Фото: Пиксабеј

Судирот на ставови на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц ја нагласува дилемата со која се соочуваат 27-те влади на блокот во многу чувствителен момент за глобалната трговија, во кој ЕУ се обидува да остане конкурентна во однос на САД и Кина. Во таква ситуација, на европскиот блок му е потребен силен консензус од националните лидери, но двете најголеми сили на ЕУ не можат да постигнат согласност за важни прашања

Франција и Германија на две различни страни за концептот политики за конкурентноста на Унијата

Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон се ракуваа, срдечно се насмевнаа на конференцијата „Берлински глобален дијалог“ во средата во Берлин, за потоа да го поминат денот нудејќи значително различни ставови за следните чекори на Европа. Тие се разидоа во однос на клучните теми, вклучувајќи предлози за заедничко задолжување во ЕУ, давачките за увозот на кинески електрични возила и трговските разговори со јужноамериканските земји, пренесуваат светските медиуми.
Нивниот судир на ставовите ја нагласува дилемата со која се соочуваат 27-те влади на блокот во многу чувствителен момент за глобалната трговија, во кој ЕУ се обидува да остане конкурентна во однос на САД и Кина. Во таква ситуација, на европскиот блок му е потребен силен консензус од националните лидери, но двете најголеми сили на ЕУ не можат да постигнат согласност за важни прашања.
– Емануел Макрон и Олаф Шолц ги предводат двете најголеми економии во ЕУ, споделувајќи граница долга 450 километри. Но кога станува збор за заштитата на Европа од глобални закани, овие соседи можеби се наоѓаат и на различни планети – пишува европското издание на магазинот „Политико“.

Париз и Берлин не се согласуваат за егзистенцијалните прашања

Францускиот претседател Макрон минатата недела во Берлин предупреди дека Европската Унија „може да умре“ и дека ако продолжи со „класична“ агенда за слободна трговија, таа ќе биде „надвор од пазарот“ за две или три години. Тој истакна дека Европа треба да прифати попротекционистичка агенда ако сака да опстане. Во меѓувреме, Шолц напомена дека притисокот за заштита на европските индустрии од нефер трговски практики „не смее да доведе до тоа да си наштетиме самите себеси“.
Германија притоа силно се противи на воведувањето нови царински тарифи на ЕУ за кинеските електрични возила. А Макрон во средата повика на повеќе прекугранични спојувања меѓу компаниите од ЕУ во не толку имплицитна критика на германската влада, која сака да го спречи преземањето на германската Комерцбанк од страна на италијанскиот банкарски гигант Уникредит.
Во текот на изминатите месеци, Франција и Германија направија големи напори во јавноста да ја прикажат својата заедничка визија за економската агенда на ЕУ, потпишувајќи заеднички планови за индустриската политика на Европа и заедно изготвувајќи ги амандманите на заклучоците од самитот на Европскиот совет. Но кога станува збор за најголемите егзистенцијални прашања со кои се соочува Европа, Берлин и Париз систематски не се согласуваат.

Макрон и Шолц им даваат приоритет на домашните грижи

Ова не е првпат двајцата лидери да се расправаат за европската политика, а тензиите честопати се засилуваат, при што своевремено кулминираа со откажување на заедничката прес-конференција во Париз во 2022 година. Не помага ниту тоа што Шолц и Макрон имаат многу различни стилови на лидерство.
Исто така, станува потешко и за Берлин и за Париз да направат отстапки што ќе ги вознемират гласачите дома, дури и ако нивните земји имаат корист од компромисот. Францускиот претседател се соочува со поделено Национално собрание и со засилената десница. Во меѓувреме, Шолц, чија партија претрпе серија изборни порази, очекува федерални избори, кои треба да се одржат до следниот септември.
– Но вистината е дека и покрај целата реторика на лидерите за тоа дека во срцето се најдоа европските интереси, и Шолц и Макрон имаат цврст фокус врз домашните грижи – наведува „Политико“.

Фрустрациите растат, а никој не сака да попушти

Фрустрациите растат и во Париз и во Берлин, поради согледаната неможност на Макрон и на Шолц да попуштат во однос на егзистенцијалните прашања на ЕУ. Франција и Германија минатата година најпосле постигнаа договор за реформите на енергетскиот пазар, но дури ниту таа расправија не е завршена. Откако поминаа години во борба за тоа дали да се вклучи нуклеарната енергија на одредена листа на зелени инвестиции на ЕУ, Париз и Берлин продолжија да се спорат околу ова прашање на речиси секој предлог што дојде од Брисел. Франција сака да ја признае нуклеарната енергија како стратегиска технологија и да ги олесни правилата за државна помош за овој сектор. Но висок германски функционер минатата недела предупреди дека ресурсите на ЕУ не треба да се трошат на нуклеарна енергија.
– Постои геополитичка димензија. Французите често ги обвинуваат Германците дека не размислуваат за геополитика, но чувствуваме дека тие се заглавени во нивното француско размислување. Нетрпеливоста расте во Германија – вели Нилс Шмид, пратеник на социјалдемократите на Шолц и член на француско-германското парламентарно собрание.
Според францускиот сенатор Ронан Ле Глу, пак, Франција и Германија секогаш минуваат низ фаза на несогласување пред конечно да го изнајдат патот кон компромис.
– На крајот на краиштата, нема да ја дислоцираме ЕУ поради националните разлики – заклучува Ле Глу. П.Р.


Спротивни ставови за извештајот за конкурентноста на Европа

Францускиот претседател Емануел Макрон навести за неговите тешкотии со Шолц кога беше прашан дали ќе може да го убеди Берлин да издаде заеднички долг на ЕУ, како што беше предложено во извештајот на поранешниот италијански премиер Марио Драги. Францускиот лидер се насмеа и рече дека последен пат тоа се случило како одговор на пандемијата, со помош од „колега наречен ковид-19“.
Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц разговараа за извештајот на Драги за конкурентноста на Европа, кој ќе биде на дневен ред на следниот самит на Европскиот совет. Официјално и Париз и Берлин велат дека се согласуваат со Драги. Но, во реалноста, тие не се согласуваат околу предложениот нов бран на заедничко задолжување на ЕУ за инвестирање во стратегиски сектори. Франција честопати повикува на нов долг на ЕУ и за повторување на искуството од планот за закрепнување по пандемијата, додека за Германија таквата практика не доаѓа предвид.