Милановиќ е висок формат на политичар со долгогодишно искуство. Неговите пораки во Скопје не се одраз на класичен дипломатски стремеж да се стекне нечија наклонетост, ниту пак тоа е некакво ласкање (со оглед на фактот на блискоста и пријателските односи меѓу двете земји), туку тоа е негов директен, рационален, внатрешен, легалистички глас од ЕУ, кој говори нешта што треба да ѝ бидат приоритети на секоја суверена земја ако сака да биде почитувана и како држава и како нација
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ без европски дипломатски ракавици во Скопје
Не стивнуваат одгласите и реакциите во земјава и во регионот по завчерашната посета на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на Македонија, во чии рамки упати отворени критики до Европската Унија за нејзиниот однос кон земјава.
Како претседател на држава што е членка на ЕУ, а со тоа и со кредибилитет на европски лидер, Милановиќ всушност отворено го впери прстот кон европските политички елити обвинувајќи дека она што ѝ се прави на Македонија од европска страна е класична изнуда и уцена.
Истовремено, со пораките што ги упати хрватскиот претседател всушност се потврдува дека европските челници се целосно свесни дека Македонија не само што досега направила еден куп отстапки што се косат како со домашното така и со меѓународното право туку и дека државата била класична жртва на изнудување, што на некој начин е повисок степен на трпење континуиран тридецениски притисок.
Милановиќ: ЕУ не е најважната работа, гледајте што е важно за вашите граѓани!
Она што без дипломатски ракавици хрватскиот претседател како совет го препорача до македонските власти е да се водат пред сѐ и над сѐ од македонските интереси, истото она што од своите политички претставници го бараат граѓаните, при што јасно, прецизно и педантно нѐ именуваше со името што е генеричко наше и кое на македонската нација легално ѝ прилега – Македонија.
– Македонија да не биде жртва на притисоци и да трпи изнуди кога е во прашање членството во Европската Унија – порача Милановиќ за време на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова.
Тој додаде дека има премногу насоки од соседите и меѓународните актери за тоа како Македонија да се движи на европскиот пат, но најголемиот дел треба да се зема со резерва.
– Не сите од овие совети се паметни или корисни за вас, затоа прифатете ги со резерва и правете по свое. Вие сте тие што ќе одлучат што ви е важно. Само немојте да бидете жртва на никаква уцена или изнуда кога станува збор за вашето членство во ЕУ – истакна Милановиќ.
Според него, државата сама треба да го одреди курсот по кој ќе се движи и да се води од она што е од круцијален интерес за граѓаните.
– Единственото прашање е дали ова е навистина најважното нешто на овој свет за вас и граѓаните или постојат други работи за државата што ја дефинираат како успешна и реализирана заедница – потенцира Милановиќ.
Претседателката Силјановска-Давкова: Нешта за кои не се разговара и
преговара
Македонската претседателка, од своја страна, се согласи со констатациите на нејзиниот хрватски колега, истакнувајќи дека граѓаните им дале легитимитет да не подлегнуваат на ничии уцени и изнуди, туку на европскиот пат да инсистираат на истите услови што важеле за сите други.
– Ние мораме да ја тераме државната агенда, бидејќи легитимитетот ни извира од граѓаните. Кога го велам ова, мислам економски, културно, образовно и научно да се развиваме. Скринингот покажува дека ние сме многу напред во хармонизирањето со акито (Acquis communautaire). Нашите проблеми се од друга природа, тие се врзани за историјата, за перцепцијата на културата, па дури и за јазикот, нешта за кои не се разговара и преговара. Но, да повторам, ветото ќе предизвикува проблеми и нема да бидеме осамен случај. Ние инсистираме и си го бараме местото во ЕУ според Копенхашките критериуми. Да речам дека се надевам утре да наидеме на разбирање – ќе згрешам. Да, разбирање од Хрватска, да, разбирање од Словенија, но мислам дека се важни и односите со другите соседи. Очекувам да исчекориме и во тој поглед – порача Силјановска-Давкова.
Патот кон ЕУ останува, но без изнуди и уцени
Милановиќ е висок формат на политичар со долгогодишно искуство. Неговите пораки во Скопје не се одраз на класичен дипломатски стремеж да се стекне нечија наклонетост, ниту пак тоа е некакво ласкање (со оглед на фактот на блискоста и пријателските односи меѓу двете земји), туку тоа е негов директен, рационален, внатрешен, легалистички глас од ЕУ, кој говори нешта што треба да бидат приоритети на секоја суверена земја ако сака да биде почитувана и како држава и како нација
Впрочем, Милановиќ ја ословуваше земјава со името Македонија без никакви географски одредници, со што јасно сакаше да каже што мисли за ултимативниот настап на соседна Грција и поддршката од страна на ЕУ за насилна промена на уставното име на една суверена земја.
Несомнено истите ставови и аргументи Милановиќ ги има изнесено и во Брисел, со порака до официјален Брисел да престане да се однесува како предатор кон една мала држава како што е Македонија, но и порака до македонските власти да престанат да се согласуваат земјата да биде жртва.
Истите пораки што ги упатуваат македонските политичари во Брисел не се сфаќаат сериозно, но кога ваквите констатации ги образложуваат сѐ повеќе европски лидери, тогаш крајно време е и европските политички елити да почнат да сфаќаат дека не се во право со предаторскиот однос кон земјава, бидејќи тоа го урива европскиот кредибилитет кај сите други земји што во одреден момент во Европа гледале висок дострел на демократија, владеење на правото, човекови слободи…
Несомнено претседателот Милановиќ е формат на политичар што се обидува рационално да ги толкува условите што се поставуваат пред Македонија, но неговото рацио подразбира тие да се во согласност со меѓународното право и Копенхашките критериуми.
Затоа крајно време е ЕУ да престане да се однесува предаторски кон Македонија, но и земјава да престане да биде жртва на таквото предаторство и изнудување, туку да се води исклучиво од националните интереси и она што значи бенефиција за државата и граѓаните.
Очигледно настапот на хрватскиот претседател може да се оцени како далеку помакедонски и попатриотски за разлика од пораките и настапите на некои внатрешни сили, за кои секое барање од Брисел или од соседите треба беспоговорно да се исполнува. Сепак, не треба да се заборави дека секое наметнување некакви услови е класично непочитување на внатрешното право, на македонскиот Устав, претставува кршење на меѓународното право, и тоа на некој начин може да се толкува како предавство на националните интереси. Тоа е и отворено загрозување на македонскиот идентитет, што во основа се коси и со начелото на самата ЕУ за почитување на идентитетот, јазикот, историјата и културата на секој народ.
Пријателските совети на Милановиќ кон Македонија политички ги возбудија Атина и Софија
По Бугарија, каде што го обвинија за мешање во бугарско-македонските односи со советите до Македонија да си ги гледа сопствените интереси и да не подлегнува на уцените од Европската Унија, на посетата од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на Скопје реагираа и некои грчки медиуми.
– Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој е во посета на С. Македонија, направи многу сериозен политички и дипломатски фаул. И покрај она што експлицитно го наведува Преспанскиот договор, кој претставува меѓународен договор и право на Европската Унија, тој не го употреби уставното име ‘С. Македонија’, туку зборот без географската одредница – пишува весникот „Триасио“.
Весникот потсетува дека изјавите на Милановиќ за време на разговорите со претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, исто така се окарактеризирани како провокативни од страна на Бугарија.