Апострофирам, за жал, тоа ретко се нагласува во јавноста, дека електронските цигари, таканаречени ајкос, повеќе му нанесуваат штета на организмот отколку стандардните цигари, а тоа, за жал, најголема штета причинува токму во организмот кај најмладите. И не само тоа, поизгледно е да заболат дури и од рак тие што користат ајкос отколку оние што употребуваат стандардни цигари, вели д-р Оливер Зафировски
Повод: 31 МАЈ, СВЕТСКИ ДЕН БЕЗ ТУТУН: ИНТЕРВЈУ СО Д-Р ОЛИВЕР ЗАФИРОВСКИ
– За жал, перцепцијата е дека на Балканов, повеќе години наназад, Македонија е земја со најголем процент на пушачи и дека изминатите години недоволно се практикувале ефективни активности во справувањето со пушењето, што е најчест причинител на рак на белите дробови. Според неофицијални податоци, Македонија се наоѓа во врвот на државите во Европа според користење тутун, односно се смета дека кај нас има приближно двапати поголем број пушачи отколку што се проценува дека е општиот просек во земјите членки на Европската Унија (ЕУ). Мошне посветено работиме на повеќе полиња за да ја промениме оваа негативна состојба, која во пракса честопати е, и/или може да биде, многу опасна по животот на многу десетици илјади наши сограѓани – вели доктор Оливер Зафировски, медицински директор на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје, во интервјуто по повод Светскиот ден без тутун (пушење), 31 мај.
– Клиниката за пулмологија и алергологија, со која раководам близу една година, континуирано и макотрпно, со нашиот одличен стручен тим, со сите наши ресурси, ја подобрува својата ефикасност на сите полиња, при што имаме посебна тенденција, со многу наши активности, што повеќе да се обидеме да придонесеме, за да се намали огромниот број пушачи. Се гордеам што работам на клиника што е реткост во регионот и тим од доктори што се посветени на својата работа и експерти во својот домен на работа. Повеќе од половина година спроведуваме постојана кампања за намалување на бројот на пушачи. На клиникава активно се вклучуваме во најновите третмани и технологии преку кои веќе почнавме да добиваме мошне позитивни резултати со кои ги подобруваме потребите, тековни и идни, на пациентите со пулмонални заболувања, меѓу кои посебен фокус ставаме во превенцијата и борбата, со анимирање на јавноста (за издигнување на свесноста од штетноста на пушењето), особено на пушачите и потенцијалните пушачи, со крајна цел значително намалување на бројот на активните пушачи во Македонија, намалување на интересот и навиките за пушење и одвикнување од пушење. Според едно истражување од есеноска, утврдени се следните проценти со пушењето во Македонија: пушат 45 проценти од населението, 72 проценти од пушачите не се обиделе да престанат да пушат, а 90 отсто од пушачите се свесни за ризикот од пушење – ни вели д-р Оливер Зафировски.
Редакцијата на „Нова Македонија“ истражи податок, според кој, во Европската Унија (ЕУ) пушат околу 26 проценти од севкупното население, а тутун користат 29 проценти од младите Европејци што се на возраст помеѓу 15 и 24 години. Забележавме дека, според податоците на веб-страницата на Евростат (на ЕУ) за 2022 година, во 2019 година секој ден пушеле 18,4 отсто од населението што е на возраст од 15 години и повеќе, при што повеќе тутун користеле мажите (22,3 отсто) отколку жените (14,8 отсто).
Д-р Зафировски потенцира дека во Македонија особено се загрижувачки податоците за огромен број пушачи кај младите, особено информациите дека сè повеќе ученици – ученички во основното образование почнуваат да пушат, дури и додека се во училиште.
– Не смееме да дозволиме и понатаму некои млади да пушат, дел од нив и по две кутии цигари на ден. Апострофирам, за жал, тоа ретко се нагласува во јавноста, дека електронските цигари, таканаречени ајкос, повеќе му нанесуваат штета на организмот отколку стандардните цигари, а тоа, за жал, најголема штета причинува токму во организмот кај најмладите. И не само тоа, поизгледно е да заболат дури и од рак тие што користат ајкос отколку оние што употребуваат стандардни цигари – вели тој.
