Фото: Горан Анастасовски

Самото инсистирање од претставниците на ЕУ на уставните измени во Македонија, со аргументот „нема да добиете подобар договор и да се обидете“, според експертите за меѓународни односи, е само потклекнување на ЕУ пред една нејзина земја членка, со која Унијата нема сила и капацитет да се избори на принципиелен начин. ЕУ по изборите, при своето реструктурирање, да појде од темелните принципи и изворните вредности на Унијата, од фундаментите на правото и меѓународните институции изградени врз тоа, а не од некои процедури, лавиринти и форма што ги компромитираат „содржината и есенцијата на демократијата и правото!“

Уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, или според евроамбасадорот Дејвид Гир „уставни измени за да се вклучат лица што се идентификуваат како Бугари под заштита на Уставот“, се чини дека и понатаму продолжува да виси како Дамоклов меч врз македонските евроинтеграции. Тоа на своевиден начин го потврди токму евроамбасадорот Гир во интервју за македонските медиуми, повторувајќи дека „новата влада може да се обиде да преговара, но тешко му е да замисли дека би било можно да се добие подобар договор и не гледа можност за промени во преговарачката рамка“.
– Тоа е најдобриот начин, не само да го обезбеди својот просперитет, демократска средина, но исто така и ќе го зајакне својот идентитет. Нешто што го видовме кај многу други земји членки, кои во процесот на приклучување мораа да направат тешки одлуки. Мислам дека сега предизвикот е да се напредува по ова прашање и фокусирање на реформите и чекорите, кои мораа да бидат преземени за да се осигуриме дека оваа држава навистина ќе може да ги ужива придобивките од членството во ЕУ најбрзо што може – кажа во дел од интервјуто Дејвид Гир.
Упорноста во барање гаранции за уставните измени од страна на претставниците на ЕУ, од новоизбраните македонски власти, навидум изгледа како доследност на Унијата на своите одлуки (во случајот со преговарачката рамка, формално-технички усогласена од сите земји членки на ЕУ). Секако, таквиот пристап би бил доследност, доколку ЕУ со уценувачкиот пристап, т.е. постоење услов за почеток на преговорите во преговарачката рамка за Македонија, кој не им бил поставен на ниту една од сегашните членки на Унијата, ниту на земјите кандидати, самата не ги прекрши и практично дерогира сопствените принципи за проширување, познати како Копенхашки критериуми. Загрозувајќи го уставниот суверенитет на Македонија со вонкритериумско условување на нејзиниот евроинтегративен преговарачки процес, ЕУ уште подлабоко забраздува во дерогирање на сопствените принципи, не обидувајќи се ни да побара реципроцитет за „уставна заштита на лицата што се изјаснуваат како Македонци во Бугарија“, или барем да побара спроведување од Бугарија на 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права.

ЕУ може да инсистира на уставни измени,
но над сe да се води од Копенхагешките критериуми / Фото: „Нова Македонија“

– Кога постои однос што не се темели на доверба, се наметнува прашањето – кој кому ќе му дава гаранции и зошто? Во нашиот случај, во случајот на Македонија, ЕУ ги фрли во вода сите свои принципи што требаше да претставуваат гаранции и се одлучи за политички решенија. Гаранциите се правна категорија, кои се темелат на одредени принципи во процесот на проширување на Копенхашките критериуми, напредување во процесот на земјата кандидатка според исполнувањето на критериумите… Самата ЕУ во македонскиот случај ги остави настрана, практично ги дерогира сопствените принципи. Македонското општество и последните избори покажаа дека ЕУ ја има изгубено довербата на македонскиот народ и дека не е во состојба да ѝ верува, ниту да ѝ дава гаранции на Унијата. Мантрата „направете отстапки (уставни измени), па ќе влезете во ЕУ“ веќе е потрошена. Зошто новата македонска власт да бара некакви персонални гаранции од кого било во ЕУ (надвор од принципите на преговарачкиот процес) или да дава гаранции за нови отстапки, кога претходната власт беше измамена од ЕУ во таков еден непринципиелен процес и ја изгуби власта? Вистинскиот чекор што треба да го направи ЕУ е да го врати процесот на пристапување на Македонија во ЕУ на принципиелна основа, на условите од Копенхашките критериуми – вели Ида Мантон, експертка по меѓународни преговори и медијација.
Самото инсистирање од претставниците на ЕУ на уставните измени во Македонија, со аргументот „нема да добиете подобар договор и да се обидете“, според експертите за меѓународни односи, е само потклекнување на ЕУ пред една нејзина земја членка, со која Унијата нема сила и капацитет да се избори на принципиелен начин. ЕУ по изборите, при своето реструктурирање, да појде од темелните принципи и изворните вредности на Унијата, од фундаментите на правото и меѓународните институции изградени врз тоа, а не од некои процедури, лавиринти и форма што ги компромитираат „содржината и есенцијата на демократијата и правото!“
– И Македонија да го смени Уставот, нема да престанат барањата и уцените на Бугарија за македонските евроинтеграции, спротивни на Копенхашките критериуми. И да ги смениме пасошите, Грција нема да го испочитува Преспанскиот договор. Едноставно, ЕУ не е во состојба, нема легитимитет и капацитет да ѝ дава гаранции на Македонија дека ако направи уште некоја отстапка, ќе напредува во евроинтеграциите. Наместо некакви усни гаранции, имаме потреба да добиеме сериозен патоказ, како ЕУ го замислува процесот на нашето пристапување врз принципиелна основа, а не со политички притисоци. Постојат повеќе сценарија за принципиелен пристап, а се покажа дека „пократкиот пат“ со усни непоткрепени гаранции, што веќе еднаш неуспешно го спроведе ЕУ со Македонија, е и на нејзина штета – вели професорката Ида Мантон.