Фото: ЕПА

Фудбалски, кошаркарски и ракометни средби меѓу составите на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати, со што би се дал нов поттик на проширувањето, необичен предлог на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент во Брисел уште еднаш потврди дека за Македонија да напредува на патот кон ЕУ, „треба да го смени Уставот“

Ставот на Европската комисија и ставот на македонската влада во врска со прогресот на евроинтегративниот пат на Македонија

Марта Кос во своето прво обраќање пред европратениците од Комисијата за надворешни работи, по нејзиниот избор за комесарка за проширување, го повтори она што го кажа за време на нејзиното сослушување пред Европарламентот. Таа нагласи дека за време на овој мандат се очекува две, а можеби и три земји да станат членки на ЕУ. Процесот на проширување според неа треба да се темели на заслуги, како за земјите кандидати така и за членките. Таа директно му се обрати на европратеникот од Бугарија Андреј Ковачев, без тој да зборува за неговите добропознати ставови за Македонија, дека само кога Македонија ќе ги направи уставните измени, тогаш со помош на Бугарија ќе напредне на патот кон ЕУ. Кос останува на својата позиција, изразувајќи дека барем засега нема разбирање за барањата на македонската влада. Таа останува на бугарската позиција дека Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.
– Се надеваме дека Македонија ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум, штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така и со поддршка на Бугарија, ќе можеме продолжиме на тој пат – изјави Кос во дебатата посветена на процесот и пакетот за проширувањето на ЕУ, претставен од претходниот состав на комисијата.

До завршувањето на преговарачкиот процес се потребни близу 150 одлуки на ЕУ-членките, донесени со консензус

Еврокомесарката пред Комисијата за надворешни работи ја нагласи сложеноста на процесот на проширување, потенцирајќи дека се потребни 150 одлуки со консензус на членките на ЕУ за започнување и завршување на преговарачкиот процес на само една земја кандидат, но дека треба да се направи сѐ за да се избегне билатералните прашања да влијаат на преговорите.
– Но тоа веќе се случува и ќе се случува во иднина, па задача на сите нас е да ги решаваме кога ќе се појават – истакна Кос, додавајќи дека оние земји кандидати за членство што ги спроведуваат потребните реформи треба да имаат придобивки од нивните напори.
Таа притоа не одговори директно на прашањата на хрватскиот европратеник Тонино Пицула и на австрискиот Томас Вајц, известувачот на ЕП за Македонија, кои нагласија дека „С. Македонија не беше наградена за направените напори, плус таа беше одвоена од процесот со Албанија“.
Марта Кос само потенцира дека проширувањето денес е поинакво отколку што беше пред пет години и постои огромна можност работите во овој процес да се придвижат напред.
– Првпат по десет години постои реална перспектива дека во текот на овој мандат (на институциите на ЕУ) можеме да донесеме една, две или три земји до целта – рече Кос.
Таа изрази надеж дека за време на актуелното полско претседавање со Советот на ЕУ ќе бидат отворени еден или два кластера со Украина и со Молдавија, како и дека ќе се постигне напредок во преговорите по неколку поглавја и кластери со земјите од Западен Балкан.
– Доколку земјите кандидати се држат до реформите за напредок, за време на полското претседателство можеме да видиме поголем напредок отколку во последните десет години – нагласи Кос.

