Договорот ги заклучува американските царини од 15 проценти за повеќето увозни стоки од ЕУ, а Фон дер Лајен и нејзините соработници успеаја да ја одбијат заканата на американскиот претседател за зголемување на царините за повеќето стоки од ЕУ на 30 проценти од 1 август. Договорот веројатно ќе даде некаков импулс за европската економија, која сè уште заостанува зад поголемиот дел од остатокот од светот и се бори да закрепне по пандемијата на ковид-19, сметаат економските експерти. Но треба да се напомене дека ЕУ се согласи и на купување големи количества енергенти од САД (увоз на енергија), што е меч со две сечила
Некои аспекти на договорената трговска спогодба помеѓу Европската Унија и САД
Имаше нешто длабоко иронично во тоа што врвните функционери на Европската Унија мораа да летаат до Велика Британија за да го запечатат најголемиот договор на блокот по брегзит, но тоа е она што американскиот претседател Доналд Трамп најпосле го доби. За претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тоа беше многу потребен личен триумф, откако издржа тежок почеток на вториот мандат на чело на извршната власт на блокот, привлекувајќи критики од целиот политички спектар и губејќи ја пресудата на високопрофилниот суд на ЕУ, пишува „Политико“.
Откако контурите на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД се појавија во текот на изминатите неколку дена, Фон дер Лајен ги разгледа деталите заедно со Трамп за време на едночасовна дискусија во неговиот голф-центар Тарнбери во Шкотска, во неделата навечер. Сепак, на крајот стигнаа до целта. Кога влегоа на состанокот, двајцата сè уште ги оценуваа шансите за успех на не повеќе од 50-50. Кога конечно разговараа, наскоро исчезна и стравот од некаква пречка што би се појавила во последен момент.
Трамп веднаш го опиша договорот со ЕУ како „најголем од сите спогодби“. Договорот ги заклучува американските царини од 15 проценти за повеќето увозни стоки од ЕУ, а Фон дер Лајен и нејзините соработници успеаја да ја одбијат заканата на американскиот претседател за зголемување на царините за повеќето стоки од ЕУ на 30 проценти од 1 август. Договорот веројатно ќе ја поттикне европската економија, која сè уште заостанува зад поголемиот дел од остатокот од светот и се бори да закрепне по пандемијата на ковид-19, сметаат економските експерти.
– Тоа беше тешка задача што моравме да ја завршиме. Но сега успеавме – рече Фон дер Лајен откако претходно го нагласи значењето на трансатлантските трговски односи вредни 1,7 трилион долари.
ЕУ се согласи да купува енергенти и да инвестира во САД
Трамп рече дека ЕУ ќе се согласи да купи енергенти во вредност од 750 милијарди долари. Фон дер Лајен истакна дека царинската стапка од 15 проценти ќе биде крајна, а истата таа ќе важи за автомобили, фармацевтски производи и полуспроводници. Тарифниот третман за алкохолни пијалаци сè уште треба да се разработи.
Европа ќе го замени рускиот гас со купување енергенти од САД во вредност од 250 милијарди долари годишно до крајот на мандатот на Трамп, додаде претседателската на Европската комисија. Трамп, исто така, рече дека челикот и алуминиумот ќе продолжат да бидат предмет на царини од 50 проценти.
Ескалација за деескалација
Разговорите следуваа по двонеделниот застој предизвикан од Трамп, кој во писмо до Фон дер Лајен се закани дека ќе ги зголеми царините ако не се постигне договор овој месец. Ескалацијата на Трамп ги запрепасти трговските преговарачи на ЕУ, кои беа наведени од нивните американски соговорници да веруваат дека прелиминарниот договор е на дофат.
Следуваше борба на нерви, бидејќи Трамп објави низа други договори – вклучувајќи го и оној со Јапонија, кој постави основна царина од 15 проценти, а наедно понуди олеснување за нејзината автомобилска индустрија. Некои набљудувачи на состојбите го сметаа тоа за поставување репер.
Во исто време, блокот од 27 земји ги активираше своите трговски контрамерки, составувајќи список насочен кон 93 милијарди евра американски стоки – почнувајќи од авиони до автомобили и од соја до бурбон од Кентаки – кои ќе се соочат со одмазднички царини до 30 проценти. Тие требаше да стапат во сила од 7 август, па натаму, доколку не се постигне договор.
Фон дер Лајен претходно го нагласи значењето на трансатлантските трговски односи од 1,7 трилион долари – најголемите во светот – и апелираше до Трамп да го склучи најголемиот договор што некогаш го склучиле двајцата.
Договорот со ЕУ потежок за постигнување отколку оној со Јапонија
Договорот со ЕУ се покажа како потежок за постигнување за тимот на Трамп отколку со Јапонија и неколку други земји. Начинот на кој ЕУ ја води трговската политика – со нејзината извршна комисија што преговара во име на 27-те членки на блокот и мора да се консултира со нив – исто така го попречи авантуристичкиот стил на склучување договори на Трамп, кој имаше значителни последици за мултилатералниот трговски систем од ерата по Втората светска војна.
Никаква заедничка изјава или текст на договор не беше објавена веднаш. Лице блиско до европскиот преговарачки тим истакна дека би било од витално значење спогодбата што поскоро да се стабилизира во писмен договор. Комисијата требаше да ги информира амбасадорите на ЕУ за трговскиот договор во Брисел вчера наутро. Р.С.
Трамп против ветерниците
Американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече ветерниците „најлошата“ форма на енергија за време на состанокот со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неговиот голф-центар Тарнбери во Шкотска. Тој се спротивстави на можноста за користење ветерници во САД.
– Ветерниците нема да дојдат, тоа нема да се случи во Соединетите Американски Држави. Ветерниците не треба да бидат дозволени – категоричен беше американскиот претседател.
Трамп изгледа еднакво загрижен за ветерниците колку и за договорот меѓу двата најголеми трговски блока во светот, заклучуваат светските медиуми Р.С.