Енергија за сите

Професорот и експерт за прашања од делот на енергетиката Константин Димитров, за „Нова Македонија“ прави стручна анализа на состојбите во енергетиката, но истовремено предлага и сет препораки со кои би се забрзало домашното производство на зелена електрична енергија. Неговите предлози и препораки ги објавуваме интегрално

Владата неодамна ги усвои измените на Законот за градење, кои се однесуваат на поедноставените процедури за поставување фотоволтаици на покривите на индивидуалните куќи и стопанските објекти, па во меѓувреме се чека пратениците во Собранието да ги изгласаат овие измени.
Професорот и експерт за прашања од делот на енергетиката, Константин Димитров, смета дека Владата може многу повеќе да направи и предлага сет препораки со кои би се забрзало домашното производство на зелена електрична енергија. Во продолжение ги пренесуваме препораките и предлозите на професорот Димитров.

Потребно и можно – дистрибуирано производство на електрична енергијаСо цел да се стимулира и забрза сопственото македонско производство на зелена електрична енергија, потребно е Владата итно да овозможи поедноставена документација и финансиски олеснувања за поставување сончеви фотоволтаични (ФВ) колектори, што е целосно во согласност со основните стратегиски документи и обврски кон Енергетската заедница.
Во услови на кризна состојба во секторот енергетика, потребно е и можно е со уредба итно да се донесат следните мерки:
1. Секое домаќинство или економски оператор (индустрија) може да постави сончеви ФВ-колектори со единична моќ идентична на добиената енергетска согласност за приклучување кон електродистрибутивната мрежа.
2. Единствен документ што служи за пријава и договор со надлежната дистрибутивна организација е електропроект изработен од лиценцирана компанија што ќе потврди дека внатрешниот приклучок и внатрешната инсталација во објектот се изведени во согласност со важечките стандарди.
3. Опремата (сончеви колектори, инвертори, акумулатори) е ослободена од ДДВ (пример Република Хрватска, следно и во Црна Гора).
4. Се обезбедуваат субвенции за домаќинствата во износ од 20 до 30 отсто од вредноста на вградената опрема (колектори, инвертори, акумулатори) за капацитет на инсталирани колектори до 6 kW. Инвестицијата над овој лимит не се субвенционира (пример Србија).

Образложение:

1. Капацитет на вградените колектори еднаков со добиената енергетска согласност за приклучување кон електродистрибутивната мрежа не влијае на дистрибутивниот систем. Мрежата е веќе димензионирана за тој капацитет. Новиот дефиниран лимит на капацитетот на сончевите колектори од 6 kW нема енергетско и економско оправдување (споредба инсталиран капацитет од 6 и 10 kW).
2. Не е потребно да се приготви основен проект затоа што:
а. Колекторите ја следат линијата на покривот, не се менува ниту нарушува архитектурата на зградата (не е потребен архитектонски проект);
б. Тежината на колекторите не надминува 15 kg/m2 што е еднакво на тежина од средно влажен снег од 15 сантиметри. Од таа причина не се потребни посебни пресметки за статиката на покривната конструкција (проект статика не треба);
в. Електропроектот изработен од проектант со лиценца за проектирање или изведба е доволен за потпишување договор со дистрибутивната организација. Тој се однесува на внатрешната мрежа кај корисникот и воопшто не влијае на надворешната мрежа (зад мерниот инструмент) кај електродистрибутивната организација.
3. Финансиската помош ќе го зголеми интересот за поставување сончеви ФВ-колектори со позитивни влијанија на подолг рок.
4. Нема потреба за барање од општините да се добие дозвола за градба или решение за поставување колектори. Не се приготвуваат проекти. Корисникот не преминува во групацијата производител на електрична енергија!
5. Комуникацијата со електродистрибутерот почнува и завршува со поднесување на електропроектот и потпишување на договорот.
Придобивки:

Со итно спроведување на овие мерки се постигнуваат енергетски, економско-финансиски и еколошки придобивки за целото општество.
Со спроведување на овие мерки се овозможува:
• Ангажирање на капиталот на домаќинствата; исполнување на стратегиските цели на Македонија;
• Исполнување на обврските кон Енергетската заедница со исполнување предуслови за побрз прием во ЕУ;
• Смален увоз на електрична енергија и смалени трошоци за нејзино купување со многу високи цени;
• Заштита на животната средина – смалено локално загадување;
• Буџетот на домаќинствата е делумно растоварен, особено затоа што се реални очекувањата за редовно покачување на цената на електричната енергија. Се намалува енергетската сиромаштија во Македонија;
• Обезбедена определено количество евтина електрична енергија за потребите на стопанството.

Техноекономски информации – споредба инсталиран капацитет од 6 и 10 kW:

При споредба на инсталиран капацитет сончеви колектори од 6 и 10 kW, јасно е видливо дека домаќинствата имаат на располагање мала единична моќ на секоја фаза од приклучокот за електрична енергија (вкупно произведената сончева енергија инверторот ја испорачува одделно на секоја фаза од домашната инсталација, освен ако не се купи многу поскап хибриден). Единствено во летниот период, од 10 до 16 часот, имаат на располагање електрична моќ од над 1 kW. Во зимскиот период енергијата од трите фази не надминува 1 kWh.

Куса пресметка за придобивките на ниво на држава со инсталирање колектори на покривот од 1.000 домаќинства и субвенција од 1.000 евра/приклучок:Оваа куса пресметка покажува дека вкупната инвестицијата на државата ѝ се враќа за 1,7 години. Со квалитетна промоција, брза подготовка на уредбата, веќе оваа зима може да се постигнат овие придобивки. Нема потреба од чекање во Собрание да помине промената на Законот за градење. Немаме време за губење. Набавката, транспортот и монтажата на опремата бараат време, кое со секој изминат ден се намалува.
За доброто на граѓаните и стопанството, за доброто на целото општество, Владата и министерствата се на потег.

Проф. д-р Константин Димитров