Став
„Два пата се делат во шумата, а јас – / Го избрав оној по кој помалку се патуваше, / И тоа ја направи сета разлика“.
Повеќе од една година, од 19 јули 2022 година, политичките елити во Македонија намерно и манипулативно ја поставија промената на Уставот на пиедестал, прогласувајќи ја за единствена проевропска и демократска алтернатива, чиниш станува збор за хамлетовската дилема: да се биде или не! Всушност, со ваквиот пристап се избегнува срцевината на проблемот – тоа е преговарачката рамка, најголемиот неуспех и срам на македонската дипломатија во последниве триесетина години. Патот што Македонија треба да го избере, треба да биде пат изграден од принципи, пат што се потпира на достоинството на Македонците и на искреноста за содржината и за последиците од преговарачката рамка. Тргнувајќи од фактот дека преговарачката рамка, како и сите други правни акти на Европската Унија, вклучувајќи ги и заклучоците и одлуките, се документи во исклучива надлежност на ЕУ-земјите членки, и дека преговарачката рамка е финален документ на ЕУ, едногласно усвоен од Советот на ЕУ, на 18 јули 2022 година, би сакал, најпрво, да укажам на две траурни вистини, за кои малкумина политичари се осмелија да проговорат искрено и отворено.
Прво, во преговарачката рамка се поставени вонредни и уникатни услови за прием на Македонија во Европската Унија, коишто за другите земји, вклучени во пристапниот процес, ги нема, ниту ги имало при претходните процеси на проширување. Тоа, пред сè, се однесува на имплементацијата на билатералните договори со Грција и со Бугарија како дел од критериумот од процесот за стабилизација и асоцијација за добрососедските односи, но и на голем дел од дополнителните барања од Бугарија, кои, сега, се составен дел од заклучоците на Советот на ЕУ, на општата позиција на Европската Унија и на преговарачката рамка, а со тоа и на пристапните преговори.
Второ, преговарачка рамка не ги содржи поглавјата 34 (институции) и 35 (друго). Со поглавјето 34 се преговара за нашето учество во институциите на ЕУ, но и за признавањето на македонскиот јазик како автентичен јазик на основните договори на ЕУ и како јазик што рамноправно ќе се употребува во сите институции на ЕУ. Ваквиот пристап на ЕУ е крајно проблематичен, особено земајќи ја предвид унилатералната изјава на Бугарија за непризнавање на македонскиот јазик, поднесена до Советот на ЕУ, на 18 јули, ден пред отворањето на политичката меѓувладина конференција. Преговарачката рамка не го содржи ниту поглавјето 35, со кое, всушност, се затвораат пристапните преговори. Понатаму, нема објаснување зошто поглавјата 34 и 35 не се дел од нашата преговарачка рамка, а се појавуваат како дел од преговарачките рамки на Црна Гора и на Србија, независно од фактот дека тие се усвоени уште во 2012 година, односно во 2013 година.
За да се докомплетира сликата за однесувањето на меѓународната заедница кон Македонија, треба да се додадат четиринаесетте пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за Македонците во Бугарија, и пресудата, донесена во декември 2011 година, од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за прекршување на членот 11 од Привремената спогодба, со што се попречи интеграцијата на Македонија во НАТО, нешто што во согласност со спогодбата, Грција не смееше да го стори. Произнесувајќи се за можните правни лекови, судовите очекуваат и претпоставуваат дека земјите ќе дејствуваат со добра намера, поточно дека земјите нема да го повторат противправното дејство. Овие пресуди и (не)постапувањето по нив зборуваат, прво, за владеење на неправото во меѓународниот и во европскиот поредок и, второ, за лошите намери на нашите соседи.
