Амбициозен проект на ЕУ во следните две децении
- Проектот тежок 546 милијарди евра предвидува повеќе од 49.400 километри нови и модернизирани пруги, по кои возовите би се движеле со брзина помеѓу 250 и 350 километри на час. Новата мрежа ќе ги опфати сите поголеми градови, но и поголеми агломерации со повеќе од 250.000 жители, како што се Солун, Љубљана, Краков или Марсеј
Планот на Европската Унија предвидува во следните 20 години изградба на континентална мрежа од брзи железници што треба да ги поврзе сите поголеми градови и поголеми урбани центри, објави Евроњуз.
Проектот наречен „Европска мрежа за брзи железници“, кој го промовира здружението ЦЕР (Заедница на европски железнички и инфраструктурни компании), наскоро треба да добие официјално одобрение од Европската комисија. Станува збор за најголемиот инфраструктурен проект во историјата на ЕУ, вреден 546 милијарди евра, чија цел е да создаде побрз, позелен и поотпорен европски транспортен систем.
Новата мрежа ќе ги опфати сите поголеми европски градови
Планот предвидува повеќе од 49.400 километри нови и модернизирани пруги, по кои возовите би се движеле со брзина помеѓу 250 и 350 километри на час. Новата мрежа ќе ги опфати сите поголеми градови, но и поголеми агломерации со повеќе од 250.000 жители, како што се Солун, Љубљана, Краков или Марсеј.
– Целта е сите европски главни градови да бидат меѓусебно поврзани со брзи возови. Не само Париз и Берлин, туку и Атина, Братислава или Загреб. Сакаме и помалите градови по тие линии да имаат корист од овој проект, бидејќи брзите железници ги менуваат економијата, туризмот и начинот на живот – изјави Алберто Мацола, извршен директор на ЦЕР, за време на презентацијата на проектот во Атина.
Според него, целта на проектот е железницата да се претвори во главна форма на транспорт во Европа. Според процените на ЦЕР, 50 отсто од патувањата на долги релации во иднина ќе се одвиваат со брзи возови, а 20 отсто од нив сè уште ќе користат конвенционални линии.
– Денес, просечниот турист патува околу 300 километри за шест часа. Ако возот патува со 250 километри на час, истиот патник може да патува дури 1.500 километри за исто време. Тоа е еден вид револуција што ја постигнаа земји како Кина, Франција или Шпанија – истакна Мацола.
Железницата го презема приматот од авиосообраќајот
Според проекциите, патувањето од Атина до Истанбул би траело четири часа, додека од Мадрид до Милано би траело помалку од шест часа. Ова би ги направило брзите возови сериозен конкурент на воздушниот транспорт на пократки растојанија, со многу помал јаглероден отпечаток.
Проценетата цена на проектот е 546 милијарди евра, а планираното времетраење на изградбата е 20 години. ЦЕР предлага финансирањето да се обезбеди со комбинација од европски и национални фондови, со можност за користење дел од средствата наменети за европска одбрана и инфраструктура.
– Железницата е докажана стратешка инфраструктура. Војната во Украина покажа колку е важна за мобилноста на луѓето и за резервите. Кога започна војната, повеќе од шест милиони Украинци беа евакуирани со железница, што потврди дека возовите се клучни – нагласи Мацола.
Тој уште додаде дека Европа се соочува со сериозни инфраструктурни недостатоци, без оглед што инвестира во железници со децении.
– Денес имаме помалку железници отколку по Втората светска војна, во просек од 15 до 20 отсто помалку по земја, а во исто време изградивме 80 отсто повеќе водни патишта. Недостигот од железници ги ограничува можностите за транспорт и инвестиции – нагласи Мацола.
Од вкупно 200.000 километри железници во Европа, околу 5-10 отсто од мрежата веќе е целосно заситена.
– Ако сакате да воведете нов воз на некоја маршрута, мора да го отстраните постојниот. Тоа покажува колку е ограничен капацитетот – додаде Мацола.