Нема да има геополитички протекции за кандидатите

Еврокомесарката потенцира дека и покрај руската агресија врз Украина, која донесе нова динамика во проширувањето, сепак тој процес и натаму останува заснован на заслуги. Но Кос исто така изнесе дека „проширувањето е проект на целото општество, а не само на парламентите и владите на земјите кандидати за членство“.
– Нема да има геополитичко попуштање, проширувањето останува процес заснован на заслуги – нагласи Кос, додавајќи дека владеењето на правото и почитувањето на основните вредности се и ќе останат камен-темелник на политиката на проширување.
Заборавајќи да каже дека Македонија и покрај напредокот и направените реформи, а да не зборуваме за жртвите – како промената на името, сепак не напредна многу на патот на преговорите, таа нема отворено ниту едно поглавје иако беше лидер во регионот.
Осврнувајќи се на амбициите на земјите од Западен Балкан за членство на ЕУ, еврокомесарката за проширување најави дека неделава ќе ја посети Црна Гора, а во текот на февруари и Албанија.
– Го започнавме мандатот со отворање еден кластер со Албанија и со затворање три поглавја со Црна Гора… Ќе одам во Црна Гора неделава да го прославам нивното достигнување и да поттикнам понатамошен напредок за време на полското претседателство – нагласи таа.
Според Кос, целите поставени од Црна Гора и од Албанија за затворање на сите поглавја во преговарачкиот процесот со ЕУ до крајот на 2026 односно 2027 година се „многу амбициозни“, но не се и неостварливи. Што се однесува до Србија, според Кос, таа мора да исполни одредени критериуми за отворање на преговорите по кластерот 3, нагласувајќи дека сега ЕУ чека Белград да ги испорача реформите што ги вети.
Таа, оставајќи впечаток на изнесен сериозен предлог, без хумористичен тон, со одредена доза на алегоричност, најави и иницијатива за организирање фудбалски, кошаркарски и ракометни натпревари меѓу тимови на земјите кандидати за членство и државите членки на ЕУ, со што би се дал нов поттик на проширувањето, надвор од преговорите по поглавја и кластери и спроведувањето на реформите, повикувајќи ги присутните европратеници без разлика дали се припадници на машкиот или женскиот пол да се вклучат во составувањето на тимовите што ќе ги одмеруваат силите, односно ќе се дружат со нивните колеги од земјите кандидати.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур


По многубројните разочарувања, неисполнети ветувања, но и постојаниот притисок Македонија да прави нови отстапки поврзани со билатерални прашања, крајно време е официјален Брисел да покаже барем малку доблест и да ја прекине практиката преседаните направени врз Македонија да станат европски начин на однесување. Еврокомесарката за проширување Марта Кос вели дека не ѝ се допаѓа билатерализацијата на процесот на проширување, но во исто време ЕУ не прави ништо да го промени тоа

Европската комисија да покаже дека не излегува од меѓународноправната рамка и да не импровизира, излегувајќи во пресрет на неоснованите бугарски барања

Правната втемеленост и предвидливоста – клучни за македонскиот евроинтегративен процес

Она што останува клучно за Македонија во процесот на евроинтеграциите, тоа е неизлегување на Брисел од рамките на меѓународното право. Но, второ, исто така исклучително битно е предвидливоста, односно „земјата на патот кон Европската Унија да биде оценувана според нејзините реални достигнувања, наместо да биде условувана и уценувана со билатерални прашања на кои не им се гледа крајот“.
Тоа е пораката што ја упати министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, откако претходно комесарката за проширување Марта Кос, говорејќи на дебата пред пратениците во Европскиот парламент, уште еднаш ја повика земјава да ги спроведе уставните измени.
– Нашиот пристап е да бидеме најдобрата влада пред граѓаните, но и во очите на нашите европски партнери во делот на испорачаните реформи и во усогласеноста со заедничката безбедносна политика на Унијата. Сакам Европската Унија да каже: „Оваа е владата што испорачува реформи“, но истовремено да најдеме рационално решение со Бугарија, кое ќе гарантира дека по шест месеци нема да се вратиме на позиција каде што тие повторно ќе најдат причини да ги блокираат нашите евроинтеграции – истакна Муцунски.
Според него, радува реториката од чинителите во Брисел што вклучува дијалог и наоѓање рационални решенија во контекст на проширувањето и потребата од предвидливост на процесот, наместо фокусот да биде исклучиво врз уставните измени.
Шефот на македонската дипломатија смета дека суштината е во обезбедување предвидливост на патот кон членството во ЕУ, што може да се постигне преку уставни измени со одложено дејство.

