Феминизмот е континуиран процес и борба за еманципација. Тој не ги засега и не се однесува само на жените, затоа што неправдата се рефлектира на сите слоеви во општеството. Тој значи градење заедница на рамноправни единки во која нема привилегирани и маргинализирани и каде што грижата за секој
поединец е важна. Светот е исправен пред нов вид на „мутиран фашизам“ во сите општествени сегменти. Затоа борбата не смее да престане
Осумдесет години Антифашистички фронт на жените во Македонија
Основан во текот на Втората светска војна, под водство на Комунистичката партија на Југославија, со цел масовно и системски да ги вклучи жените во борбата против фашистичките сили, преку својата широка и комплексна мрежа на терен Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија не само што ја исполнил поставената задача туку успешно спроведувал и масовни кампањи за описменување, политичко учество на жените и нивно економско активирање како работнички.
Настаните по повод 80 години од формирањето на АФЖ во Македонија, кои се одржуваат во периодот од 12 до 24 декември во Скопје, имаат цел комеморативно, научно и критички да ја практикуваат културата на сеќавање на најмасовното женско движење кога било на просторите на поранешна Југославија. На настанот во Кинотеката на Македонија, во организација на фондацијата „Фридрих Еберт – Скопје“, во соработка со Регионалната феминистичка антифашистичка мрежа (ФАМа), се обратија експертки и активистки од регионот со цел заедничко одбележување на наследството и влијанието на АФЖ, осврнување на заедничката историја и на вредноста на антифашистичкиот фронт на жените во денешен контекст. Тие укажаа на фактот дека женските права сѐ уште се загрозени, а придобивките од борбата на АФЖ се доведени во прашање, дека светот е исправен пред нов вид на „мутиран фашизам“ во сите општествени сегменти и затоа борбата не смее да престане.
Историчарката Ивана Хаџиевска, која е дел од организацијата на настаните, нагласува дека кога станува збор за одбележувањето на јубилеите поврзани со АФЖ и со Народноослободителната борба (НОБ), чести се декларативните заложби за „чување на споменот“, но во практика тоа не се одразува ниту во институционалните и општествените односи кон вреднувањето на историјата на жените ниту во обезбедувањето видливост и присуство на наративи во јавниот дискурс, кои го предизвикуваат патријархалниот модел за родот и улогата на жените во општеството.
– Програмата за одбележување на овој јубилеј е плод на женско организирање, чија цел е токму да ги предизвика политиките на заборав кон (социјалистичката) историја, но и да отвори суштински простор за критичко сеќавање на политичките, социјалните, родовите и економските аспекти. На тој начин можеме да ја поврземе историјата на АФЖ и со нашите сегашни хоризонти, обележани со колонијалистички војни, опресија и климатска криза, како и со галопирачко назадување на напредокот на женската општествена положба – вели Хаџиевска.
Некои од придобивките што жените ги изборија ги изгубивме во транзицијата
Поттикнат од 80-годишнината од формирањето на масовната женска организација АФЖ во Македонија, Центарот за истражување на национализмот и културата на 14 и 15 декември организира два настани за да го одбележи овој значаен јубилеј. Во Музејот на Македонија ќе биде промовиран зборникот на научни трудови со наслов „Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), артикулации на сеќавања и критички прикази“, а ќе се одржи и тркалезна маса на темата „АФЖ: Недовршена револуција – сеќавање на минатото, замислување на иднината“.
Една од авторките на научните текстови во зборникот е и уметницата Христина Иваноска, чија последна изложба минатата година, со наслов „Документот што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“, беше токму плод на ова истражување. Нејзиниот интерес се однесува на непостојната, заборавена или маргинализирана, историја на жените во Македонија и нејзино поврзување со современите форми на активизам и теорија. Проектот се однесува на жените во Македонија во првата половина на 20 век, ама и на нивното поврзување со денешните форми на отпор.
Според неа, отпорот не мора да се изразува само преку физички бунт туку и преку мисловен, интелектуален бунт што произлегува од потребата да се дејствува.
– Мојата уметност претставува форма на отпор преку која тргнувам од едно едноставно прашање „Која сум јас?“, но всушност се однесува на непостојната генеологија на политичкото дејствување на жените во Македонија. Таа е важна и како историски континуитет, но и како пракса што произлегува од локалниот контекст и менталитет зошто референците не треба да ги бараме секогаш во туѓите искуства. Секое освестено, посветено и грижливо работење со нашето заборавено минато и негово поврзување со актуелниот контекст е форма на отпор – вели Иваноска.
Во фокусот е списанието „Македонка – Орган на АФЖ“, првото македонско женско списание, издадено во 1944 година, односно првиот број од 7 ноември 1944 г., кој се појавува во исклучително тешки услови.
– Една од причините е и прогласувањето на македонскиот јазик за официјален јазик во државата и тоа само неколку месеци порано во рамките на АСНОМ. Решение за македонската азбука, како и кодификација и стандардизација на јазикот, ќе следуваат во периодот потоа. Во недостиг од соодветни букви, кои ги има само во македонскиот јазик, како ѓ, ќ, ѝ, ѐ, џ, печатниците во тој период се снаоѓаат со печатарски букви користејќи како замена букви од српската или бугарската азбука. Овие почнати процеси се видливи и низ текстовите објавени во првиот број на „Македонка“, кој, како орган на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) од Македонија, ќе одигра значајна улога во процесите на описменување и едукација на жените по војната – вели таа.
Наспроти едно од мислењата дека денес феминизмот е мртов и дека нема суштина и функција, Иваноска смета дека феминизмот е континуиран процес и борба за еманципација, дека тој не ги засега и не се однесува само на жените, зашто неправдата се рефлектира на сите слоеви во општеството.
