дел од тие преклопувања на надлежностите. Ако е тоа факт, тогаш логично е прашањето зошто да се издвојуваат милиони евра за еден таков систем што се преклопува. А тоа се многу пари. Па, сега, кој да биде симнат од листата – Советот на Европа, како постара паневропска организација (формирана во 1949 година) или, пак, ОБСЕ како еден надграден механизам, кој вклучува и безбедносна компонента, која Стразбур ја нема? Новиот свет, новата Европа ќе мора да најде рационални решенија за ова прашање.
Од каде дувна ураганот што удри врз велелепните челично-стаклести архитектонски зданија во Стразбур? Како и каменот – од блиску, од старите европски демократии, а засега се девет на број. Тоа е еден силен блок и тоа мора да се признае, Стразбур не може да го игнорира.
Генералниот секретар на СЕ, Алан Берсет, неодамна беше во Виена, каде што се обрати пред Постојаниот совет на ОБСЕ, истакнувајќи дека „нашите две организации се мировни проекти“, а токму тие две организации сега се пред сериозен тест поради безбедносните ризици. Притоа тој нив и ги набројува: војната во Украина води кон неказнивост, дезинформации и странско влијание, климатските промени и вештачката интелигенција, кризата во мултилатерализмот, зголеменото вооружување и демократското назадување.
„Наскоро би можеле да се соочиме со континент со посилни војски, но послаби демократии“, порача Берсет, и оваа порака можеби еден ден ќе биде епитафот на старата Европа, која не нашла модел да излезе од кризата и да го одбрани мирот. А, еден огромен дел од таа криза извира токму во Стразбур и во Виена, во двете организации, СЕ со 46 членки, ОБСЕ со 56, но одамна заболени со опасниот вирус на двојни стандарди. Токму тие се една од главните причини што Европа одамна не е шампион во демократијата.

ДЕСНИЦАТА КАКО ИЗГОВОР НА НЕОЛИБЕРАЛИТЕ, КОИ СЕ НА СМРТНАТА ПОСТЕЛА

Да се тврди дека сега предизвикот или опасноста по иднината на Европа се десните партии е при очи да се правиш слеп, затоа што развојот и силата на десницата не се случаен процес. Некој го предизвикал тоа, а тоа секако се неолибералните елити. Ако сакаат да им дадеме пример, затоа што неверниците секогаш бараат слика на Господ, ние ќе им ја дадеме Македонија, и тоа скенирана од сите страни. Тие убаво знаат што сакаме да им порачаме. Фактот дека повеќе од 20 години нѐ измачуваат со некакви небулозни критериуми, а всушност ни бараат да си го смениме националниот код и корен, е дефиниција за двојни стандарди.
Во Стразбур, преку говорот на Берсет, е детектирано дека десничарските партии се критични за имиграцијата и како земји се посочуваат Австрија, Данска, Италија, Холандија (таму може да има мал пресврт), Норвешка, Полска и Словачка и оти станале фактор и во англиската, шведската, германската и во француската политика. Има уште, но и ова доволно зборува дека Европа се менува.
Е сега за ураганот или за фрлениот камен: девет земји го кренаа гласот за промени во Стразбур: Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Италија, Латвија, Литванија и Полска, што значи дека и не се сите десничарски општества. Повод за испраќање отворено писмо до Стразбур е проблемот со миграцијата и потребата од протерување странци. А ова е само она што се гледа, додека другите проблеми се двете третини од сантата мраз на која пловат безброј европски нерешени проблеми. За да го решат миграцискиот проблем, потребна е промена во пресудите на Европскиот суд за човекови права, но тие бараат и измени во ЕКЧП, особено правото на азил. Тоа се секако поврзани нешта. Ова прашање уште пред десетина години го постави Обединетото Кралство, па дури и многу побрутално, велејќи дека тие нема што да се занимаваат со пресудите на ЕСЧП кога Англичаните го измислиле правото. Просто кажано – нема тие судии во Стразбур нас да нѐ учат што и како!
И ова веќе ги разбуричка духовите во Стразбур, но и пошироко во Европа, па секако дека е тоа прашање и за експерти, за академијата, па така постои уверување дека Судот понекогаш одел и подалеку отколку што му е чергата. Можеби со ова не се отвора Пандорината кутија на Стразбур, но веќе е сериозно прашање, кое поттикна сериозна дискусија за реформи и за реставрација на Конвенцијата. Иако со текот на годините Конвенцијата доживувала извесни измени, повеќето се дополнување во согласност со новите состојби, како што се на пример интернетот и прашањето со слободите и основните човекови права, но овој пат, се чини, работите одат подалеку и подлабоко. Според наши процени засновани, на анализа на работата на институциите во Стразбур во последните дваесетина години, промените ќе удрат сериозно во темелите на Советот на Европа. И тие нема да бидат само од недостиг од финансирање, туку ќе навлезат во суштината – а тоа е каков СЕ ѝ треба на Европа и дали воопшто ѝ треба. Особено што и географски СЕ се стесни без Руската Федерација и Белорусија.


Клучни поенти и барања на деветте земји

Основни аргументи на земјите што не се согласуваат со делови од ЕКЧП и пресудите се:
Пречекорување: земјите тврдат дека толкувањето на Конвенцијата од страна на ЕСЧП отишло подалеку од нејзината првична намера, давајќи му на судот премногу моќ врз националните прашања.
Миграција и јавна безбедност: клучна точка на спор се одлуките на Судот за миграцијата и азилот, за кои тие тврдат дека ја ограничуваат нивната способност да ги контролираат границите и ефикасно да управуваат со своето население. Тие исто така тврдат дека Судот го отежнал протерувањето странски криминалци.
Балансирање на интересите: потписниците веруваат дека одлуките на Судот го поместиле балансот од интересите на државата и нејзините граѓани, кон интересите на мигрантите и криминалците.
Писмото адресирано до Стразбур беше испратено во мај 2025 година, а го предводеа Данска и Италија. Владата на Велика Британија, исто така, беше гласна во своите критики, а поранешен лорд изјави дека начинот на кој се толкува конвенцијата „не е во чекор со здравиот разум“.
Како одговор на растечките критики, генералниот секретар на Советот на Европа изјави дека конвенцијата треба да се адаптира, а наедно ги нагласи и важноста на Судот и потребата да се избегне негово поткопување.

(продолжува)