Фото: МНР

– Ако чинителите во Брисел имаат други идеи за предвидливост, отворени сме за дијалог, но преку консултации со експертската заедница, невладиниот сектор и јавноста – посочи Муцунски.
Тој уште додаде дека Владата нема да се однесува аматерски и парадерски, како што тоа било случај во минатото, туку ќе покаже професионален и стратегиски пристап.
Говорејќи околу деблокада на евроинтеграциите, Муцунски вели дека пристапот е да бидеме најдобрата Влада пред граѓаните, но и во очите на нашите европски партнери во делот на испорачаните реформи.
– Треба да се бориме, но и да бидеме свесни за нашите силни страни – стратегиската позиција на нашата држава и фактот дека Европската Унија не може да си дозволи уште една грешка во однос на нашата интеграција – истакна Муцунски.
Во однос на решавањето на проблемот со Бугарија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија нагласи дека доколку се гледа низ призмата на лошата практика од минатото, најдобро е тоа да се постигне со политичка влада што ќе има целосен легитимитет.
За издвојување се делови од последниот настап на министерот во гостувањето во „Топ тема“ на телевизија Телма, каде што посочи дека „доаѓањето на новата американска администрација може да значи нов ветер во едрата за Македонија и дека се очекува американска поддршка за земјава и за прашања важни за надворешната политика“!
– Дефинитивно доаѓањето на новата администрација на САД е значаен чин за нас. Мицкоски ќе ја предводи и нашата делегација таму, заедно со него ќе бидеме дел од многу формални и неформални активности, како и самата инаугурација. Да ги афирмираме нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи премиерот, јас и други чинители во Владата. Исто така и да го потврдиме и континуитетот што го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО, и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања што како земја нас најмногу нѐ засегаат – рече Муцунски. С.Т.


Скандал ја потресува Европската комисија поради прикривање на еднонеделната хоспитализација на Урсула фон дер Лајен. Во отсуство на Фон дер Лајен, функционирањето на еврокомисијата беше доведено во прашање, особено откако се појавија мислења дека еврокомесарите дејствуваа на своја рака без надзор на нивната шефица, односно без јасна хиерархиска поделба што би одредила кој ја менува Фон дер Лајен додека таа не може да ги извршува обврските

„Обезглавена“ Владата на ЕУ?!

Еврокомесарите како „слободни стрелци“
во отсуство на Фон дер Лајен

Европската комисија (ЕК) во понеделникот негираше дека го прикрила степенот на боледувањето на претседателката Урсула фон дер Лајен, откако не откри дека таа била во болница повеќе денови во текот на месецов. Во отсуство на Фон дер Лајен, функционирањето на еврокомисијата беше доведено во прашање, особено откако се појавија мислења дека еврокомесарите дејствуваа на своја рака без надзор на нивната шефица, односно без јасна хиерархиска поделба што би одредила кој ја менува Фон дер Лајен додека таа не може да ги извршува обврските.
– Ние ви ги дадовме критичните информации за здравствената состојба на претседателката со тоа што кажавме каква болест има и колку е сериозна и појаснивме дека таа е во позиција да ја одржува работата. Нејзината способност да дејствува никогаш не била доведена во прашање – рече Пола Пињо, главна портпаролка на ЕК.
„Ние сме сериозна демократска институција“, инсистираше Пињо на прес-конференцијата, на која постојано се обидуваше да стави крај на прашањата на новинарите, менувајќи ја темата.
Комисијата ги информира новинарите на 3 јануари дека „Фон дер Лајен боледува од тешка пневмонија“, но не откри дека била хоспитализирана, дури и по директното испрашување. Германската новинска агенција ДПА ја објави веста на 10 јануари, истиот ден кога Фон дер Лајен ја напушти болницата, според Пињо.
Портпаролката на ЕК рече дека Фон дер Лајен престојувала околу една недела во болница во Хановер, Германија, по лекарскиот преглед на 2 јануари.

Урсула фон дер Лајен

– Претседателката никогаш не била на респиратор или на интензивна нега. Дали може Комисијата да се води од болница? Тоа навистина зависи од личноста – рече високата функционерка Пињо.
Извршната потпретседателка на ЕК, Тереза Рибера, требаше да претседава со вчерашниот состанок на еврокомесарите. Пињо рече дека Фон дер Лајен треба да биде доволно добро за да одржи состаноци до крајот на неделава, а следната недела ќе присуствува на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. П.Р.


