Од каде Софија го црпи „правото“ да спречува секакви малцински права на Македонците во Бугарија
- Последен пример за оневозможување на основните малцински права од страна на бугарските власти е спречувањето на македонските организации во Бугарија, вклучувајќи го Македонскиот клуб за етничка толеранција, да го одбележат почетокот на Кресненското востание
- Несомнено, Европа е крајно чувствителна кога станува збор за малцинските права во Македонија, без оглед што во ниту еден извештај на релевантна меѓународна институција не е регистриран случај на загрозени малцински права во земјава, туку, напротив, таа е посочена како пример на максимални права на малцинствата дури и повеќе од предвидените. Но, од друга страна, истата таа ЕУ воопшто не реагира кога нејзина земја членка флагрантно ги прекршува малцинските права на своја територија и не спроведува ниту одлуки на Судот за човекови права од Стразбур, а уште помалку се осврнува на новиот извештај на Советот на Европа, во кој јасно е посочено дека властите во Бугарија продолжуваат и натаму да не ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да не дозволуваат регистрација на здруженијата што се залагаат за признавање на македонското малцинство во Бугарија
Блокадата на македонските евроинтеграции од бугарска страна официјално се формализира од страна на Европската Унија во оној момент кога Бугарија, затскривајќи ги вистинските асимилаторски намери, сопствените лукративни цели ги трансформира во барања за малцински права и на тој начин издејствува мултилатерализација на еден процес, кој на крајот резултира со условување на македонските пристапни преговори со ЕУ со уставни измени.
Директно признание дека Бугарија ја затскрива асимилаторската политика кон Македонија стигна и од самиот бугарски претседател Румен Радев, кој без задршка призна дека Европа не ја разбирала бугарската позиција во врска со историските прашања, па затоа тие се свртеле кон барања за малцинските права на Бугарите во Македонија, по што добиле европска поддршка.
Несомнено, Европа е крајно чувствителна кога станува збор за малцинските права во Македонија, без оглед што во ниту еден извештај на релевантна меѓународна институција не е регистриран случај на загрозени малцински права во земјава, туку, напротив, таа е посочена како пример на максимални права на малцинствата дури и повеќе од предвидените. Но, од друга страна, истата таа ЕУ воопшто не реагира кога нејзина земја членка флагрантно ги прекршува малцинските права на своја територија и не спроведува ниту одлуки на Судот за човекови права од Стразбур, а уште помалку се осврнува на новиот извештај на Советот на Европа, во кој јасно е посочено дека властите во Бугарија продолжуваат и натаму да не ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да не дозволуваат регистрација на здруженијата кои се залагаат за признавање на македонското малцинство во Бугарија.
Македонските организации во Бугарија спречени да го одбележат Кресненското востание
Последен пример за оневозможување на основните малцински права од страна на бугарските власти е спречувањето на македонските организации во Бугарија, вклучувајќи го Македонскиот клуб за етничка толеранција, да го одбележат почетокот на Кресненското востание. Според Ангел Радонов, претседателот на клубот, тие доставиле известување до Општина Кресна за планираното полагање цвеќе пред споменикот на Димитар Поп Георгиев Беровски, но добиле одговор дека на 20 октомври градот има други настани, што го спречува нивното чествување.
– Кметот на Кресна ни забрани. Поднесовме тужба во судот, но добивме одговор дека градот има настани на тој датум. Мислат дека ќе објавиме востание и ќе објавиме независност, од тоа се плашат – рече Радонов.
Во своето објаснување, локалните власти во Кресна навеле дека чествувањето на Кресненското востание, кое во бугарската историографија се познава како Кресненско-разлошко востание, може да се смета за „антидржавно“ и противуставно, бидејќи е закана за територијалниот интегритет на Бугарија.
Првиот човек на Македонскиот клуб за етничка толеранција истакнува дека тие немаат намера да се откажат, бидејќи нема кој да ги запре. Според Радонов, ова е уште еден пример за тоа каква е „демократијата во Бугарија и во Европската Унија“.
Дополнително, македонските организации поднесоа тужба до Европскиот суд на правдата против Европската комисија поради дискриминацијата што ја доживуваат. Но судот неодамна ја отфрли тужбата, што, според Сашо Маневски, претседателот на Нов АСНОМ, е доказ дека дискриминацијата против Македонците во ЕУ е озаконета.