– Тој значи градење заедница на рамноправни единки, во која нема привилегирани и маргинализирани и каде што грижата за секој поединец е важна. Дел од придобивките што жените ги изборија со своите животи, а потоа и со своето еднакво учество во обнова и градење на новото уредување по Втората светска војна, кој го валидираше и вреднуваше трудот на жената и нејзиното активно учество во јавниот живот, а тоа одлично го илустрира и потврдува токму списанието „Македонка“, изгубивме преку транзицијата во систем што сака да ја врати жената назад во домот, да ја експлоатира или да го контролира нејзиното тело. Затоа процесите на еманципација и стратегиите на отпор на нашите предци ќе ја додефинираат и ќе ја зајакнат нашата потреба, но и потребата за неминовна и нужна рамноправност и еднаквост на нашите деца – вели Иваноска.
Да се бараат нишките помеѓу минатото и сегашноста
Антифашистичкиот фронт на жените бил основан во текот на Втората светска војна, во рамките на Народноослободителната борба, под водство на Комунистичката партија на Југославија, со цел да ги мобилизира жените во борба против фашистичките сили. Основната цел на организацијата била масовно и системско вклучување на жените во народноослободителната војска. На 15 декември 1944 година, во киното „Уранија“ (денес кино „Култура“) во Скопје била одржана Првата главна конференција на АФЖ за Македонија, на која учествувале околу 400 делегати и делегатки. Тука била конституирана организацијата, избран бил Главен одбор и орган на АФЖ станало списанието „Македонка“. Иницијативна и водечка улога во формативниот процес имале првоборките и комунистички политичарки Веселинка Малинска, Мара Нацева, Вера Циривири Трена и Лефта Јосифовска. АФЖ во повоениот период функционирало како фронтовска организација, со широка и комплексна мрежа на активистки, дисперзирани и мобилизирани на цела територија на државата. Токму низ оваа мрежа на теренски активистки биле спроведувани масовни кампањи за описменување, политичко учество во заедниците и економско активирање на жените како работнички.
– При одбележувањето на јубилеите од формирањето на АФЖ, како и при одбележувањето важни датуми за други државотворни субјекти поврзани со Народноослободителната борба (НОБ), чести се декларативните заложби за „чување на споменот“, но, од друга страна, тоа не се одразува во институционалните и општествените односи кон вреднувањето на историјата на жените, како и платформирањето видливост и присуство во јавниот дискурс на наративи што го предизвикуваат патријархалниот модел за родот и улогата на жените во општеството. Програмата за одбележување на овој јубилеј е плод на женско организирање, чија цел е да ги предизвика политиките на заборав кон (социјалистичката) историја, но и да отвори простор за критичко сеќавање на политичките, социјалните, родовите и економските аспекти. Да се бараат нишките помеѓу минатото и сегашноста на политичко-етички начин е суштината на одбележувањето на антифашистичката историја – велат организаторките на настаните.
Одбележани 80 години од основањето на АФЖ
Еманципацијата на жените е предуслов за еманципација на целото општество
Фондацијата „Фридрих Еберт – Скопје“ (ФЕС), во соработка со Регионалната феминистичка антифашистичка мрежа (ФАМа), организираше настан во Кинотеката на Македонија по повод одбележувањето 80 години од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Настанот го отвори и водеше менаџерката за програми и финансии во ФЕС, Нита Старова, а потоа се обратија експертки и активистки од регионот со цел заедничко одбележување на наследството и влијанието на АФЖ, осврнување на заедничката историја и на вредноста на антифашистичкиот фронт на жените во денешен контекст. Свои обраќања имаа учесничките од регионот од Феминистичката антифашистичка мрежа ФАМа: Аида Колидер Агиќ (БиХ), Каролина Леаковиќ (Хрватска), Вера Клопчиќ (Словенија) Аида Коровиќ (Србија) и Санела Шкријељ (Македонија), кои од бината на Кинотеката порачаа: „Да живее АФЖ, да живее женската солидарност!“
– Веруваме дека мирот нема алтернатива и дека е можен само со почитување на човековите права и одржлив развој. Со формирање на мрежата ФАМа потврдуваме дека жените остануваат поврзани, храбри и единствени во отпорот.
Се обврзуваме дека врз темелите на антифашистичките вредности ќе градиме творечки општества на мирот, еднаквоста, правдата и солидарноста… Еманципацијата на жените е предуслов за еманципација на целото општество – беше кажано на собирот.
Македонскиот актер Никола Ристановски, инаку голем поборник за женските права, го изведе на сцената авторскиот текст „Таа“ на македонската теоретичарка на уметност Искра Гешовска. Својата сугестивна изведба Ристановски ја започна со зборовите: „Ова е приказна за она што било, е и сака да биде, не како аргумент на вистината и лагата, туку како течение на река понорница, низ која пловат храбро говорот, молкот и дејствувањето на ТАА која своето постоење сака светот да го прифати не како фрагмент, туку како целовитост, неретко исполнета со болка, но секогаш овенчана со волја и посветеност, кои историјата или воопшто не ги согледува или ги согледува како чуда, како отстапки, како исклучоци – никогаш како нејзин ’рбет…“
Потоа учениците од СУГС „Никола Карев“, под менторство на професорката по музичка уметност Емилија Ристановска, ја донесоа на сцена изведбата со наслов „Духот на слободата“ – историско движење за правата на жените што започнале со антифашистичка солидарност во регионот. Изведбата се состои од извадоци од Крушевскиот манифест, како и литературни текстови од великаните Блаже Конески, Ацо Шопов, Горан Стефановски… В.Д.