Европа пред сѐ значи мрежно интегрирана линиска инфраструктура
Дека сме крстопат, тоа не е флоскула
- Европскиот план за поврзување на повеќето европски градови со брза железница е во целосна корелација со плановите на македонската влада, која изградбата на брза пруга по должината на коридорот 10 и конечното железничко поврзување со Бугарија ги стави меѓу главните приоритети на кои веќе интензивно работи
Посветеноста на Македонија како држава да ги надгради коридорите 10 и 8 со патна и железничка инфраструктура јасно говори за нејзината стратешка цел за брза европска интеграција, која во моментот е опструирана поради билатерални условувања.
Сепак, се чини дека и покрај моменталната блокада на евроинтеграциите од страна на Бугарија, сите други евроинтегративни процеси на земјава течат со забрзана динамика, почнувајќи од потпишувањето стратешки договор за заедничка европска одбрана, потоа преку плаќањата во евра со земјите од единствената област за плаќање во евра (СЕПА), финансиските средства доделени преку пакетот за помош за Западен Балкан, сето тоа дополнето со усогласената надворешна политика со ЕУ.
Сето ова покажува дека ЕУ не може да замижи пред фактот дека Македонија географски е дел од Европа, па прашање на време е кога и политички ќе стане дел од Унијата бидејќи сите патишта кон и од југот на континентот водат по должината на коридорот 10.
Токму затоа официјален Брисел веќе го подготвува најкрупниот инфраструктурен проект во својата историја, изградба на брзи железници со кои би се споиле сите градови распослани низ европскиот континент, вклучително и Скопје.
Европскиот план е во целосна корелација со плановите на македонската влада, која изградбата на брза пруга по должината на коридорот 10 и конечното железничко поврзување со Бугарија ги стави меѓу главните приоритети.
Неодамна во Атина имаше средба меѓу македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николовски и грчкиот вицепремиер Костис Казидакис, при што заеднички беше констатирано дека поефикасно регионално поврзување е важен предуслов за забрзан економски развој на регионот. Обајцата го ставија акцентот токму на брзата пруга што Македонија планира да ја изгради до грчката граница.
На почетокот на следниот месец се очекува да биде потпишан и договорот за заедничка изградба на прекуграничниот тунел на пругата кон Бугарија, со што треба да се случи и железничко поврзување меѓу двете земји по должината на коридорот 8. Тука не се работи за брза пруга, но сепак значи инфраструктурно разгранување и кон источниот сосед и пристаништата во Црно Море.
– Планот на ЕУ да гради мрежа од брзи железници доаѓа во вистински момент кога Македонија најави дека ќе пристапи кон изградба на брза железница по должината на коридорот 10. Во овој момент е клучно надлежните, секако во консултација со стручната фела, да подготват проект за брза железница што во перспектива не би го загрозил проектот „Вардарска Долина“. За изградба на пругата се обезбедени пари со стратешкиот договор со Велика Британија, но не би било лошо Македонија да се обиде да обезбеди дел од средствата и од ЕУ, имајќи го предвид фактот дека европскиот проект предвидува поврзување и со Атина, што неминовно ќе се случи преку коридорот 10, кој е најкраток и најповолен во географска смисла. Значи одново ќе заживее железницата, Македонија ќе се поврзе со пристаништата на југот на Европа, но ќе биде и главна транзитна делница на целата стока кон остатокот од Европа. Сега дури и онаа идеја за копнено пристаниште во близината на Скопје звучи добро, така што треба да се интензивираат разговорите со ЕУ и таа да се вклучи во реализација на овој проект бидејќи и онака е во нејзините планови и проекти. Како и да е, ова се добри вести за Македонија, која и покрај моменталната блокада на евроинтеграциите, сепак во пракса сѐ подлабоко се интегрира во европското семејство – заклучуваат дел од познавачите на состојбите.