Доминантно водена од лидерската улога на Берлин и Париз, Европската Унија се движи забрзано кон својата најдраматична системска трансформација од своето основање. Станува збор за централизација на моќта на начин што ќе ја промени самата природа на Унијата, што ќе влијае на политиката и економијата на целиот европски континент. Тоа, исто така, според низа експерти, суштински ќе го промени начинот на кој Европа комуницира со САД
Во Брисел дискретно се водат дебатите за трансформација на Европската Унија, го следат ли САД тој процес?
Промените што моментално се разгледуваат во Брисел одат во насока да ја трансформираат ЕУ од конфедерација на суверени земји во унитарен федерален ентитет, при што нејзината централна влада ќе претседава со делумно самоуправните национални држави. Клучниот аргумент во врска со оние што се залагаат за гореспоменатата трансформација е дека „без промени, планираното проширување на Унијата наскоро ќе ја направи ЕУ – неуправувана“!
Три фундаментални промени на ЕУ
Низата предлози за трансформација на ЕУ, кои веќе се елаборирани во Брисел, се потпираат на три фундаментални промени:
1. Воведување мнозинско гласање;
2. Елиминација на ветото од поединечни земји членки, со што ќе се стави крај на принципот на едногласност; и
3. Ограничување на бројот на еврокомесари.
Доколку се спроведат, овие промени радикално ќе ја пренасочат моќта во ЕУ, концентрирајќи ја во Берлин и Париз, бидејќи најголемите земји во суштина ќе можат да ја наметнат својата волја на целата Европска Унија. Обемот на овие предложени промени ќе биде споредлив и со американското елиминирање на т.н. „Изборен колеџ“ и префрлање на неговите изборни процеси на гласање со просто мнозинство, ефикасно дозволувајќи им на најголемите држави во земјата непречено да ја водат нејзината политика.
САД (не)заинтересирано ги следат промените во ЕУ
Во однос на односот на САД кон претстојните трансформации во ЕУ, реномираниот медиум „Политико“ анализира дека „се чини дека САД оставаат впечаток дека докрај не се свесни за промената што претстои во Европа, или барем така се однесува Вашингтон во јавноста“. Имено, според „Политико“, САД како да не покажуваат силен интерес кон процесот на ревизија на договорите со ЕУ, а веќе ЕУ „е во тек со фундаментални промени во 10 клучни области, вклучувајќи ги надворешната, безбедносната и одбранбената политика“ на ЕУ.
На пример, како конкретен чекор кон таквите промени, неодамна беше одобрен извештајот на Комитетот за уставни прашања, кој ќе го формира придонесот на Европскиот парламент (ЕП) на конвенцијата за ревизија на договорите – настан што во голема мера остана незабележан од медиумите во САД.
Следно, сите европратеници треба да гласаат за извештајот за време на нивната пленарна седница, и тоа во деновиве што следуваат.
Сепак, „Политико“ забележува дека „администрацијата на претседателот Џо Бајден изгледа релативно рамнодушна кон оваа промена, можеби претпоставувајќи дека пообединета ЕУ ќе стане поефективен партнер, а Берлин и Париз (преку Брисел) ќе се појават како главни соговорници на Вашингтон. И со оглед на тоа што Германија е најголемата и најдоминантна земја членка во Европа по брегзит на Обединетото Кралство, на својата површина оваа политика изгледа како очигледна стандардна позиција“…
И по смртта на Кисинџер остана запаметена неговата сентенца за ЕУ: „Кому да му се јавам ако сакам да зборувам со Европа?
Но додека американските поддржувачи на понатамошната централизација на ЕУ сакаат да ја истакнат познатата забелешка: „Кому да му се јавам ако сакам да зборувам со Европа? – прашање што честопати погрешно му се припишува на поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер – претстојната реалност на Европа не соодветствува со тоа како администрацијата на тогашниот претседател Ричард Никсон се занимавала со европскиот континент во тоа време.
Згора на тоа, овој поглед на федерализмот на ЕУ ја пропушта централната точка дека, пред сè, политиката на Америка за Европа треба да биде водена од нејзините национални интереси и дека Вашингтон треба да приспособи одредена институционална рамка според сопствените преференции.
Идејата дека „федерализирана“ Европа би била полесна за САД да се справат со неа, не се потврдува со никакви докази – особено оние поттикнати од тандемот Берлин – Париз, бидејќи германските и француските позиции за клучните прашања за надворешната и безбедносната политика, одново и одново, се разликуваат од оние на Америка. И како и во секој сојуз, САД треба да им дадат приоритет на земјите со перцепција за закана и национални интереси, кои се најтесно усогласени со нивните.
Овде, најновите напори предводени од САД за помош на Украина треба да послужат како водич за земјите што Вашингтон, всушност, треба да ги повика кога сака да разговара со (сојузник) во Европа.
Финска, балтичките земји, Полска и Романија – покажаа најголема
одлучност да застанат покрај САД
Според анализите во „Политико“, во текот на целиот период, државите по должината на источното крило на НАТО – „од Финска преку балтичките земји, Полска и Романија – покажаа најголема одлучност да застанат покрај САД во поддршка на Украина, бидејќи Германија и Франција го следат примерот со неподготвеност и почесто не успеваат да го исполнат тоа“.
И додека САД продолжуваат да ги притискаат своите европски сојузници да напредуваат кон повторното вооружување и градење на потребните капацитети за спроведување на трите нови регионални планови на НАТО, токму овие крајно источни земји предничат уште еднаш.
Спротивно на тоа, Германија не успеа да ги исполни ниту договорените минимум 2 отсто од БДП за трошоците за одбрана, додека Франција ги фокусира своите трошоци на проекцијата на моќта во Медитеранот и пошироко. Така, идејата дека федерализирана Европа предводена од Берлин и Париз повеќе, а не помалку, ќе одговара на барањата на САД за значајни придонеси за одвраќање и одбрана е само пуста желба.
Трансформацијата на ЕУ и односот на САД
Според анализата во реномираниот „Политико“, политичката трансформација на ЕУ заслужува многу поголемо внимание во Вашингтон отколку што доби. Предложените измени на договорите на ЕУ отвораат фундаментални прашања за тоа како САД имаат намера да го водат НАТО напред и како најдобро да го искористат заедништвото на интересите низ континентот за да го намалат својот безбедносен товар преку Атлантикот.
Се разбира, одлуките за иднината на ЕУ ѝ припаѓаат на Европа и треба да ги донесат Европејците. Но како клучен обезбедувач на безбедноста на континентот, САД не треба да бидат обични минувачи – особено кога овие избори ќе влијаат на нивниот колективен одбранбен товар во НАТО. Р.Н.М.