Илустрација: „Нова Македонија“

Повод: Сериозна загриженост на европските политички елити за планот на Макрон на своја рака да разговара со рускиот претседател

  • Европските лидери, во неможност да дефинираат унисона надворешна политика и цврст став усогласен со европските принципи и вредности, туркаат сопствена политичка агенда секој за себе, давајќи им предност на интересите на земјите од кои потекнуваат наместо да ја претставуваат Европа како целина

Причините зошто Европската Унија е изоставена од сите глобални геополитички случувања може да се бараат и во неединството на европските лидери во поглед на европската надворешна политика, односно непостоењето конзистентен став за клучните прашања, што ја прави Европа некредибилен партнер на чија било преговарачка маса.
Токму затоа Европската Унија е исклучена од мировните преговори за Украина, ја немаше никаде ниту во постигнувањето мир на Блискиот Исток, а за некои од невралгичните подрачја во Африка, речиси никој и да не ја споменува како некаков фактор што може да помогне во наоѓањето решенија.
Со други зборови, европските лидери, во неможност да дефинираат унисона надворешна политика и цврст став усогласен со европските принципи и вредности, туркаат сопствена политичка агенда секој за себе, давајќи им предност на интересите на земјите од кои потекнуваат наместо да ја претставуваат Европа како целина.

Макрон како соло-играч

Тој внатрешен раздор деновиве повторно исплива на површина откако европските политички елити изразија загриженост поради намерата на францускиот претседател Емануел Макрон да го продолжи дијалогот со рускиот претседател Владимир Путин.
Како што пишува „Ал халиџ“, публикација од Обединетите Арапски Емирати, Макрон постојано нагласувал дека голем број земји веќе водат разговори со Москва, укажувајќи на потребата да се одржат отворени дипломатските канали. Од друга страна, таков пристап предизвика сомнежи кај европските претставници, кои ги доведуваат во прашање и времето и начинот на кој францускиот лидер ја започна оваа иницијатива.
Како што се наведува во текстот, некои европски политичари го гледаат потегот на Макрон како „манифестација на француска исклучителност“, односно како отстапување од доминантната позиција во рамките на Европската Унија. Особено ги загрижува фактот дека, како што тврдат, немало претходни консултации со клучните европски партнери за ова прашање.
„Ал халиџ“ додава дека многу аналитичари биле изненадени од неочекуваната промена во реториката и ставот на францускиот претседател, бидејќи Париз претходно беше меѓу погласните застапници за построг пристап кон Москва. Овој пресврт, оценуваат тие, би можел да ги продлабочи внатрешните поделби во рамките на ЕУ во врска со идната стратегија за односите со Русија.
Од друга страна, Макрон и претходно изјави дека Европа може да има интерес да најде начин за директен контакт со Путин, што од една страна се толкува како обид да ја вклучи Европа во решавањето на украинската криза, но солирањето на францускиот претседател некои кругови го оценуваат како негова интенција да ја стави Франција во подобра позиција во она што би значело утре обнова и воена безбедност на Украина.

ЕУ се дави со внатрешни бирократски прашања наместо да гради единствена надворешна политика

Во контекст на последните изјави на Макрон дека Европа треба да разговара со Путин и дека може да биде „маргинализирана“ од американските напори за мир, многу аналитичари ги поврзуваат овие критики со долгорочните структурни слабости на ЕУ.
– Ако Европската Унија нема силни и унифицирани политики, тоа не само што ја ослабува нејзината позиција во преговорите со Русија туку и ја прави поранлива на надворешни иницијативи што ја исклучуваат од клучните разговори. Ова ја објаснува и фрустрацијата што ја спомена Макрон, дека Европејците може да бидат „на маргините“ ако не успеат да ја координираат и да ја усогласат својата надворешна политика пред другите глобални актери – оценуваат аналитичарите.
Според неодамнешен твит-коментар од „Јуропиан брифинг“, постои мислење дека ЕУ не успева како глобален актер во надворешната политика бидејќи фокусот често е на внатрешни реформи и бирократски прашања наместо на единствено и активно глобално дејствување.
Широко е признаено дека различните национални интереси и ниво на доверба меѓу земјите членки на ЕУ ја прават заедничката надворешна политика многу тешка. Ова е долгорочен проблем што некои аналитичари го нарекуваат „постојан извор на неуспех“ во глобалната политика.
Поранешни функционери на ЕУ и експерти, меѓу кои е Стефан Лене, поранешен висок функционер на Советот на ЕУ, денес аналитичар и експерт за европска надворешна и безбедносна политика во „Карнеги Јуроп“ (Брисел), истакнуваат дека идејата за заедничка надворешна политика е тешко остварлива кога довербата и солидарноста меѓу земјите членки се низок приоритет, што значи дека во кризни ситуации државите членки повеќе се однесуваат индивидуално отколку колективно.
Според повеќе меѓународни експерти што ја анализираат геополитичката позиција на Европа (во контекст на односите со САД, Кина и Русија), Европа не може да развие кохерентен, единствен пристап во однос на овие големи сили, што ја става на маргините на глобалните одлуки.
Други аналитичари, пак, оценуваат дека многу европски лидери ги препознаваат ваквите внатрешни слабости на Европа, па дејствуваат на своја рака, исклучиво во интерес на земјите од кои доаѓаат. Тоа дополнително ја разградува заедничката европска политика, а според аналитичарите, ако тоа стане пракса, тогаш дефинитивно ваква ЕУ нема перспектива.