Објектот, структурата што преставува фетиш и што овозможува да се отфрли постоењето на идентитетскиот геноцид е ЕУ – „тој мрачен предмет на желбата“ за нејзината праведност и принципиелност. Во антропологијата, фетиш е нешто, особено објект создаден од човекот, за кое се верува дека поседува, содржи или предизвикува духовни или магични моќи: амајлија или талисман. Оттука, структурата фетиш ЕУ во нашата колективна свест би требало да се толкува: ЕУ нѐ штити од зло и носи среќа. Меѓутоа, пораките што Македонија ги добива од самитите на Европската Унија постојано ги потврдуваат европската непринципиелност и застранувањето од темелите и принципите врз кои своевремено е зачната идејата за заедничка европска заедница во која ќе се почитуваат правата на сите
Во неколку продолженија
ќе понудам размисли за
предизвиците – глобални, регионални,
државни, институционални…, со кои ќе се соочиме во 2025 година и по неа.
Денешниов текст е трет од серијалот
Во текстот „Мисли за време на војна и смрт“ (1915 г.), Фројд ја користи шегата за човекот што на својата сопруга ѝ вели: „Ако некој од нас умре, ќе се преселам во Париз“, за да го илустрира својот аргумент дека нашето несвесно не верува во нашата сопствена смрт, дека е невозможно да ја замислиме сопствената смрт, бидејќи дури и кога ја замислуваме, ние сè уште сме присутни како гледачи. Фројд зборува за индивидуална смрт, додека, пак, во денешниов текст ќе се осврнам на односот на Македонците кон идентитетската (колективна) смрт. Тргнувајќи од тоа дека разбирањето на македонската стварност, за жал, не поттикнува постапки/дела за решавање на предизвиците со коишто се соочува Македонија, ќе предочам на разликата меѓу термините негирање и отфрлање – разлика, којашто, според моето мислење, е есенцијална за анализа на македонската болна стварност: постоење идентитетски геноцид на Македонците.
Термините негирање и отфрлање се всушност одбранбени механизми на индивидуата, но, според моето мислење, и на колективот: негирањето подразбира поддржување дека нешто не постои, не е вистинито, иако, всушност, тоа постои, тоа е вистинито, додека, пак, отфрлањето подразбира прифаќање на реалноста, но нејзиното значење се минимизира, вклучувајќи го парадоксот на едновремено воспримање на вистината и невистината, едновремено воспримање на постоењето и непостоењето на нештата. Отфрлањето не е исто што и негирањето, отфрлањето доведува до поделба помеѓу знаењето и верувањето: „Јас многу добро знам дека постои Х, но продолжувам да верувам дека не постои Х“ – продолжувам да се однесувам како да не знам што знам и што можам да тврдам дека е мое знаење, при што отфрлањето не е придружено ниту со репресија ниту со амнезија. Во есејот од 1964 година, францускиот аналитичар Доминик Октав Манони предложи дека отфрлањето, за разлика од негирањето, всушност овозможува да се признае вистината, да знае сè за неа – без да се соочи со нејзините последици. Отфрлањето се манифестира преку фразата „Знам многу добро, но сеедно“. За индивидуата, негирањето и отфрлањето се трауматски доживувања, при што, според Фројд, негирањето може да предизвика невроза, додека отфрлањето може да предизвика психоза – „загуба на контакт со реалноста“.
Навидум, да се негира реалноста на директен начин: нема геноцид, се чини дека преставува посериозно забошотување отколку отфрлањето на геноцидот. Меѓутоа, кога некој ќе погледне под површината, проучувајќи ја основната структура на одбранбените механизми негирање и отфрлање, отфрлањето е посериозен облик на манипулацијата на реалноста од негирањето. Негирањето е прв чекор кон прифаќање на болната реалност за геноцидот, што е прв услов за преземање чекори кон справување со геноцидот. И додека негацијата вели „не“ на вистината – „не“ дека постои идентитетски геноцид, таа не ја искривува вистината. Спротивно на тоа, отфрлањето може да биде организирано на свесно или несвесно ниво, при што вистината се искривува на различни начини, што може да нè оддалечи сè повеќе од прифаќањето на реалноста за идентитетскиот геноцид со несогледливи последици. Колку повеќе реалноста систематски се избегнува преку изјави што ја прават неа безначајна (пример за таков пристап е изјавата „понизниот однос заврши, бараме извесност и предвидливост“) или преку искривување на реалноста, толку повеќе вознемиреноста се акумулира несвесно и толку е поголема потребата да се брани со дополнително отфрлање. Оттука, отфрлањето дека постои идентитетскиот геноцид на Македонците може да доведе до спирала на минимизирање на реалноста со акумулација на анксиозност, што може да предизвика трауми и на индивидуално и на колективно ниво.
