Фридрих Мерц / Фото: ЕПА

Предупредување од германскиот канцелар Мерц за неопходноста за реформирање на ЕУ

  • Зборувајќи во германскиот парламент пред самитот на европските лидери во Брисел што се одржува неделава, Мерц повика да се спроведат сеопфатни економски реформи, предупредувајќи дека Европската Унија во спротивно ризикува да ја изгуби во целост својата глобална релевантност

Европа ќе ја изгуби својата независност од глобалните економски гиганти ако нејзините лидери не дејствуваат брзо за да ја вратат конкурентноста, предупреди германскиот канцелар Фридрих Мерц. Зборувајќи во германскиот парламент пред самитот на европските лидери во Брисел што се одржува неделава, Мерц повика да се спроведат сеопфатни економски реформи, предупредувајќи дека Европската Унија во спротивно ризикува да ја изгуби својата глобална релевантност.
Токму на оваа тема направи осврт и угледниот европски медиум „Политико“, при што детално се осврнува на јавното предупредување на германскиот канцелар Фридрих Мерц.
– Ова е клучно за иднината на нашата земја и земјите од Европа, бидејќи во наредните недели, месеци, а можеби и неколку години, ќе се одлучи дали Европа ќе остане независна економска сила во глобалната економија или ќе станеме пион на главните економски центри во Азија или Америка – го цитира Мерц, медиумот „Политико“.

Мерц под зголемен притисокпоради слабостите на германската економија

Споменатиот медиум анализира дека Мерц е под зголемен политички притисок дома поради повиците за поголем ангажман во справување со економската криза во Германија. По две последователни години економски контракции, економистите очекуваат мал или никаков раст годинава, делумно поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп, кои особено силно ја погодија извозно ориентираната економија на Берлин. Германските бизнис-лидери сега апелираат до канцеларот да преземе похрабри реформи за да го поттикне растот.
Центристичката коалиција на Мерц вети дека ќе спроведе реформи на пазарот на трудот и социјалната помош. Но, во последните недели, Мерц сè повеќе го посочува прстот кон Брисел, повикувајќи го блокот да ја намали бирократијата за бизнисот, да го зајакне внатрешниот пазар на ЕУ и да склучи повеќе глобални трговски договори.
– Немаме проблем со свеста во Европа, имаме проблем со имплементацијата. Затоа, имам намера повторно да го отворам ова прашање за имплементација со нашите европски партнери. И уште еднаш, ова првенствено се однесува на конкурентноста на нашата европска економија – заклучи германскиот канцелар.

Апел од Мерц за проширување на трговските партнерства

Мерц посочи дека акциониот план веќе е на маса, повикувајќи се на две студии од поранешните италијански премиери Марио Драги и Енрико Лета за предлози за продлабочување на внатрешниот пазар на ЕУ и зголемување на конкурентноста.
– Овие два извештаја не смеат да исчезнат во плакарите на Европската комисија. Тие сега припаѓаат на агендата на Европската Унија – нагласи водечкиот германски функционер.
Мерц ја повика Европската комисија да преговара за повеќе трговски договори исклучиво на ниво на ЕУ со земји и трговски блокови низ целиот свет. Тој, исто така, ја повика ЕУ да потпише трговски договор со јужноамериканскиот блок на земјите од Меркосур пред крајот на годинава.

Потреба за значителни инвестиции за одржување на конкурентноста на глобално ниво

Европа треба значително да инвестира за да остане конкурентна со глобалните економски сили како САД и Кина, според ланскиот извештај на поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги. Извештајот, нарачан од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повикува на зголемување на инвестициите од 750 до 800 милијарди евра годишно за да ѝ се помогне на Европската Унија да одговори на растечките глобални предизвици.
Според Драги, заедничкото задолжување на ниво на ЕУ е клучно за постигнување на оваа амбициозна цел, осигурувајќи дека европската економија, позната по своите високи еколошки стандарди, ќе остане конкурентна. Зголемувањето на инвестициите што се бара во извештајот изнесува речиси пет проценти од бруто-домашниот производ на ЕУ и е неопходно за да ѝ се помогне на економијата да се приспособи на глобалните промени и да избегне понатамошно заостанување зад конкурентите.
– За првпат од Студената војна, навистина мора да се плашиме за сопствениот опстанок. Ни треба радикална промена – рече Драги на прес-конференција во Брисел, презентирајќи го извештајот. С.Р.