Во ПССЕ се слушна флагрантно извртување на тезите од инструирани парламентарци-лобисти, што говореа на штета на Македонија

ЕУ и меѓународната заедница јасно да ги кажат последиците од непочитувањето на Договорот од Преспа, односно се нагласува важноста од целосното спроведување на Преспанскиот договор како од македонската така и од грчката страна, смета Поткомисијата за Западен Балкан на Парламентарното собрание во Советот на Европа (ПССЕ), со која претседава поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас

ПОРАНЕШНИОТ ГРЧКИ ПРЕМИЕР АЛЕКСИС ЦИПРАС ПРЕТСЕДАВАШЕ СО ПОТКОМИСИЈАТА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО СОБРАНИЕ ВО СОВЕТОТ НА ЕВРОПА (ПССЕ)

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас вчера во Стразбур претседаваше со Поткомисијата за Западен Балкан на Парламентарното собрание во Советот на Европа (ПССЕ). Во својот говор тој истакна дека ЕУ е на пат „во земјите на Западен Балкан целосно да го загуби својот кредибилитет“, при што апелираше на потребата меѓународната заедница, а особено Брисел, „јасно да ги разјасни последиците што непочитувањето на договорот ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на С. Македонија“.
– ЕУ и меѓународната заедница треба јасно да ги стават на знаење последиците што непочитувањето на договорот ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на Северна Македонија – истакна поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас за време на Поткомисијата за Западен Балкан на ПССЕ.
Ципрас вчера претседаваше во Стразбур со оваа поткомисија, чиј состанок се одржа зад затворени врати и без присуство на новинари. Поранешниот грчки премиер, а сега пратеник Алексис Ципрас не сакаше да даде изјава по завршувањето на состанокот, а според информациите од Грција, фокусот бил ставен на важноста на Договорот од Преспа за мирот, стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан, особено во време на големи предизвици во регионот.
На состанокот учествуваше и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, кој беше известувач на ПССЕ за европските интеграции и перспективи на земјите од Западен Балкан, а посебна покана за учество за да говорат пред членовите на поткомисијата добија и професорот Константинос Филис од Грција и Кристијан Фидановски, политиколог од Македонија.
Ципрас во своето излагање кажал дека „треба да се води активна борба против национализмот и дестабилизацијата во регионот“, а тоа, според него, пред сè значело „поддршка на Договорот од Преспа“ (?!), како и „динамична дипломатска улога на ЕУ на Западен Балкан пред целосно да го загуби својот кредибилитет“. Ципрас дополнително укажал на потребата меѓународната заедница, а особено ЕУ, „јасно да ги разјасни последиците што непочитувањето на Договорот ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на Македонија“. (?!)

Кој и како шири недоверба кон Македонија и кон новоизбраната македонска влада, која доби плебисцитарен легитимитет?

Почитувањето на Преспанскиот договор се најде и во хемисиколот на ПССЕ, кога се говореше за извештајот за начинот на кој беа спроведени претседателските и парламентарните избори во Македонија. Во таа пригода италијанскиот парламентарец од редовите на социјалистите Пјеро Фасини интервенираше во насока на политичките последици за изборите во Македонија, според кој „треба да бидеме многу внимателни“.
– Како што знаете, што се однесува на изборите во Македонија, победата ја доби опозициската партија, партијата ВМРО: тоа е конзервативна партија, партија што го оспори Договорот од Преспа и особено Договорот за името „Северна Македонија“, што беше суштинско за отворање на процесот за Македонија кон Европската Унија. Таа не сака да прифати дека во македонскиот устав има референца за бугарското малцинство. Тоа се две суштински точки во нормализацијата на односите меѓу Македонија и Европската Унија и Македонија и Бугарија – рече Фасини.
Понатаму тој се осврна на општата клима во регионот на Западен Балкан.
– Мислам дека треба да бидеме многу внимателни на ова бидејќи рамката, сценариото за Западен Балкан е многу слабо сценарио. Јасно е дека господинот Додик, претседателот на Република Српска, има цел да се отцепи од Босна во Босна и Херцеговина; во Црна Гора постои состојба на слабост поради кризата што се отвори во мнозинската партија, која се противи на претседателот на Републиката и на премиерот; прашањето за односите меѓу Србија и Косово не е решено; и денес имаме влада во С. Македонија што има стратегија и линија, според говорот на новиот премиер, кои го доведуваат во прашање Договорот од Преспа, договор што беше корисен за обезбедување стабилност на С. Македонија и на регионот – рече Фасини.
Притоа Фасини од говорницата во Стразбур испрати порака до новите македонски власти: „Мислам дека треба да бидеме многу загрижени и да испратиме многу јасна порака до македонските власти. Очигледно, мораме да ги почитуваме изборите: тој што извојува победа е легитимно во власта. Но, мислам дека треба да испратиме многу јасна порака: бараме од новата влада на Македонија да ги почитува меѓународните обврски што беа потпишани во претходната влада; вистински да се исполни Договорот од Преспа, да не се доведе во прашање Договорот за името, кој е решен, и да не се прекине дијалогот со Бугарија – за да се реши и состојбата на малцинството Бугари во Македонија. Мислам дека ова е од суштинско значење за да не помогне уште еднаш да се дестабилизира ситуацијата на Западен Балкан, која е многу деликатна и кревка ситуација.
– С. Македонија е важен стабилизатор на Балканот и од клучно значење е да продолжиме да работиме заедно – Советот на Европа и луѓето и властите на Северна Македонија – додаде од своја страна норвешкиот парламентарец Џон Бликра.
За жал, на оваа летна сесија, кога се зборуваше за изборите во Македонија, кога на дневниот ред се наоѓа изборот на нов генерален секретар, не беше присутна македонската собраниска делегација, која сѐ уште не е изгласана во Собранието. Пропуштена шанса, но отсуството на нашата делегација се почувствува. Имено, нејзиното отсуство се почувствува првенствено за да се слушнат јасно гласот и ставот на македонските институции и претставниците што ги пренесуваат ставовите на македонскиот народ и држава! Наедно, да се парира на флагрантното извртување на тезите на некои од инструираните парламентарци лобисти што говореа на штета на Македонија. Ако имаше членови од македонското собрание, особено од новото мнозинство, тие сигурно ќе можеа да говорат и реплицираат и да ги изнесат своите видувања за многуте досегашни непринципиелности на ЕУ, па дури и за кршења на меѓународното право, па и за почитувањето, односно непочитувањето на Преспанскиот договор, вака приказната засега остана – еднострана.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур