Макрон се обидува да ја изолира Мелони имајќи ги предвид сѐ поголемата популарност и харизма што ги носи италијанската премиерка, па од тие причини сака да ја тргне настрана. Ова говори за класичен егоизам од страна на водечките европски лидери, кои водејќи се исклучиво од интересите на своите земји, ги злоупотребуваат ЕУ-механизмите како алатка за остварување на сопствените цели
Директна конфронтација меѓу италијанската премиерка Џорџа Мелони и францускиот претседател Емануел Макрон на самитот на ЕПЗ
Борбата за тронот во рамките на Европската Унија очигледно го разбива европското единство и сѐ повеќе доаѓаат до израз апетитите на лидерите на моќните европски земји, во случајот Франција и Германија, кои ги туркаат по страна сите други и се обидуваат да ги наметнат исклучиво сопствените политики и интереси.
Тоа предизвикува незадоволство кај другите земји членки, кои сметаат дека имаат еднакво право да учествуваат во креирањето на заедничката европска политика и да ги изнесуваат сопствените ставови и позиции, а на тој начин да придонесуваат во градењето квалитетни решенија за сите во рамките на Унијата.
Ако консензуалното одлучување досега беше изговор да се спречат одредени работи што не му одат во прилог на официјален Брисел, поточно на некои земји членки, сега очигледно секој ја врти водата на својата воденица и заедничката европска политика ја претвора во индивидуална.
Дипломатски судир затскриен од очите на јавноста
Токму од тие причини италијанската премиерка Џорџа Мелони неодамна предупреди на „растечкиот егоизам“ на европските лидери, а нејзината изјава следуваше по сериозниот дипломатски судир меѓу неа и францускиот претседател Емануел Макрон, до кој дојде на самитот на Европската политичка заедница во Албанија.
Имено, за време на самитот, Мелони не беше поканета да учествува во заеднички разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, по што таа пред италијанските новинари изјави дека била блокирана затоа што одбила да испрати војници во Украина како што е предложено во рамките на Коалицијата на подготвените.
Макрон, кој разговараше по телефон со британскиот премиер Кир Стармер, полскиот претседател Доналд Туск и со германскиот канцелар Фридрих Мерц, ја обвини Мелони за ширење дезинформации.
– Станува збор за прекин на огнот, да не шириме лажни информации. И онака има доволно дезинформации што доаѓаат од Русија – рече францускиот претседател.
Од друга страна, италијанските медиуми го опишаа отсуството на премиерката од состаноците во Албанија како намерно занемарување, сугерирајќи дека Макрон не сакал таа да присуствува.
Макрон стравува
од конкуренција
Познавачите на внатрешните состојби во ЕУ коментираат дека во тек е борба за кормилото на ЕУ и дека Франција и Германија се обидуваат да ја преземат целосната контрола, туркајќи ги другите настрана.
– Италијанската премиерка изгради цврсти односи со новиот американски претседател Трамп, а тоа очигледно не му се допаѓа на францускиот претседател Макрон, кој сака да го има конечниот збор, како по прашањето за разврската на војната во Украина така и во однос на политиките на ЕУ. Тука сега се наметнува и новиот германски канцелар Фридрих Мерц, кој засега е во стендбај-позиција, имајќи го предвид падот на популарноста на Макрон меѓу Французите, така што германскиот канцелар мудро ја чека својата шанса кога ќе се обиде да ја врати Германија онаму каде што ја остави поранешната канцеларка Меркел, на врвот на ЕУ. Во меѓувреме, Макрон се обидува да ја изолира Мелони имајќи ги предвид сѐ поголемата популарност и харизма што ги носи италијанската премиерка, која топло е пречекана на сите континенти, па од тие причини сака да ја тргне настрана. Впрочем, Мелони и во Италија е цел на одредени критики од страна на опозицијата и некои критичари, кои обвинуваат дека европските лидери успеале да ја бајпасираат премиерката. Ова говори за класичен егоизам од страна на водечките европски лидери, кои водејќи се исклучиво од интересите на своите земји, ја злоупотребуваат ЕУ како алатка за остварување на сопствените цели. Тоа сега го прави Макрон, така што во име на ЕУ сака да се факторизира на преговарачката маса на идната прераспределба на пленот по евентуалното ставање крај на војната во Украина, но и да ја позиционира Франција како главен европски снабдувач со оружје. Затоа и прв почна да заговара формирање европска војска. Да, Мелони искрено говори за „егоизам“ кај некои европски лидери, мислејќи пред сѐ на Макрон, кои очигледно кога нешто не е според нивните планови, се обидуваат целосно да го тргнат настрана и да го маргинализираат. Тоа не е онаа ЕУ од почетокот на 90-тите години на минатиот век, ЕУ на еднакви вредности, на уважување на сечие мислење. Клучно прашање е каде ќе ја одведе егоизмот ЕУ, дали кон развој или, пак, кон уште подлабоки внатрешни поделби, фрустрации и внатрешни сојузи, кои веќе се формираат и кои очигледно ќе стават точка на Унијата каква што ја познававме – констатираат познавачите на европските внатрешни состојби.