Руско-украинскиот воен судир предизвика ветар на воени промени во Европа. На Стариот Континент, каде што многу земји постепено ги намалуваа своите воени трошоци по Студената војна, сега се обидуваат да се ремилитаризираат. И тој процес добива сѐ поголем интензитет…
Почетокот на руско-украинскиот воен судир го нагласи веќе постојниот повеќегодишен синџир на конфронтациски настани што ја портретираа веќе постојната внатрешна европска криза и операционализација на идеи за ремилитаризација на ЕУ и активности поврзани со идејата за обединети европски држави и заедничка европска армија: забрзување на вооружувањето, воени вежби и издигање на степенот на интероперабилност на вооружените сили на европските држави, зголемување на бројноста на армиите и менување на концептот на служење на воениот рок и регрутирање, воена и финансиска помош за Украина, како и обновување на наменската воена индустрија. Сите споменати фактори играат улога во процесот на т.н. ремилитаризација на Европа
Курсот кон ремилитаризацијата на Европа влегува во формат на
акутна конфронтација меѓу Западот и Истокот
По 2022 година, ремилитаризацијата беше видно забележлива и со новото проширување на НАТО, но и со зголемениот волумен на испораката на воената и финансиската помош за Украина. Ако се следат изјавите на носителите на највисоките функции во ЕУ, но и на функционерите во поединечните земји членки на ЕУ, тие не ја испуштаат шансата да издвојат дека „членките на Унијата како што се одолжува конфликтот, сѐ повеќе стравуваат од ризикот од нуклеарна ескалација, од директен воен конфликт со Русија“ итн.
Клучни ставки на европската ремилитаризација се обновувањето на воената индустрија и враќањето на воениот рок. Тоа се случува во повеќе земји членки на ЕУ, а значајно се развива во водечката – Германија. До скоро не беше замисливо што дури и Шведска, која не водела војна повеќе од 200 години, да го врати воениот рок, а нејзиниот модел сега станува модел за „отслужување на воениот рок“ во повеќе европски земји како Германија, Холандија и Велика Британија.
Неколку примери на очигледна европска ремилитаризација
1. Германија
Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, во јуни годинава ги претстави плановите за нов модел на воена служба што вклучува шест месеци основна обука, со можност за дополнителна служба според 17-месечен договор, отворајќи ја можноста за учество на жени. Во тој контекст, генералниот инспектор на Бундесверот, Карстен Бројер, го поддржа моделот на Писториус, нагласувајќи дека е неопходно да се зголеми бројот на војници за да се исполнат барањата на НАТО и истакнувајќи дека „Германија е клучна членка на Организацијата на северноатлантскиот договор“.
Имено, токму генералниот инспектор на Бундесверот, Карстен Бројер, го претстави „Предлогот за задолжителен воен рок за мажи и за жени“, нагласувајќи ја потребата од зголемување на бројот на воениот персонал во германската армија. Бројер истакна дека моментално замрзнатиот воен рок според Уставот ја опфаќа само машката популација и дека е неопходно да се воведе родова еднаквост по соодветна политичка и општествена дискусија.
– За да ги задоволиме овие потреби, ни требаат над 400.000 војници и резервисти. Без задолжителен воен рок, нема да можеме да го постигнеме тоа – рече Бројер.
Задолжителниот воен рок во Германија беше суспендиран во 2011 година за период од 55 години, што практично значеше укинување на задолжителната воена служба, но сега концептот дијаметрално се менува.
2. Полска во процес на ремилитаризација
Полска годинава се зафати со најголемото купување конвенционално американско оружје во својата историја. Во март годинава Варшава потпиша договор за купување ракети „патриот“ во вредност од 4,75 милијарди долари, зајакнувајќи го системот за противракетна одбрана. Полска исто така побара дополнителни шест системи „патриот“ кон крајот на мај. Тоа не беше прва голема полска воена аквизиција. За потсетување, Полска нарача од САД и тенкови, и тоа 250, од моделот „М1 абрамс“ (повторно од САД). Натаму, Полска продолжи да се ремилитаризира со купување оружје од воениот технолошки гигант Јужна Кореја, вклучувајќи 180 тенка „К2,“ кои треба да бидат испорачани годинава, и уште 400 до 2030 година. Дополнително, Полска купи 48 лесни напаѓачки авиони „ФА 50“ и 1.400 ИФВ (оклопни борбени возила). Министерот за одбрана на Полска, Блашчак, исто така изјави дека Полска ќе ги зголеми своите активни сили на 400.000, а истовремено ќе ги зголеми трошоците за воени цели на 3 отсто од националниот БДП. Веројатно најголемата инвестиција во одбраната што ја направи Полска беше купувањето 500 системи „химарс“ (артилериски ракетен систем) од САД. Натаму, за издвојување е информацијата дека Варшава ги зајакна односите со Вилнус и ја поддржа забраната на Литванија за транзит кон Калининград во услови на зголемени тензии на границата со Белорусија. Покрај одржувањето на одбранбените способности за зацврстување на одбранбената линија, која се протега сè до Балтикот, Полска, исто така го ратификува постојаното присуство на американскиот 5-ти армиски корпус и бара зголемени врски со британската војска.
