Големо незадоволство во ЕУ од владеењето на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен (2)
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 22 јануари го преживеа обидот во Европскиот парламент да ѝ се изгласа недоверба, по четврти пат откако таа го презеде кормилото на Европската Унија. Таа се соочи со обиди да биде тргната од позицијата претседателка на ЕК, поврзани со ситуацијата во Појасот Газа и трговската политика на ЕУ, и во јули и во октомври 2025 година. Но Фон дер Лајен со својот стил на управување со ЕУ, кој сѐ почесто се означува како контроверзен и штетен за „европскиот клуб“, успева значително да го прошири бројот на своите остри критичари.
Најблиските соработници станаа најгласни критичари
Деновиве во таа група на незадоволници од нејзиното раководење со ЕУ се запиша и втората по функција во Унијата, нејзината потпретседателка и европска топ-дипломатка Каја Калас. Како што објави бриселскиот аналитички портал „Политико“ пред неколку дена, официјални лица во ЕУ наведуваат дека „односите меѓу Калас и Фон дер Лајен се многу лоши“ и оти „Калас се жалела дека Лајен е диктаторка“. Вчера „Политико“ објави дека уште еден поранешен еврокомесар, Николас Шмит, се огласил со остри критики кон Фон дер Лајен, тврдејќи оти таа им наштетува на иднината на ЕУ и на цела Европа поради начинот на кој ја води ЕУ“. Практично временски напоредно со Шмит и поранешниот еврокомесар Димитрис Аврамопулос на конференција во Истанбул, иако не упати директни критики на адреса на шефицата на ЕУ, сепак изјави дека „ЕУ нема да може да преживее, ако не ја зголеми својата стратегиска автономија“. Само по себе се подразбира дека оваа остра критика се однесува најмногу на оној што ја води Европската Унија и кој е најодговорен за нејзините политики – Урсула фон дер Лајен.
Оспоруван и пристапот на Фон дер Лајен кон проширувањето на ЕУ
Високопозиционирани европски експерти аргументираат дека Фон дер Лајен не е вистински заинтересирана за иднината на ЕУ и Европа и оти не успева да ги реши клучните прашања во овој контекст, како што е проширувањето на Унијата. Таа е изложена и на критики дека кон Македонија применува пристап на булдожер, ставајќи го на прво место прашањето на уставните измени во замена за отворање на преговорите во стилот „земи или остави“. Нејзините критичари меѓу европските експерти нагласуваат дека Фон дер Лајен „го игнорира фактот дека уставните промени се длабоко спорно внатрешно прашање во Македонија“ и оти таа „остава малку простор за преговори, ставајќи го товарот целосно врз земјата кандидат, со што ги игнорира и внатрешните политички чувствителности и го поттикнува расположението на јавноста против ЕУ“.
И на почетокот на 2026 година, критичарите тврдат дека стилот на лидерство на претседателката на Европската комисија окарактеризиран како високоцентрализиран, „геополитички“ и сè повеќе зависен од бункер-менталитетот – всушност, создава пречки за проширувањето на ЕУ, и покрај тоа што нејзината реторика го позиционира како „основен приоритет“. Експертите критичари истакнуваат дека иако Фон дер Лајен зборовно се залага за проширување на ЕУ, особено по избивањето на војната во Украина, нејзината централизација на моќта, лидерството поттикнато од криза и прагматичниот, „геоекономски“ фокус во пракса го попречиле или го забавиле процесот на интеграција на новите земји членки. Нејзиниот пристап и стилот на нејзиното лидерство во ЕУ се сметаат дури и за штетни или блокирачки за проширувањето на Унијата.
„Стил на управување штетен за Европа“
Во анализата со наслов „Стилот на управување на Фон дер Лајен ‘не е добар за Европа’, вели поранешен еврокомесар“, „Политико“ вчера објави дека и Николас Шмит, комесар за работни места и социјални права во првата комисија на Фон дер Лајен, ѝ упатил на својата поранешна шефица Урсула беспоштедни критики, означувајќи ја како „штетна за Европа“.
– „Претседателскиот“ начин, на кој Урсула фон дер Лајен ја води Европската комисија, ѝ штети на Европа. Нејзиниот начин на управување со ЕК не е добар за Колеџот на еврокомесари, за ЕК и не е добар за Европа воопшто. На Европската комисија ѝ недостигаат стратегија и храброст. Имам впечаток дека комесарите сега се во голема мера замолчени – нагласи Николас Шмит.
А за обележување се и најновите разидувања на Фон дер Лајен со Шпанката Тереза Рибера, која е актуелна извршна потпретседателка во Европската комисија. Значи, „играта на тронови“ во Брисел продолжува, со тоа што „главниот трон“ на Фон дер Лајен се „разнишува сѐ повеќе“ и поради „брановите на шокови, кои се шират низ Брисел“, на кои аналитички се осврна пред неколку дена Николас Винокур, еден од главните новинарски пера на „Политико“. Останува допрва да се види како силното внатрешно незадоволство ќе влијае врз позицијата на Фон дер Лајен и врз политиките на ЕУ.
Свето Тоевски
































