Македонки што пишуваат и се борат за женските права во 19 и 20 век (4)
Перцепцијата за жената во Македонија во 19 век како затворена, традиционална и неписмена домаќинка на македонското семејство полека исчезнува со откривањето и презентирањето материјали што покажуваат значителни активности на жените на повеќе полиња: образование, револуционерна борба, литература. Во тој контекст, израснувањето на жената како индивидуа во традиционално патријархалната средина било исклучителен подвиг. Токму за овие теми се зборува во книгата „Жени во македонската книжевност од 19 век“ од д-р Славчо Ковилоски, а е во издание на Институтот за македонска литература и неодамна беше објавена. Книгата, за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознати или малку познати македонски жени со кои започнале развојот на македонското женско творештво (женско писмо) и појавата и развојот на феминистичкото движење и на првите македонски женски револуционерни и просветни друштва. Така, свое место тука ќе најдат повеќе статии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. На таков начин се надминува сликата за немост на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони. Ќе ги презентираме биографиите и творештвата на повеќе македонски жени од втората половина на 19 век и почетокот на 20 век, кои активно се вклучиле во јавниот живот, а досега биле малку познати или сосема непознати: Славка Динкова, Митра Миладинова, Јанка Каневчева, Царевна Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова, Евгенија Јанчулева, Марија Зрнева, Султана Чикмакова, Олга Маџарова, монахињата Параскева, Параскева Димкова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање
Една од најистакнатите македонски жени од 19 и почетокот на 20 век, без сомнение, е Евгенија Јанчулева. Непозната за современата македонска јавност, своевремено Јанчулева била гласот на сите македонски жени.
Евгенија Јанчулева, со моминско презиме Ракиџиева, била родена во Прилеп во 1875 година, додека, пак, датумот на нејзината смрт за нас е непознат. Образованието го стекнала во родниот град и во Солунската женска гимназија, која ја завршила во учебната 1886/1887 година. Веднаш потоа станала учителка во родниот град, а малку подоцна и директорка на женското училиште. Во меѓувреме, најверојатно во 1892 година, Евгенија Ракиџиева се омажила за познатиот прилепски доктор и учител Јордан Јанчулев, по што го зела неговото презиме, станувајќи Јанчулева. Јордан Јанчулев (1867-1925), познат интелектуалец од тоа време, се школувал во Прилеп и во Солун, по што учителствувал во Банско, Тетово и во родниот град. Потпомогнат од Прилепската црковно-училишна општина заминал во странство на доусовршување на неговите медицински познавања, најпрво во Франција, а потоа како доктор работел на повеќе места во Македонија и во Бугарија.
Јанчулева се вклучила и во македонското револуционерно движење како курирка, примајќи ги и криејќи ги македонските револуционери на престој во својот дом. Токму затоа, од членовите на Прилепската црковно-училишна општина, Јанчулева е опишана како мошне „енергична жена“. Поради активностите што таа ги имала и во домот, но и надвор од него, и кои успешно ги завршувала, за граѓаните станала пример, модел на жена што со „подвиг“ успешно ги решавала проблемите од секојдневјето. И во друга пригода таа била претставена како модел, па така, откако нејзиниот сопруг Јордан Јанчулев заминал во Цариград на доусовршување, според анонимниот дописник на весникот „Новини“ од Солун од 1898 година, „таа се грижела со труд и со своите средства да му олесни на својот сопруг да ги заврши науките. Тоа е редок пример за пофалба. Извршеното од г-ѓа Јанчулева е цел подвиг достоен за поддршка“.
Нејзиното име се сретнува повеќепати во тогашниот печат. Најчесто таа е поврзана со активизмот за подобрување на состојбата и правата на жените преку одржаните јавни настапи (говори). Евидентиравме три такви говори во периодот од 1892 до 1894 година, но не се сомневаме дека одржала повеќе, кои останале неевидентирани. Тие говори јасно упатуваат на нејзината педагошка активност, како и дејност за еманципација на македонските жени. Написите од весниците укажуваат дека: „Г-ца Ракиџиева зборуваше за воспитувањето на женскиот пол“, дека: „г-ѓа Е.Ј. Јанчулева, управничка на женските училишта, зборуваше многу убедливо за еманципацијата на жената (подвлечено во оригиналот – б.м.)“, дека: „нејзиниот говор и говорите на другите направија многу силен впечаток кај публиката“ и дека: „г-ѓа Евг. Јанчулева, управничка на женското училиште, кажа неколку збора за важноста и ползата од ракотворбите, како предмет во училиштето (подвлечено во оригиналот – б.м.)“.
Архивските извори ни ја покажуваат и активноста на Јанчулева околу развојот на просветата и финансиските средства што таа ги земала како просветен деец.
На пример, во еден документ во ракопис од 1897 година, Јанчулева пишува со јасен и концизен јазик, напишан во прво лице еднина (јас-форма). Во овој запис Јанчулева барала еднакви права на учителките со учителите и обезбедување на сите нагледни средства што мажите ги имале, но не и жените. Го потенцираме овој податок (машко-женската паралела), бидејќи во други отчети не пронајдовме ваква компарација, така што засега овој извештај останува единствениот во кој се начнува оваа тема.
Од изнесеното можеме да заклучиме дека активизмот на Јанчулева за подобрување на состојбата и правата на жените придонел во нејзиниот роден град да се зголеми бројот на девојчиња што се стекнале со соодветно образование, а по нејзина иницијатива било отворено неделно училиште во кое учеле повозрасните неписмени жени. Самата таа учествувала во македонското револуционерно движење, рамноправно со своите машки колеги, давајќи пример за тоа како треба да се однесуваат жените во време што барало беспоговорни жртви. Во нејзините говори мошне убедливо зборувала за „еманципацијата на жената“ и барала еднакви услови за работа на жените и на мажите. Нема никој друг што имал повеќе јавни настапи во тоа време во кои се барала рамноправност на жените, нема друга таква македонска жена што толку силно продрела во јавниот живот јасно искажувајќи ги своите ставови и на јавни настапи и во пишана форма. Со нејзините активности, своевремено станала поттик за понатамошно културно и општествено издигнување на македонската жена и пример како треба да се бранат идеалите.
Славчо Ковилоски
продолжува