Европската „Коалиција на подготвените“ разгледува нацрт-план за безбедносни гаранции за повоена Украина
Според заедничката изјава на учесниците на состанокот на т.н. Коалиција на подготвените, безбедносните гаранции на коалицијата би вклучувале распоредување сили под водство на Европа во повоена Украина што „се поддржани од САД, како и следење на примирјето од страна на Вашингтон“.
Нацртoт на споменатата воинствена европска Коалиција на подготвените вклучува „обврзувачки обврски“ за членките на коалицијата да ја поддржат Украина во случај на „идeн руски напад“. Тие обврски вклучуваат „воени способности, разузнавачка и логистичка поддршка, дипломатски иницијативи и усвојување дополнителни санкции“. Во документот се наведува дека САД би воделе „механизам за следење и проверка на прекинот на огнот“ со меѓународно учество и би се обврзале на „поддршка“ на мултинационалните сили под водство на Европа(!?). Американскиот реномиран медиум „Блумберг“ извести дека „европските лидери на париските преговори сакаат во договорот да се вклучи можност за испраќање американски трупи во повоена Украина“, иако, за потсетување, токму Вашингтон претходно ги исклучи таквите предлози.
Не е јасно што значи во овој случај „американското поддржување“ на европските војници во Украина, но односите меѓу ЕУ и САД моментално се многу затегнати поради реториката околу Гренланд. Најконкретен е украинскиот „Суспилне“, кој пишува дека е договорено САД да обезбедуваат „разузнавачка и логистичка помош“.
По разговорите, украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи напиша дека плановите за мултинационални трупи вклучуваат детали за „распоредување на силите, бројот, специфичните видови оружје и компоненти на вооружените сили потребни и способни за ефикасно дејствување“. Тој додаде дека партнерите во рамките на коалицијата разбираат „која земја за што е подготвена“ и им се заблагодари „на секој лидер и секоја држава што навистина сакаат да бидат дел од мирно решение“.
Велика Британија и Франција преземаат водечка улога за создавање на коалицијата
Во декларацијата се наведува дека Велика Британија и Франција ја преземаат водечката улога во изградбата на коалицијата на волните земји, вклучувајќи ги „Мултинационалните сили – Украина“ (МНФ-У), за да се воспостават стабилни услови за траен мир и украински суверенитет откако ќе се постигне примирје.
Во тие рамки, Украина ќе им даде на Обединетото Кралство, Франција и сите други нации што придонесуваат во МНФ-У право да користат потребни средства, „вклучувајќи употреба на сила, за да ја исполнат мисијата на МНФ-У и да ги заштитат персоналот, опремата и инфраструктурата на МНФ-У и Украина“.
Се осигурува дека сите акции во врска со распоредувањето на вооружените сили на Обединетото Кралство, Франција и земјите што придонесуваат во МНФ-У, нивното движење, поддршка и спроведување какви било операции „ќе се одвиваат под строга контрола и управување на заедничкиот оперативен штаб на „Мултинационалните сили – Украина“, со задолжителна координација со Генералштабот на вооружените сили на Украина“.
Број на војници
Овие сили би биле распоредени во Украина за да ја зајакнат армијата на земјата и да обезбедат „мерки на уверување во воздух, на море и на копно“. Според Радио Слободна Европа, распоредувањето би можело да вклучува меѓу 15.000 и 30.000 војници. „Скај њуз“ исто така извести дека документот предлага создавање американско-украинска подгрупа во рамките на коалицијата.
Британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа изјава за намера за испраќање трупи во Украина во случај на постигнување мировен договор.
Германија и Италија покажуваат претпазливост
Германскиот канцелар Фридрих Мерц навести дека Германија би можела да биде дел од мултинационалните сили за надзор на примирјето во Украина, но со трупи стационирани на соседна територија.
– Германија ќе продолжи да придонесува политички, финансиски и воено. Тоа, на пример, би можело да вклучува распоредување сили во Украина на соседна територија на НАТО по примирјето – рече Мерц по состанокот на украинските сојузници во Париз.
Тој рече дека откако ќе се договорат набљудувачките сили, владата и парламентот „ќе одлучат за природата и обемот на германскиот придонес“, додавајќи дека Берлин засега „ништо не исклучува“.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која учествуваше во коалициските преговори, потврди по состанокот дека Италија нема да распореди никакви трупи на терен во Украина. Мелони во владина изјава ја повтори „поддршката на Рим за безбедноста на Украина“.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави пред новинарите дека Хрватска нема да испраќа војници во Украина по евентуален прекин на огнот, но ќе помогне со дипломатски напори и пакети на воена помош, пренесе Хина.
Шпанија, пак, дека ќе предложи нејзината армија да помогне во зацврстување на мирот во Украина еднаш кога таму ќе се постигне прекин на огнот, како што рече шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во вторникот по собирот во Париз.
– Шпанската влада ќе предложи да ги отвориме вратите за воено учество во Украина – рече тој, додавајќи дека за таа можност ќе разговара со главните политички партии во Шпанија.
Белгија и Шведска изразија конкретни заложби
Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека Белгија по завршувањето на војната ќе обезбеди воздушни и поморски средства за да помогне во зачувување на мирот во Украина.
– Заедно со широка коалиција партнери, Белгија ќе го преземе својот дел од меѓународните напори насочени кон зачувување на мирот во Украина по завршувањето на непријателствата – рече тој.
Според неговите зборови, придонесот на Белгија ќе биде особено насочен кон воздушни и поморски сили, како и кон напори во обука.
– Важно е тие напори да имаат силна поддршка на САД, како и надзор под водство на САД, што ќе обезбеди ефикасно одвраќање и ќе овозможи постигнување долгорочна стабилност – додаде белгискиот премиер.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон исто така рече дека Шведска е подготвена да обезбеди борбени авиони „грипен“ и ресурси за деминирање на Црно Море по потпишувањето мировен договор со Русија.
Според зборовите на Мет Витекер, американскиот амбасадор при НАТО, страните „можеби се на самиот праг на мировен договор“, бидејќи се очекува неколку договори меѓу Киев, Коалицијата на волни и САД да бидат финализирани „многу брзо“.
Останува нејасно дали Москва ќе биде отворена за какви било договори постигнати во разговорите меѓу Украина, САД и Европа. Русија доследно се противи на присуството на западни трупи во Украина како дел од повоен договор и продолжува да бара Украина да се откаже од своите аспирации кон НАТО и да ја отстапи целата област Донбас, вклучувајќи ги териториите што сè уште ги држат силите на Киев. Р.С.
































