Ќе го најде ли Македонија златниот клуч за кородираната европска порта на проширувањето (3)

  • По бугарското/ЕУ-вето за почеток на преговорите за членство, новата македонска влада ќе се обиде да изгради национален консензус за
    преговорите, при што не треба да се потцени фактот дека сега Владата јасно кажа дека земјата не прифаќа услови под диктат
  • Соработката со Унгарија под водството на Орбан ни отвора перспективи и политички простор за пласирање на македонската страна односно став, нешто што е сериозен исчекор од досегашната политика на претходната влада и, секако, тоа ќе даде резултати

Тоа што во 1985 година беше еден голем сон, сега полека се претвора во своевиден кошмар за Европската Унија и за земјите што сакаат да станат нејзини членки. Таа 1985 година едно селце во Луксембург ќе стане барем европски познато, ако не и глобално – се вика Шенген. Токму таму падна идејата низ земјите на ЕУ да се отстранат граничните бариери и да се отвори патот за слободно патување. Од идејата помина извесно време тоа да стана пракса, а беше потребно да падне и Берлинскиот ѕид. Во таа слободна зона први влегоа земјите од Бенелукс, Франција и Германија.
И каква иронија – само пред неколку дена токму Германија ги врати граничните контроли кон сите свои соседи, со што сериозно се потресоа темелите на шенгенскиот систем. Берлин им соопшти на членките дека мерката ја презема како заштита од нелегална миграција во период од шест месеци. Така, оваа европска економска локомотива има легално покритие, а како што стојат сега работите и во Унијата и во опкружувањето, веројатно мерките би биле подрастични.

ГРАНИЧНИ КОНТРОЛИ И ДОМИНО-ЕФЕКТ

Првата реакција на аналитичарите беше да предупредат дека по тој чекор на Берлин може да следува домино-ефект. Па кој прв ќе повлече нога по Германија? Има многу кандидати и сите можат да се повикаат на „мерки за заштита од нелегална миграција“. Но Данска, која сега ги засилува граничните контроли кон Шведска и кон Германија, е таа што се повика на мерки против тероризмот. Причина? Експлозии пред амбасадата на Израел.
Сега во чевлите на Германија и на Данска само што не влегла и Франција. Лично новиот премиер Мишел Барние, политичар од стар ков што ја знае Европа како малиот џеб, а сите детали му се познати за брегзит, кажа дека Париз размислува да воведе свои гранични контроли.
Едно од прашањата што лебдат како дилема над цела Европа е зошто овие земји токму сега решија да ги вратат контролите? Имало и поголеми кризи, па вакво нешто не се случило. Што е во заднината на затворањето? Можеме да нагаѓаме, но јасно е дека мерките се силни и ќе траат барем шест месеци. А Унијата се претвора во своевиден бастион ако се земе предвид дека напролет наредната година ќе важи новиот режим за влез за земјите што се ослободени од визен режим. Во сила ќе стапи системот ЕТИАС, што сепак ќе значи покомплицирано патување, но и дополнителен трошок. За Македонците ќе важи тој нов режим, а тоа ќе значи и поригорозна контрола за патувањата во Грција или во Бугарија. Уште едно камче во чевлите со кои Македонија патува кон ЕУ.

ЕУ ЈА ЧУВА МАКЕДОНИЈА КАКО ПОСЕБЕН СЛУЧАЈ

Ако се навратиме на одлуката на Брисел да не почне преговори со Скопје, јасно е дека проширувањето како процес е влезен во европската зона на самракот. Ако некогаш се велеше дека Балканот е црната дупка, денес е сосема јасно дека ЕУ ја чувала Македонија како посебен случај – земјата да ги исполни сите потребни Копенхашки услови, да го приближи законодавството до тоа во ЕУ, но и да ѝ наметне политички услови што за нацијата се неприфатливи. Секоја земја во ЕУ има право на вето, па така, и да се почнат преговори никој и никогаш не знае кога некоја членка ќе го искористи тоа свое право. Албанија за момент се ослободи од грчкото вето, но под постојана закана од ветоизација се наоѓа Србија. Тоа е тој европски самрак на Западен Балкан. Тоа се дел од последиците предизвикани од рамката што ја креираше Емануел Макрон како еден вид забавување на преговарачкиот процес за да ѝ се овозможи на „стара Европа“ да се реформира. Како ќе се реформира и кога? Како ќе изгледа просторот на Унијата во наредните пет, десет години? На овие прашања засега никој нема дефинитивни одговори.

Како ќе помине обидот да се мобилизира опозицијата?