– ЕК и Судот за правда се ставаат на страната на Бугарија против прекршувањето на основните човекови права на Македонците – истакна Маневски.
Сите овие настани се случуваат во период кога Советот на Европа бара од Бугарија да преземе мерки за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, кои вклучуваат олеснување на регистрацијата на македонските здруженија, што останува отворено прашање за многу Македонци во Бугарија.
Минатата година во Благоевград беше отворен, па набрзо затворен македонскиот клуб „Никола Вапцаров“, повторно поради притисоците од страна на бугарската држава врз македонското малцинство во Бугарија. С.Т.
Со амандманите на Уставот по 2001 година, во Уставот се впишаа „деловите на соседните народи во државата Македонија“. И сето тоа во една тенденција „Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја, Македонија да се демонтира во држава на национални малцинства, односно на етнички заедници, без македонски народ како носител на државноста, (и по логиката на непостоење државотворен народ во своја држава) да не може да има свое национално малцинство во друга, на пример соседна држава“, обрнува внимание првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров
Зошто ЕУ го толерира репресивното однесување на своја членка кон малцинствата?
Клучното прашање е зошто Европската Унија толерира вакво однесување на Бугарија кон малцинствата на сопствена територија, а ја поддржува бугарската блокада на македонските евроинтеграции поставена токму поради барања за малцински права на македонските граѓани што се чувствуваат како Бугари.
– Европа го толерира фашизмот на Софија кон македонскиот народ воопшто, затоа што Европа го затвори македонското прашање со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, по Балканските војни 1912-1913 година. И… Букурешкиот договор не го реши македонското прашање, туку ја легитимира окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ. Културата и историјата на Македонија од нејзините окупирани делови биле инкорпорирани како официјална култура и историја на окупаторите Србија, Бугарија, Грција и Албанија. За време на Втората светска војна, 1939-1945 година, Македонците водеа националноослободителна борба во сите делови на Македонија, меѓутоа државноста ја возобнови само во вардарскиот дел на Македонија. Со дисолуцијата на поранешна СФР Југославија во 1990 година, македонското прашање односно темата Македонија повторно се реинкарнира. За очекување беше однесувањето на соседите на Македонија: Што ако ова парче земја како држава Македонија воспостави ексклузивно право врз културата и историјата на Македонија, што ќе остане од нашата култура и историја? И затоа единството на сите околу нас, со целиот анимозитет меѓу нив, во агресијата против Македонија и Македонците. Затоа не ни признаваат име, народ, држава, јазик, култура, црква, историја, граници, територија – вели првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.
Според него, Македонија во времето на СФРЈ се грижеше за унапредување на правата и слободите на деловите на македонскиот народ во соседните земји и тоа беше уставна обврска!
– Но, со Уставот од 17 ноември 1991 година, Македонија ја избриша уставната „грижа за деловите на македонскиот народ во соседните земји“. За сметка на тоа, со амандманите на Уставот по војната во 2001 година, во Уставот се впишаа „деловите на соседните народи во државата Македонија“. И сето тоа во една тенденција „Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја, Македонија да се демонтира во држава на национални малцинства, односно на етнички заедници, без македонски народ како носител на државноста, (и по логиката на непостоење државотворен народ во своја држава) да не може да има свое национално малцинство во друга, на пр. соседна држава“… Оваа операција не е резултат на соседните метрополи, туку на интересите на таа иста Европа од 1913 година. Затоа, толеранцијата на Брисел кон нацизмот и фашизмот на Атина и Софија спрема Македонците кај нив и во државата Македонија. За пример: И покрај постапките и речиси 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права против Бугарија по тужби на Македонците во Бугарија, за суспензија на правото на собир и протест, вероисповед и информирање на мајчин македонски јазик и регистрација на здруженија и партии, Брисел молчи или е толерантен во апстиненцијата на Софија и Атина за спроведување на европските одлуки кон репресивниот режим во нејзините членки Грција и Бугарија. Сѐ додека Македонија е сервилна кон заштитата на правата на Македонците во овие две земји членки, Македонците ќе бидат жртви на репресијата со забрана на правото на собир и протест, вероисповед и информирање на мајчин македонски јазик и регистрација на здруженија и партии – истакнува Петров. С.Т.