Очигледно сите коцки во новата бугарска влада веќе се наместени, а она што е особено важно, тоа е што може да очекува Македонија од новата бугарска влада и колку таа ќе биде расположена за разговори со македонската страна во врска со надминувањето на прашањата што генерираат проблеми во меѓусебните односи. Со еден таков политички композит, прашање е колку новата бугарска влада ќе сака воопшто да разговара со Македонија за одблокирање на преговарачкиот процес или ќе остане на добропознатите ставови, дека за нив преговорите се завршени и дека Македонија проблемите треба да ги решава со ЕУ

Изборот на политичка влада во Бугарија станува сѐ поизвесен, но засега сѐ уште има непредвидливост од Софија
Никој не знае какви ветришта ќе дувнат од бугарска страна

По голем број перипетии, партиски калкулации и меѓусебни обвинувања, Бугарија конечно е на прагот да добие политичка влада и на тој начин земјата да се извлече од политичката криза што трае веќе неколку години.
Имено, бугарскиот претседател Румен Радев вчера му го довери мандатот за состав на новата влада на Росен Жељазков, кандидат за премиер од редовите на партијата ГЕРБ-СДС.
Доделувањето на мандатот се случи речиси два и пол месеца по одржувањето на предвремените парламентарни избори на 27 октомври 2024 година. Идната влада, која ќе ја предводи Жељазков, ќе биде трипартитна. Таа вклучува претставници на најголемата политичка сила што победи на гласањето, ГЕРБ-СДС, како и претставници на БСП-обединета левица и „Има таков народ“.
Владата ќе ја поддржи и пратеничката група „Демократија, права и слободи“-МРФ на Ахмед Доган. Договор за ова е постигнат на финалната средба завчера во парламентот меѓу преговарачките тимови на четирите политички сили.
Вршителот на должноста премиер Димитар Главчев, пред почетокот на вчерашната владина седница, изјави дека нема ништо подобро од редовна влада.
– Ќе има позитивен ефект во две димензии, покрај тоа што ќе има редовна влада со јасно изразено мнозинство, подобро ќе функционира и парламентот – додаде тој.
Претседателот на партијата Левица, Атанас Зафиров, пред почетокот на вчерашниот собраниски ден ја дефинира идната влада како „заедничка влада“.
Копретседавачот на Продолжуваме со промените, Асен Василев, изјави дека отсега улогата на ПП-ДБ во парламентот ќе биде онаа на опозицијата.
Очигледно сите коцки во новата бугарска влада веќе се наместени, а она што е особено важно, тоа е што може да очекува Македонија од новата бугарска влада и колку таа ќе биде расположена за разговори со македонската страна во врска со надминувањето на прашањата што генерираат проблеми во меѓусебните односи.

Мандатарот Жељазков претходно беше и спикер на бугарското Народно собрание и во тоа својство во ноември 2023 година ја посети Македонија, при што се сретна со поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Жељазков од Скопје посака на следната средба со државниците од земјава да си ги честитаат уставните измени, додека за францускиот предлог кажа дека е историски компромис.
Особено остри во своите ставови против Македонија во минатото беа претставниците на „Има таков народ“ на Слави Трифунов, кои сега се нов владин партнер. Македонската јавност добро ја памети министерката за надворешни работи Теодора Генчовска од редовите на ИТН, која партиципираше во владата на тогашниот премиер Кирил Петков. Имено, Генчовска јасно истакнуваше дека тие не го признаваат македонски јазик.
Социјалистичката партија дели сличен став со „Има таков народ“, односно за нив не беше прифатлив ниту францускиот предлог, со образложение дека Бугарија прави преголеми отстапки кон Македонија.
Со еден таков политички композит, прашање е колку новата бугарска влада ќе сака воопшто да разговара со Македонија за одблокирање на преговарачкиот процес или ќе остане на добропознатите ставови дека за нив преговорите се завршени и дека Македонија тоа треба да го решава со ЕУ.
Познавачите на состојбите сметаат дека вака како што е конципирана, идната бугарска влада тешко ќе ја промени позицијата кон земјава.
– Нема многу простор за оптимизам. Да почекаме прво да ја изберат оваа влада, па ќе видиме како таа ќе се постави кон македонските обиди за воспоставување дијалог. Постои шанса за некаков притисок од новата американска администрација, а реално и на Бугарија повеќе не ѝ се исплати да биде во постојана политичка криза, особено не сега кога се случуваат големи геостратегиски потреси. Ќе бидат повнимателни сите владини партнери, ќе сакаат да ја зачуваат коалицијата, а дали тоа би значело и некаков попрагматичен пристап за излез од ќор-сокакот во кој западнаа македонско-бугарските односи, тоа ќе покаже времето – заклучуваат познавачите на состојбите.

Сашо Таневски