Меѓутоа, со преговарачката рамка, Советот на ЕУ исчекори во територија непозната во историјата на меѓународните односи. Преговарачката рамка и договорите со Грција и со Бугарија се документи што пресудуваат, што одлучуваат за научни мислења и резултати во лингвистиката, археологијата, етнологијата, историјата… Секогаш кога постојат документи што влијаат и ги трасираат научните тврдења и не оставаат простор за дијалог, за научни дебати и размисли, резултатот, парафразирајќи го Еразмо Ротердамски, е ист: „Пофалба на глупоста“, што овозможува да се согледа гнилежот на македонските и европските институции. Во триесеттите години од минатиот век, во Советскиот Сојуз, директорот на центарот за генетика, академик Лисенко, предложил пристап, подоцна именуван со терминот лисенкоизам, за надминување на кризата во советското земјоделство со кој се исклучува науката, а се промовираат вродената итроштина и интелигенција на селаните за наоѓање најдобри резултати во земјоделството! Во името на оваа „наука“, биолозите и агрономите биле избркани, а оваа негова „наука“ набрзо се претворила во хистерично владино барање за земјоделско самоснаоѓање околу посевите.
Ваквиот идеолошки пристап, при што се исклучува науката, повторно се изроди стотина години подоцна, во (не)демократската ЕУ. Така, во 21 век, под влијание на моќните, ЕУ воведе „оригинален“ пристап за почнување на пристапните преговори со Македонија: во името на политиката, под влијанието на Грција и на Бугарија, ЕУ претпочитува псевдонаучен пристап во лингвистиката, археологијата и историјата. Ваквиот пристап, што ќе го наречеме ЕУ-лисенкоизам, се однесува на административните ЕУ-поддржани некоректни научни ставови за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Дали државите што не се членки на ЕУ, ќе се распаднат или не – тоа е прашање на кое е несериозно дури и да се обидеме да одговориме, но, имајќи ги предвид заклучоците на Советот на ЕУ, општата позиција на Европската Унија и на преговарачката рамка, а со тоа и на пристапните преговори, ЕУ-лисенкоизмот сигурно ќе доведе до разнебитување на Македонците!
Срцевината на проблемот е македонскиот јазик. Бугарија никогаш нема да го признае неговото постоење, всушност тоа се потврди и со унилатералната изјава на Бугарија за непризнавањето на македонскиот јазик, поднесена до Советот на ЕУ, на 18 јули. Бугарските научници и лингвисти може да тврдат што сакаат, она за што ние треба да се избориме е многу едноставно – да оставиме светската наука и лингвистиката да го кажат последниот збор, што веќе е направено многу одамна. Меѓутоа, со преговарачката рамка ние влеговме во замка: рамката остава простор за негирање на постоењето на македонскиот јазик. „Македонското име нема да загине“ – пишуваа Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка. Тргнувајќи од преговарачката рамка, ако Македонија стане рамноправна членка на ЕУ, македонското име сигурно ќе загине.
Во текстот (од јануари 2024 година) со наслов „Која е поентата на НАТО?“ и со поднаслов „Членството не е гаранција за демократија“, Варуфакис прашува: „Колку е мудро да се верува дека нашите демократии ќе зајакнат со пренесување на надлежностите во доменот на надворешната политика и одбраната во рацете на НАТО – односно на администрацијата на САД? Можеби студентите од атинската Политехника и генералот Де Гол, заедно со нив, беа во право кога се плашеа дека непромисленото потчинување на НАТО-алијансата ќе го забрза падот на Европа во статус на вазален континент?“. Во текстот, Варуфакис потсетува дека бунтовните студенти на атинската Политехника, во ноември 1973 година, кои ги ставија своите животи во залог за да помогнат во обновата на грчката демократија, ги употребуваа слоганите: „Надвор САД!“ и „Надвор НАТО!“ Атинските студенти создадоа радиостаница што постојано емитуваше: „Тука е атинската Политехника! Тука е атинската Политехника! Луѓе на Грција, атинската Политехника е знаменосецот на нашата и на вашата борба, нашата заедничка борба против диктатурата и за демократијата!“.
Што мислат читателите на „Нова Македонија“: Дали преговарачката рамка и катадневните и срамни притисоци однадвор за промена на Уставот на Македонија се демократски или недемократски? „Два пата се делат во шумата…“, но јас се надевам и верувам дека Македонија ќе го избере вистинскиот пат, оној што води кон нејзиниот развиток, наспроти, за жал, кога станува збор за Македонија, патот што ЕУ ѝ го предлага на Македонија, отелотворен преку ЕУ-лисенкоизмот, со признак – недемократски.