По средбите и разговорите во Брисел со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и нејзиниот тим, македонскиот премиер Христијан Мицкоски се врати во Скопје со пораката – не прифаќаме ултиматуми! Притоа јасно е дека мисли на бугарските условувања за промена на Уставот, учебниците, за пишување заедничка историја…
Контурите на владината дипломатска акција се наѕираат, а интересно ќе биде да се види како ќе помине обидот да се мобилизира опозицијата, ако се земе предвид дека токму владата на СДСМ/ДУИ ги остави овие долги и опасни опашки со Бугарија. Токму тој владин двоец заборави на донесената и консензуално изгласана собраниска резолуција во која се утврдени националните позиции за преговорите со ЕУ и јасно исцртаните црвени линии. Но тие ги рециклираа нив и создадоа фантом во дополнителните протоколи на Договорот за добрососедство. Дали поради тоа ќе биде невозможна мисија СДСМ (во политичка агонија) и ДУИ (во милитантен „мод“), да се приклучат кон процесите што ги предлага сегашната влада?

ОРБАН НИ ОТВОРА АЛТЕРНАТИВНИ ВРАТИ ВО ЕУ?

Од она што пристигнува како важна информација од Брисел за проширувањето е таа дека во буџетските планови на Фон дер Лајен не се гледа нешто значително во однос на приемот на нови членки. На радарот (буџетот на ЕУ 2028-2035) јасно се гледа Украина, но другите земји не се спомнуваат. Барем засега. Иако проширувањето на хартија се наведува како трет столб на ЕУ, а границата е некаде во 2035 година. Ниту односот на силите во рамките на ЕУ не е истиот. Фон дер Лајен како кројачот од Панама скрои нова комисија, која тежиштето на бирократите го префрла кон Балтикот, па дури и една Франција како да е оставена периферно. Дали Макрон е виновен за тоа? Делумно да, затоа што реши да игра глобален отворен покер и да се коцка со вредностите на Франција и на Европа. Дали е загрозено и француско-германското партнерство? Дали се цртаат новите линии и сфери на влијанија меѓу северот и југот на Европа? Идентитетската криза на ЕУ ја искористија чистите десничари и порадикалните, кои веќе го формираа блокот земји во Средна Европа. Токму тоа е шанса и за Македонија преку тој блок да влезе посуверено на европските пазари и текови и да стане политички играч и респектабилна земја.
Унгарија е главната земја што може и сака да ја префрли Македонија преку мостот на бурните европски теченија и секојдневно го покажува тоа. Неодамнешната понуда до Софија лично премиерот Виктор Орбан да помогне во наоѓање заедничко прифатливо решение меѓу Скопје и Софија го докажува тоа.
Сега се очекува тоа стратегиско пријателство и тесна соработка меѓу Унгарија и Македонија да отиде чекор понапред на ноемврискиот самит на Европската политичка заедница. Што би можело да биде тоа сега по потпишувањето на билатералниот договор за заемот од половина милијарда евра? Будимпешта е посветена на процесот на проширување и таа настојува сите кандидати да направат барем по еден чекор напред за време на нејзиното претседавање со ЕУ. Силни карти се во игра, а ако сакаме да зборуваме за главната, таа веројатно би била Македонија да има многу поголем пристап до кохезиските фондови на Унијата. Опцијата е да биде на ниво на Бугарија, па така, наместо сегашните 300 евра по жител, во иднина тоа би биле фантастични 3.000 евра по жител. Делумни одговори е можно да се дознаат и на 7 ноември на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, каде што се очекува македонскиот премиер да има свое обраќање.


Барам почит за мојот народ!

– Сакам да потенцирам дека преку разни институционални канали ќе се обратам и ќе работам со Европската комисија и со нашите партнери за изнаоѓање решение што ќе биде достоинствено и во согласност со националните интереси, а диктати, да биде јасно, не прифаќам. За овој процес е потребно и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ! Ние, како што споменав, планираме да ја вклучиме и опозицијата во процесите, кога ќе дојде време за тоа. Темите како изолација се повеќе стравови и психолошки товар за скептиците од најразлична провениенција. Ќе продолжиме напред, му се допаѓало тоа некому или не – рече Мицкоски во обраќањето до јавноста. Х.И.


Орбан: Ќе ја преземеме Европа и повторно ќе ја направиме моќна

Унгарскиот премиер Виктор Орбан неодамна изјави дека десничарската група во Европскиот парламент (ЕП) – Патриоти за Европа – сега станува посилна и оди напред на патот на обединување на десницата во Европа, која, како што наведе, кога тој ја презема политиката на ЕУ, ќе ја направи Европа повторно силна, безбедна, богата и слободна.
– Нема да застанеме. На крајот од борбата, Париз ќе ја промени политиката, ќе ја вратиме Варшава и ќе станеме најголема политичка сила во Европа. Тогаш ќе ја преземеме политиката на Брисел и ќе ја направиме Европа голема, силна, безбедна, богата и повторно слободна – напиша Орбан на платформата Икс.
Тој посочи дека десницата не треба да се повлече од Брисел, туку да го окупира и да им ја врати на народите во Европа. Х.И.