ПОРАКАТА НА МАКРОН СО КОЈА ТОЈ САКА ДА БИДЕ СЛУШНАТ ВО МОСКВА:
Европските земји никогаш нема да ја напуштат Украина, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во обраќањето пред британскиот парламент за време на државната посета реализирана деновиве на Обединетото Кралство.
– Ќе се бориме до последен момент за да постигнеме прекин на огнот, да започнеме преговори и да изградиме траен мир – рече Макрон.
Францускиот претседател и британскиот премиер Кир Стармер закажаа повторен состанок на „коалицијата на добронамерните“ за денес, преку видеоконференција од воздухопловната база Нортвуд во близината на Лондон. Се очекува тие двајца денес да разговараат со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и со европските лидери, вклучувајќи ги и германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, кои потоа ќе одат во Рим на конференција за реконструкција на Украина.
Да потсетиме дека на крајот на март, по самитот на „коалицијата на добронамерните“ во Париз, Макрон објави дека неколку европски земји планираат да испратат т.н. „сили за одвраќање“, и тоа на територијата на Украина.
Според него, тие сили нема да ја заменат украинската армија ниту ќе имаат мировен мандат, туку ќе имаат улога на „превентивно воено одвраќање“. Како што изјави тој, контингентите ќе бидат распоредени на однапред одредени стратешки локации во договор со украинската страна.
Во таа пригода, Макрон призна дека некои земји не се согласуваат со оваа иницијатива, но нагласи дека едногласната поддршка не е неопходна за нејзино спроведување.
Според информациите на руската служба за надворешно разузнавање и информации лиферувани во јавноста, „Западот наводно планира да распореди контингент од околу 100.000 војници на територијата на Украина за да ја обнови борбената способност на украинската армија“. Но, разузнавачката служба на Русија тврди дека „таков потег би претставувал фактичка окупација на Украина“. Р.С.