Реалните приходи во ЕУ растат, но не за сите членки и не за сите европски граѓани еднакво
По пандемијата на ковид-19, европската економија постепено се стабилизира, а статистиката покажува охрабрувачки тренд: во периодот од 2014 до 2024 година, реалните приходи по жител во Европска Унија пораснале за околу 17 проценти. Само во однос на претпандемиското ниво, меѓу 2019 и 2024 година, растот изнесува околу 7 проценти. Но овие бројки кријат една покомплексна приказна. Зад просекот стојат големи разлики меѓу државите, и тоа и во динамиката на растот и, уште поважно, во апсолутното ниво на приходи што граѓаните навистина ги чувствуваат во секојдневниот живот.
Истокот забрзува, Северот стагнира
Последната деценија покажа јасен тренд: земјите од Централна и Источна Европа бележат значително повисоки стапки на раст во однос на традиционално развиените економии. Романија, Хрватска, Полска и Унгарија се меѓу земјите со најдинамичен раст по ковид-кризата, со двоцифрени зголемувања на реалните приходи. Некои од нив тргнаа од пониска основа, што им овозможи побрзо приближување кон европскиот просек. Наспроти тоа, нордиските економии како Шведска, Финска и Данска бележат скромен или речиси незабележлив раст. Овие земји и понатаму имаат високи стандарди, но нивната динамика покажува дека високото почетно ниво често значи и ограничен простор за брзо зголемување.
Растот не е исто што и благосостојба
Сепак, стапките на раст не ја отсликуваат целата реалност. Вистинската разлика во животниот стандард се гледа во апсолутните нивоа на приходи, особено кога тие се мерат според паритетот на куповна моќ. Тука јазот меѓу европските држави останува длабок. Луксембург убедливо предничи, со ниво на приходи што значително го надминува европскиот просек. Веднаш зад него се економски гиганти како Германија, Австрија и Холандија, како и Швајцарија, која иако не е членка на ЕУ, често служи како референтна точка за висок животен стандард. Од друга страна, некои од земјите во Источна Европа и на Балканот, и покрај брзиот раст, остануваат значително под просекот во апсолутни износи. Тоа значи дека иако процентуално напредуваат, разликата во реалната куповна моќ меѓу нивните граѓани и оние од најбогатите држави сè уште е голема.
Европа на различни нивоа
Деценијата по 2014 година, а особено периодот по пандемијата, ја потврди Европа како континент со повеќе економски брзини. Просекот создава впечаток на стабилен напредок, но под површината се гледа сложена слика, и тоа побрз раст во земјите што тргнаа од пониска основа, а стагнација или умерен раст во традиционално богатите економии. Земено генерално, тоа создава длабок јаз во апсолутниот животен стандард. Сепак, за издвојување е дека европските домаќинства во просек живеат подобро отколку пред една деценија, но не живеат еднакво. Разликата во куповната моќ и реалните нивоа на приходи покажува дека економското приближување сè уште не значи и вистинска конвергенција во животниот стандард. Европа расте, но таа апсолутно и понатаму останува нееднаква. П.Р.
ЕУ-економските показатели не се баш оптимистички
Ако реалните приходи по жител се првиот сигнал за подобрување на животниот стандард, тогаш другите макроекономски индикатори ја откриваат пошироката слика – колку е одржлив тој раст и колку е рамномерно распределен.
БДП по жител: конвергенција, но не и изедначување
Бруто-домашниот производ (БДП) по жител, пресметан според паритетот на куповната моќ, покажува дека некои од источноевропските економии постепено се приближуваат до просекот на Европска Унија. Полска и Романија во изминатата деценија значително го намалија јазот во однос на европскиот просек, додека Бугарија и понатаму останува на дното на рангирањето во рамките на ЕУ. Сепак, разликата со најразвиените економии останува голема. Луксембург има БДП по жител повеќекратно повисок од просекот на Унијата, што ја нагласува структурната нерамнотежа меѓу „јадрото“ и „периферијата“ на европската економија.
Скриен притисок врз домаќинствата – инфлација и куповна моќ
Периодот по пандемијата и енергетската криза донесе висока инфлација низ Европа. Во 2022 и 2023 година стапките на инфлација во некои земји од Централна и Источна Европа беа двоцифрени. Унгарија и Полска се соочија со особено силни ценовни шокови, што значеше дека номиналниот раст на платите делумно беше „изеден“ од растот на цените. Наспроти тоа, земји како Германија и Франција имаа поумерени, иако сè уште значајни инфлаторни притисоци. Ова покажува дека реалниот раст на приходите не секогаш се претвора директно во повисока куповна моќ, особено кога инфлацијата ги погодува основните трошоци , како храна, енергија и домување.
Невработеност и пазар на труд
Пазарот на трудот во поголем дел од Европа сега е нешто постабилен отколку во годините по финансиската криза од 2008 година. Стапките на невработеност во рамките на ЕУ се историски ниски во последните неколку години. Шпанија и Грција, кои традиционално имаа висока невработеност, забележаа значително намалување на невработеноста, иако и понатаму остануваат над европскиот просек. Од друга страна, земјите како Чешка и Холандија се соочуваат со недостиг од работна сила, што дополнително врши притисок врз растот на платите.
Јавен долг и фискален простор
Пандемијата значително го зголеми јавниот долг на европските држави. Земјите како Италија и Грција имаат долг што надминува 100 проценти од БДП, што го ограничува нивниот фискален простор за нови социјални и развојни политики. Наспроти тоа, фискално поодржливите економии како Данска и Шведска имаат поголема можност за интервенција во услови на криза. Оваа разлика директно влијае врз способноста на државите да ги заштитат реалните приходи на граѓаните во време на шокови.
Нееднаквост и распределба на доход
Дури и во земјите со висок просечен приход, распределбата на доходот останува клучно прашање. Индикаторите за нееднаквост (како Џини-коефициентот) покажуваат дека некои од источните членки имаат повисока внатрешна нееднаквост во споредба со некои западноевропски држави. Тоа значи дека растот не секогаш е рамномерно распределен, па некои од домаќинствата чувствуваат значително подобрување, додека други стагнираат.
Што значи дека кога ќе се земат предвид БДП по жител, инфлацијата, невработеноста, јавниот долг и нееднаквоста, станува јасно дека Европа навистина бележи економски полуисчекор, но се оддалечува од внатрешната економска изедначеност. Источноевропските земји покажуваат динамична конвергенција, додека традиционално богатите економии некако го задржуваат нивото на благосостојба за граѓаните. Токму тука се гледа суштината на европската економска приказна. Бројките може да покажат некаков раст, но животниот стандард се мери во апсолутни нивоа на приходи и реална куповна моќ. А во таа димензија, јазот меѓу европските граѓани и понатаму останува -длабок. П.Р.

