Концептот отфрлање е поврзан и со поимот фетиш – поим што се среќава во антропологијата, филозофијата (вклучувајќи го и марксизмот) и психоанализата. Додека фразата „добро знам, но сеедно“ е заштитен знак на концептот отфрлање, во концептот „отфрлање користејќи фетиш“ зборовите „но сеедно“ се заменети со фетиш, поточно со илузија што е отелотворена во фетишот. За да ја илустрира поврзаноста на фетишот и отфрлањето, Славој Жижек во книгата „Во одбрана на изгубените причини“ (2008 г.) раскажува приказна за маж којшто ја доживува смртта на својата сопруга говорејќи, на прв поглед, студено и нечувствително за неговите трауматични последни моменти со неа. Наскоро, неговите пријатели забележуваат дека ваквото однесување е последица на тоа што додека зборува за неговата почината сопруга, тој секогаш во рацете држи хрчак – нејзиното домашно милениче, сега неговиот фетиш – објект што го отелотворува отфрлањето на нејзината смрт. Кога, неколку месеци подоцна, хрчакот умира, човекот психички се распаѓа, што доведува до негова хоспитализација на подолг период.
Според „Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството за геноцид“, геноцид е кое било од следниве дела сторени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група, како таква: (а) Убиство на членови на групата; (б) Предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата; (в) Намерно нанесување на групните услови на животот, пресметани да доведат до нејзино физичко уништување целосно или делумно; (г) Наметнување мерки наменети за спречување раѓања во групата; (д) Насилно пренесување деца од групата во друга група. Повикувајќи се на второто дело „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“ и земајќи предвид дека договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ насилно ги ревидираат македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, притоа предизвикувајќи сериозни ментални повреди: „идентитетска траума“, за што пишував во „Нова Македонија“ од 1 декември 2024 година, а сите сериозни ментални повреди предизвикуваат и сериозни телесни повреди, прашањето дали во Македонија е извршен геноцид (културен, етнички, идентитетски или само геноцид) е излишно – ние ја знаеме вистината, бевме и сѐ уште сме сведоци на геноцидот. Оттука, тврдењето дека не постои геноцид на Македонците треба, според моето мислење, да се конфронтира со прашањето: Што е фетишот (или хрчакот) што овозможува да се преправате дека ја прифаќате реалноста таква каква што е?
Објектот, структурата што преставува фетиш и што овозможува да се отфрли постоењето на идентитетскиот геноцид е ЕУ – „тој мрачен предмет на желбата“ за нејзината праведност и принципиелност. Во антропологијата, фетиш е нешто, особено објект создаден од човекот, за кое се верува дека поседува, содржи или предизвикува духовни или магични моќи: амајлија или талисман.
Оттука, структурата фетиш ЕУ во нашата колективна свест би требало да се толкува: ЕУ нѐ штити од зло и носи среќа. Меѓутоа, пораките што Македонија ги добива од самитите на Европската Унија постојано ги потврдуваат европската непринципиелност и застранувањето од темелите и принципите врз кои своевремено е зачната идејата за заедничка европска заедница во која ќе се почитуваат правата на сите. Но какви всушност се темелите и принципите врз кои е изградена ЕУ? Многуројните геноциди (во и надвор од Европа) извршени од Европејците се дел од културното наследство на нациите што го чинат ЕУ-семејството. Тогаш, дали ЕУ воопшто може да се надева дека другите ја воспримаат како пример за праведност и принципиелност? Како македонскиот народ да престане да верува дека ваквата ЕУ, чија меморија е толку оптоварена со ужаси што ниту една политичка еволуција не може да ги избрише од колективната потсвест на ЕУ, е опасност за опстанокот на Македонците? Што ќе се случи кога структурата фетиш ќе исчезне? Какви се колективните психички последици на народите, вклучувајќи го и македонскиот народ, кога еднаш и засекогаш тие ќе станат свесни дека европската сегашност е обременета од насилство, геноцид, ропство, грабеж, колонијализам…?
Владетелите во Македонија во периодот 2017-2024 година се виновни што беа нечесни, што лажеа, што манипулираа, што самите себеси се лажеа, што тргнаа по патека од која враќањето се граничи со чудо, но е возможно. Идентитетскиот геноцид се одвива пред нашите очи секој ден, правејќи соучесници од оние што не го осудуваат. Парафразирајќи го Сартр, нека текстовите во „Нова Македонија“ го спречат кривичното дело молчење.