Фото: „Нова Македонија“

Либералните европски елити од Брисел се решителни во намерата да ја внесат прекутрупа Украина, но веројатно уште повеќе се свесни дека тоа ќе создаде револт кај земјите кандидати од Западен Балкан, кои многу веројатно сериозно ќе кренат раце од европската перспектива и ќе остават отворен простор за други влијанија, што уште повеќе би можело да влијае врз безбедносните состојби во срцето на Европа. На Западен Балкан (ЗБ) и на Македонија им треба ЕУ, но и на Унијата ѝ треба ЗБ. Во тој контекст во Брисел повторно заживува идејата за „ЕУ во повеќе брзини“ односно за европската втора лига…

На маса повеќе сценарија за проширувањето на Унијата

Намерата на Европската Унија прекуред да ја протурка Украина на патот кон полноправно членство предизвика сериозни реакции кај земјите од Западен Балкан што со децении се заглавени во европската чекалница без никакви јасни сигнали дека скоро би можеле да станат дел од Унијата наспроти Украина и Молдавија, кои отворено се фаворизираат од страна на официјален Брисел и без да ги исполнат основните пристапни критериуми.
Сето тоа придонесе некои земји членки на Унијата да се заканат дека нема да дозволат прием на други земји сѐ додека пристапувањето не се одвива според заслугите односно според исполнувањето на неопходните критериуми, кои треба да важат еднакво за сите.
Токму тоа го вклучи алармот кај европските челници, кои и покрај тоа што проширувањето го оставија високо на агендата, сепак калкулираат како би се одразило тоа врз идниот однос на силите внатре во Советот на ЕУ. Постарите и помоќни европски членки не сакаат да го загубат сопственото влијание, па затоа повторно се актуализира идејата за Европа во повеќе брзини што своевремено ја промовираше францускиот претседател Емануел Макрон.

Проширувањето е тесно поврзано со внатрешната реформа на Унијата

Намерата на европските челници е проширувањето да продолжи, а 2030 година како рок што се споменува за можен прием на две или три нови земји би можела да биде всушност датумот за стартот на ЕУ во повеќе брзини. Впрочем, дури и процесот на проширување е дел од внатрешната реформа на Унијата, која очигледно ќе се случува во следниот петгодишен период, а во чиј опфат би била и промената на начинот на одлучување, од консензуално во гласање со квалификувано мнозинство. Тоа првично го поттикна новиот германски канцелар Фридрих Мерц уште во времето на предизборната кампања, а по неговото стапување на функцијата германски канцелар, повеќе од веројатно е дека тој ќе се обиде да го врати кормилото на ЕУ во германски раце. За волја на вистината, ниту Германија нема ништо против идејата на Макрон за Европа во повеќе брзини и повеќе од веројатно е дека Берлин и Париз заеднички ќе притискаат ова да помине и покрај противењето, пред сѐ на Бугарија, која не сака да се укине консензуалното одлучување бидејќи ја губи единствената алатка за блокада на Македонија, а тоа е ветото.
Првиот човек на институтот за демократија „Социетас цивилис“, Марко Трошановски, вели дека на маса во Брисел се веќе некои идеи за тоа како би можеле да изгледаат идните проширувања и носењето одлуки.
– Идеите се членство во слободниот заеднички пазар на ЕУ, со тоа што ќе можеме да учествуваме во дискусиите во политичкиот дел, меѓутоа без право на глас. Тоа е нешто за кое се разговара сѐ повеќе и повеќе. И втората опција е да се намали делот на можностите каде што ЕУ носи одлуки врз основа на консензус и тоа да се сведе на квалификувано мнозинство. За да се случи истата таа, мора повторно да се случи консензус, односно сите да се согласат за потоа да не мора сите да се согласуваат. И тоа е тешко изводливо – смета Марко Трошановски, претседател на институтот за демократија „Социетас цивилис“.
Според него, околу 17 земји членки се поддржувачи на иницијативата за квалификувано мнозинство, но Бугарија нема намера да биде дел од тој клуб на поддржувачи на ваквата идеја.
Трошановски порачува дека е потребна поактивна дипломатска активност – лобирање, за деблокада на македонскиот евроинтегративен процес. Тој смета дека капацитетите треба максимално да се искористат, а аргументите ефективно да се претстават на секое европско институционално ниво.

Втората лига на ЕУ и феноменот на идентитетското обезличување…

Некои аналитичари, пак, сметаат дека ЕУ е решителна во намерата да ја внесе прекутрупа Украина, но уште повеќе е свесна дека тоа ќе создаде револт кај земјите кандидати од Западен Балкан, кои многу веројатно ќе кренат раце од европската перспектива и ќе остават отворен простор за други влијанија, што уште повеќе би можело да влијае врз безбедносните состојби во срцето на Европа. Затоа повторно заживува идејата за ЕУ во повеќе брзини.
– Ако нешто го забрза пакетот Западен Балкан кон ЕУ, тоа е само Украина. Затоа сега повторно се споменува идејата за ЕУ во две или повеќе брзини. Проширувањето ќе продолжеше по стариот инертен тек ако не се случеше војната во Украина, но сега, кога на европските лидери им е јасно дека има земји што ќе го блокираат украинскиот прием прекуред, ќе мора да направат нешто и за преостанатите. Тоа значи новите земји да бидат на некој начин членки, но неполноправни. Или, да биде појасно, тие ќе имаат пристап до заедничкиот пазар, до фондовите, нивните граѓани ќе можат слободно да се движат и работат низ земјите во Унијата, веројатно земјата ќе учествува и на европските избори, но нејзините пратеници ќе можат да дискутираат, но не и да гласаат. Правото на глас ќе го стекнат тогаш кога земјата ќе ги исполни бараните критериуми. И тоа можеби е најдоброто сценарио за Македонија да се одбрани од идентитетските закани, да не биде уценувана и блокирана во недоглед, сега да стане дел од вториот ешалон на ЕУ, а потоа под засилен европски надзор да почне да работи на целосно исполнување на стандардите и во некоја блиска иднина да се стекне и со прволигашки полноправен статус – велат аналитичарите.
Според нив, земјава требало уште своевремено да ја прифати понудата веднаш да стане дел од заедничкиот европски пазар како преодна фаза кон полноправно членство.
– Ако поранешниот претседател Пендаровски навистина добил таква понуда и ја одбил, направил голема грешка. Македонија да станеше дел од заедничкиот европски пазар ќе добиеше и други привилегии, ќе функционираше де факто како членка на Унијата, со тоа што немаше да биде дел од политичките процеси. И онака е мала, нејзиниот глас немаше ништо да значи, но ќе значеше тоа што немаше да бидат загрозени нашите национални интереси со прифаќањето на штетната преговарачка рамка поради која сега сме доведени во ситуација да бидеме заложници на бугарските условувања. Од оваа перспектива сега, дури и членство во втората лига на ЕУ за нас е подобра варијанта отколку да дозволиме некој да си поигрува и да го загрозува македонскиот идентитет – заклучуваат аналитичарите.