Откако ја промаши работата со професионалните возачи од регионот, ЕК се коригира и за ЕЕС
- На одлуката на ЕК за одложување влијаеше состојбата на терен, која покажуваше целосен колапс на границите дури и во време кога не е почната туристичката сезона. Иако влезе во втората фаза од имплементацијата, кога ЕЕС „работи“ подолго време на ден, со сигурност може да се каже дека ситуацијата на граничните премини никогаш не била полоша, а некои држави на своја рака презедоа мерки за суспензија
Откако Европската комисија ја увиде грешката со дозволите за престој на професионалните возачи од земјите од Западен Балкан во шенген-зоната, поради што регионалните превозници организираа неколкудневна блокада на границите во знак на протест, Европската Унија овој пат реши да не ја повторува истата грешка.
Имено, како што неодамна пишуваше „Нова Македонија“, проблемот со превозниците е само еден сегмент во хаосот што го креираше Европската комисија, а кулминацијата треба да се случи со ставањето во целосна функција на новиот систем за влез/излез (ЕЕС), што несомнено ќе доведе до целосна блокада на границите на ЕУ. Од тие причини, Европската комисија донесе одлука да ја одложи примената на овој систем до есен.
Колапс на повеќето европски аеродроми и гранични премини
На одлуката на ЕК за одложување влијаеше состојбата на терен, која покажуваше целосен колапс на границите дури и во време кога не е почната туристичката сезона.
Иако влезе во втората фаза од имплементацијата, кога ЕЕС „работи“ подолго време на ден, со сигурност може да се каже дека ситуацијата на граничните премини никогаш не била полоша, а некои држави презедоа мерки за суспензија, како што е случајот со аеродромот „Умберто Делгадо“ во Лисабон, Португалија. Биометриските проверки (ЕЕС) беа суспендирани три месеци откако патниците се соочија со седумчасовно задржување на границата! И тие не се единствените.
„Нова Македонија“ неодамна го тестираше функционирањето на ЕЕС на меѓународниот аеродром „Евангелос Венизелос“ во Атина, при што ни беше кажано дека системот не е во функција и дека граѓаните од трети земји, меѓу кои и Македонците, и натаму можат да влегуваат во шенген-зоната без дополнителна процедура.
Сличен потег беше направен и во Велика Британија, каде што во ноември, по барање на француските власти, воведувањето на EEС беше суспендирано за патниците во автомобилите во пристаништето Довер.
Колку за потсетување, новиот систем за влез и излез (EEС) за граѓани од трети земји започна кон средината на октомври минатата година, по неколку часа на ден и само на главните гранични премини. Потоа примената беше проширена на неколку часа на ден, ги вклучуваше и помалите премини, но откако почнаа проблемите со метежите на границите, ЕК ја одложи целосната имплементација на системот најавена за 10 април.
Првично системот се одложува до септември, неофицијално и на подолг рок
Овој пат Европската комисија покажа поголема флексибилност во насока да се избегне летен сообраќаен хаос доколку се оди на варијантата на целосно собирање податоци за ЕЕС.
– Воведувањето толку голем систем е сложена задача – рече портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт.
Според најновата одлука на ЕК, сега земјите членки имаат поголема флексибилност во собирањето биометриски податоци, во зависност од тоа како нивните сообраќајни центри се справуваат со оптоварувањето.
За патниците ова значи дека тие можеби сè уште ќе добиваат печат во пасошите на границите во наредните месеци.
Во декември генералниот директор на „АЦИ Јуроп“ (ACI Europe), Оливие Јанковец, предупреди дека понатамошната примена на системот неизбежно ќе доведе до значително посериозни застои и системски нарушувања за аеродромите и авиокомпаниите.
– Целосно ја разбираме и ја поддржуваме важноста на шенгенскиот излезен систем (ЕЕС) и остануваме посветени на неговата имплементација, но ЕЕС не може да биде хаос за патниците. Доколку оперативните проблеми не можат да се решат, ќе ни треба брза акција од страна на Европската комисија и земјите членки на шенген-зоната за да се овозможи дополнителна флексибилност во неговото воведување – предупредува Јанковец.
Според него, ова може да резултира со „сериозни безбедносни ризици“.
ЕУ има проблем да ги усогласи техничките амбиции со реалноста на терен
Познавачите на состојбите сметаат дека ЕУ мора да учи од сопствените грешки, како што беше неодамнешната епизода со професионалните возачи, но и да почне да ги следи состојбите на терен за навреме да констатира дека примената на некој систем е една работа на хартија, но друга во реалност.
– Одложувањето на ЕЕС од страна на Европската комисија е тивко признание дека Унијата повторно не ја усогласи техничката амбиција со реалноста на теренот. Ако граничните премини се соочуваат со сериозни метежи уште пред стартот на туристичката сезона, јасно е дека имплементацијата на ваков систем, без целосна подготвеност и регионална координација, би довела до сериозен колапс. Краткорочно, одложувањето ќе им овозможи на туристите релативно нормално да патуваат ова лето, но доколку до септември не се понуди одржливо решение, истите проблеми ќе продолжат и ќе се мултиплицираат – и на копнените граници и на аеродромите. Во тој контекст, најавениот нон-пејпер за некаква форма на членство на земјите од Западен Балкан со ограничени надлежности не треба да остане политички експеримент, туку да се искористи како практичен инструмент за решавање вакви конкретни проблеми. Земјите како Македонија, кои се географски „заробени“ во шенген-прстенот, директно ги чувствуваат последиците од одлуките во чие креирање не учествуваат и затоа ваквите модели на постепена интеграција мора да вклучат и функционален пристап кон системи како ЕЕС. Периодот до септември треба паметно да се искористи за тестирање транзициски решенија – посебен режим за туристи и професионални возачи, делумна интеграција во граничните дигитални системи или регионална координација – наместо за уште едно техничко одложување. Во спротивно, ЕУ повторно ќе реагира постфактум, гасејќи пожари на границите наместо навремено да ги превенира – истакнуваат познавачите.
Земји во кои се регистрирани проблеми со EEС
– Чешка Република (Прага), големи толпи и нефункционални киосци на аеродромот „Вацлав Хавел“;
– Белгија, проблеми и застои на киосците;
– Франција, долги чекања и метеж на аеродромите;
– Германија, подолги редици на некои аеродроми;
– Грција, зголемено време за обработка на патници на граничните контроли
– Португалија (Лисабон), привремено паузирано воведување на EEС поради 7-часовно чекање;
– Шпанија, метеж и долги редици;
– Полска, доцнења и редици поради технички проблеми со системот;
– Финска (Хелсинки), големи толпи и чекање на аеродромот поради ЕЕС.
Сите овие податоци јасно говорат дека најголем дел од Европа е целосно блокиран и во време кога сè уште не се започнати туристичките флуктуации, така што очекувањата се дека е можен и целосен колапс на границите. ЕУ е свесна за тоа, така што дури и најавите дека од 2027 година би почнал да функционира системот се премногу оптимистички, па некои европски аналитичари советуваат ЕК да најде некаков поинаков модел за регистрација на патниците што влегуваат во ЕУ. С.Т.































