Фото: „Нова Македонија“

Отворени закани од европските челници до сите што планираат Денот на победата да го одбележат во Москва

Во пресрет на одбележувањето на Денот на Европа почнаа и првите искрења и закани од страна на Европската Унија кон сите што планираат на 9 мај да се појават на воената парада на централниот плоштад во Москва, каде што традиционално со години се одбележува ослободувањето на европскиот континент од фашистите.
Имено, шефицата на европската дипломатија Каја Калас најави последици за оние што ќе одлучат да присуствуваат на парадата во Москва, што за многумина е неприфатливо однесување.
– Многу министри рекоа дека ЕУ сериозно го сфаќа патувањето во Москва на прославата на 9 мај. Оние што ќе одат, ќе имаат последици – изјави Калас на прес-конференција во Луксембург, по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Таа посебно нагласи дека ЕУ, освен за земјите членки, бара ниту една земја кандидат за членство во блокот да не учествува на одбележувањето на 80-годишнината на победата во Москва.
– Тоа јасно им го ставивме до знаење – додаде таа.
Стигна брз одговор од словачкиот премиер Роберт Фицо, кој истакна дека Словачка е суверена земја и самата може да одлучува каде ќе се појавуваат нејзините претставници.
– На 9 мај ќе одам во Москва. Дали предупредувањето на Калас е форма на уцена или сигнал дека ќе бидам казнет по враќањето од Москва? Не знам. Но знам дека е 2025 година, а не 1939 година… Ова предупредување потврдува дека ни треба дискусија во Европската Унија за суштината на демократијата, за она што се случи во Романија и Франција во однос на претседателските избори, за мајданите што ги организира Западот во Грузија и Србија – нагласи Фицо.
Тој додаде и дека е легитимен премиер на Словачка како суверена земја и дека никој не може да му диктира каде може или не може да патува.
– Ќе одам во Москва за да им оддадам почит на илјадниците војници на Црвената армија што загинаа во ослободувањето на Словачка, како и на милиони други жртви на нацистичкиот терор. Исто како што им оддадов почит на жртвите на слетувањето во Нормандија или на оние во Пацификот или како што планирам да им оддадам почит на пилотите на РАФ – објасни тој.
Некои од аналитичарите сметаат дека ЕУ почнува полека да личи на диктаторски сојуз што се оддалечува од сопствените демократски принципи.
– Калас не може никому да му забранува да оди некаде. Една работа е перцепцијата за руската агресија кон Украина, но Унијата може многу посуптилно да го реши тоа наместо со директни закани кон некои министри, претседатели и премиери. Мешањето на ЕУ во изборите во Романија, во референдумот и изборите во Молдавија и Грузија, па и во Франција, покажува едно поинакво европско лице, кое никој не го очекуваше. Имајќи го предвид европскиот став кон руската воена агресија во Украина, официјален Брисел можеше да организира сличен настан каде било во Европа, можеби и во Киев како поддршка на Украина, без некому да му наложува каде да оди и на кој настан да присуствува. Европа мора да продолжи да дејствува во духот на демократијата, каде што се почитува сечие мислење и право, а не да го прави истото она што до вчера го критикуваше кај диктаторските режими – заклучуваат аналитичарите. С.Т.