3. Шведска не војувала повеќе од 200 години, но сега ја врти страницата
Официјална Шведска ја нагласува важноста на воената служба за националната безбедност, која вклучува широк спектар позиции во војската, од техничари до воени командири. Шведска официјално му се приклучи на Северноатлантскиот договор (НАТО) на почетокот на годинава, под претпоставка/став на државното раководство дека „приклучувањето кон НАТО е подобар гарант за безбедност од традиционалната политика на неутралност“. Во Шведска се одвиваше „интензивна информативна кампања“, која ги нагласува придобивките од воената служба за „личен развој и одбранбената стратегија на земјата“ – позната како „тотална одбрана“ – за доброто на општеството како целина.
– Целосната одбрана на Шведска постои за да ги заштити нашата демократија, нашите интереси и правото да живееме како што сакаме – се наведува во една брошура од кампањата што стигна во редакцијата на „Нова Македонија“ од Шведска.
Во кампањата се наведува дека „со станувањето воен регрут се дава непроценлив придонес за Шведска бидејќи се придонесува за обезбедување на слободата“.
Секој 18-годишник добива прашалник за здравјето, образованието и личните ставови. Оние што ќе одговорат позитивно се подложуваат на психички и физички прегледи. По скринингот, кандидатите се подложени на серија тестови за да се процени нивната подготвеност за воена служба. Оние што се квалификуваат, поминуваат низ обука што трае помеѓу 9 и 15 месеци. Одбивањето да се одговори на прашалникот може да резултира со парична казна или затвор. За издвојување е дека годинава, во споредба со изминатите, бројот на регрути е двојно зголемен. Владата планира дополнително да го зголеми бројот на 10.000 годишно. Имено, според одредени аналитичари, враќањето на воениот рок и членството во НАТО предизвикаа значителна промена во размислувањето на младите Швеѓани.
Холандија и Велика Британија исто така го проучуваат шведскиот модел на регрутација, со цел да ги зајакнат своите воени сили.
4. Хрватска
Како што нѐ информира нашиот постојан соработник од Хрватска, Ангел Митревски, и Хрватска повторно ќе воведе служење на редовниот воен рок за младата полнолетна популација. Планот ќе се операционализира од 1 јануари 2025 година.
– За тоа постои и политичка волја, а претстои и политичка одлука. Во меѓувреме, по успешните внатрешнополитички консултации, Министерството за одбрана (МО) на Хрватска се зафати да ги сработи измените на Законот за одбрана и на Законот за служба во вооружените сили, како и на придружните прописи, кои ќе бидат основа за почнување на приемот на првата група регрути што ќе треба да служат задолжителен воен рок – вели Ангел Митревски, цитирајќи изјави од хрватското министерство за одбрана.
Хрватска всушност не го укина целосно воениот рок, туку само го замрзна во 2008 година. Токму затоа процедурата нема да почне одново, бидејќи веќе постои законска регулатива, но и практика според која се одвиваше обука до пред 16 години. Само ќе треба да се приспособи на новите барања и околности.
Сѐ уште не е одлучено дали воениот рок ќе трае два или три месеци. Доколку се примени првата варијанта, тогаш регрутите ќе добијат само основна пешадиска обука, а доколку воениот рок трае три месеци, тогаш во текот на третиот месец регрутите ќе бидат испратени на некоја форма на специјалистичка обука во армијата, воздухопловството и воздушната одбрана или во морнарицата. Според досегашните информации, обуката на регрутите ќе се одвива во три касарни, и тоа во Пожега, Сињ и во Книн. Министерството за одбрана проценува дека во првата година, односно во 2025 година, задолжителна обука ќе поминат меѓу 4.000 и 4.500 регрути, на четири или пет повици на секои неколку месеци.
Што се однесува до регрутите што ќе бидат повикани, а кои поради одредени причини (на пр. верски убедувања) нема да можат да ја следат обуката според предвидените воени стандарди и правила на воената служба (на пример, употреба на огнено оружје и слично), тие ќе мора да служат цивилен воен рок. Според извори во Министерството за одбрана, времетраењето на воениот рок ќе биде подолг, „можеби двојно повеќе“.
Министерството за одбрана ќе ги координира нивните должности и обврски со цивилната заштита, единиците на локалната самоуправа и системот за социјална заштита. Преку системот за цивилна заштита ќе добијат обука за справување со природни катастрофи како пожари или поплави или ќе ги научат основите на прва помош.
Винченцо Бове од Универзитетот во Ворвик, Велика Британија: Ремилитаризацијата и повторното воведување на воената служба може да ги ослабат демократијата и довербата во институциите
Сепак, треба да се издвои дека процесот на регрутирање не е толку плоден насекаде во Европа. На пример, Летонија, која воведува задолжителна воена служба, се соочува со предизвиците на принудната регрутација, што може да резултира со недостиг од мотивација кај младите. Но, генерално, експертите како Винченцо Бове од Универзитетот во Ворвик, Велика Британија, веруваат дека ремилитаризацијата и „присилната воена служба може да ги ослабат демократијата и довербата во институциите“!
Експертот додаде дека не мисли оти општата воена служба може да биде решение за европските армии, односно држави. Тој додава и дека обуката од три до девет месеци не е доволна за да се научат основните вештини и знаења. Тој наведува дека шведскиот модел на регрутирање, кој комбинира доброволна служба со задолжително оценување и селекција, се покажува како еден од поефикасните начини за зајакнување на воениот капацитет.
Но, за жал, европските земји сѐ повеќе бараат начини за зајакнување на капацитетите на своите воени сили. Што планираат со тоа, веројатно ќе покаже времето. Н.М.