Полните складишта и ниската летна побарувачка ја сменија европската определба за снабдување со енергенти
Европа увезе повеќе гас од Русија отколку од САД во вториот квартал на годината, враќајќи го статус квото што му претходеше на војната во Украина. Оваа информација ја пренесува бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на своја анализа.
Русија некогаш беше најголемиот снабдувач на гас во Европа. Кога Кремљ престана да испорачува гас за време на војната во Украина, Норвешка го зазеде првото место, по што следуваа САД, кои ја зголемија испораката на течен природен гас (ЛНГ) во ЕУ.
Сепак, „во вториот квартал на годинава, ЕУ увезе 12,8 милијарди кубни метри природен гас од Русија, што беше поголемо од вкупниот увоз од Америка од 12,2 кубни метри“, објасни Бен Меквилијамс, од бриселскиот економски аналитички центар „Бругел“.
– Ова беше првпат во речиси две години увозот од Русија да биде поголем од оној од Америка – додаде тој.
Експертот вели дека „промената во голема мера е предизвикана од намалувањето на американскиот увоз на ЛНГ во изминатите неколку месеци“. Комбинација од полни складишта за гас – капацитетите на ЕУ се во просек полни 92,4 отсто – и ниската летна побарувачка доведе до „пониски набавки на американски гас“.
Земјите како Австрија, Унгарија и Словачка се врзани за испораките на руски гас со долгорочни нефлексибилни договори. Слично ниво на заплеткување не постои кај американските доставувачи на ЛНГ, што значи дека побарувачката игра поголема улога.
Две третини од увозот на руски гас тече низ украинскиот транзит и гасоводот „Турски тек“, пумпајќи гас директно до земјите на ЕУ. Последната третина од 12,8 кубни метри се испорачува како суперладен течен гас до претежно шпанските, белгиските и француските пристаништа.
Забраната на рускиот гас низ ЕУ се покажа политички неодржлива од 2022 година, при што неколку земји се заканија со вето на таков потег. Сепак, земјите од ЕУ сега може да го забранат рускиот гас на индивидуална основа, благодарение на обновувањето на правилата за пазарот на гас на блокот во 2023 година.
На пример, Австрија, која продолжува многу да се потпира на испораките на руски гас, презеде необврзувачко ветување „да ги прекине испораките на руски природен гас до 2027 година“ во ажурирањето на својата стратегија за национална безбедност кон крајот на август. Р.С.