Нашиот соговорник додава дека во изминатава повеќе од половина година, со поддршка на одличната политика на надлежните, на клиниката многу вложуваат и во современа опрема.
– Работиме на формирање нови оддели, разменуваме искуства со европски еминентни доктори од нашата област (ќе продолжиме да го практикуваме тоа до крајот на оваа година, со тенденција да стане редовна пракса), при што голем дел од овие наши проекти ги посветуваме во мисијата да ја подобриме мошне негативната статистичка бројка на пушачи. Нагласувам дека ние сме само дел од големиот синџир општествени чинители што работат на издигнување на свеста за големата штетност на пушењето – појаснува докторот.
Д-р Зафировски посочува дека, како и во другите здравствени институции во Македонија, и на Клиниката за пулмологија и алергологија има огромна одговорност во менаџирањето и спроведувањето на лекувањето на пациентите, при што цел на сите на клиниката е дека во сè работат во интерес на граѓаните, за пациентите да почувствуваат дека здравствениот систем во државава, во рамките на можностите, се грижи за сите пациенти во Македонија.
– И во нашата клиника, вклучително и за нашите програми и активности во тешкава борба против пушењето (меѓу нив се и набавка на специјализирана медицинска опрема, кампањи во јавноста, реконструкција и доградба на простории), како и за целото здравство во Македонија, особено ни помага и ни значи тоа што за тековнава 2025 година, во однос на минатата 2024 година, имаме значително поголем буџет, со што ни се олеснува работењето – заклучи Зафировски.
Основач на Македонската и Балканската школа за педијатрија
Д-р Оливер Зафировски е медицински стручњак со европско реноме. Има огромни заслуги за унапредувањето на здравството во Македонија во последниве околу 35 години. Компетентен соговорник е, врвен професионалец, одличен познавач на состојбите во македонското здравство. Тој е специјалист пулмоалерголог со 36-годишно искуство. Единаесет години (2006 – 2017) беше генерален директор на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај деца – Козле, кога тој и неговиот тим успешно менаџираа. Од институтот, кој беше стара дотраена барака, изградија современ институт по сите светски стандарди, набавија најдобра опрема и реализираа врвна едукација за вработените по европски стандарди. Во други четири години беше заменик-генерален директор на овој институт.
Во 2016 година, во рамките на Институтот во Козле, д-р Зафировски беше еден од основачите на Центарот за цистична фиброза. Тој беше дел од тимот доктори при Клиниката за пулмологија и алергологија, во кој, помеѓу другите, беше и претседателката на Македонското респираторно здружение (МРЗ), проф. д-р Деска Димитриевска, која во септември минатата година учествуваше на конгресот на Европското респираторно здружение (ЕРС) одржан во Виена (Австрија) каде што разменија искуства со колегите од цела Европа.
Д-р Оливер Зафировски напишал и издал четири книги (на три е автор, на една е коавтор) на тема за климатските промени и влијанието врз здравјето на луѓето. Член е и на Македонското здружение за алергологија и клиничка пулмологија, кое при крајот на септември минатата година го одржа шестиот конгрес. Една од неговите специјалности е педијатријата. Основач е на Македонската и Балканската школа за педијатрија. Човек со дигнитет, оддаден на пациентите, особено на децата, за кои со задоволство вели дека „нема поголем благослов од тоа да видиш излечено насмеано дете“. Хуманоста и желбата да се помогне го мотивирале уште од најмал. Смета дека преку медицината најдобро се искажува хуманоста.
Ж.З.
СЗО: 37 милиони деца на возраст од 13 до 15 години користат тутун
На страницата на Светската здравствена организација (СЗО) е наведено дека кампањата (темата) посветена на годинашниов светски ден без тутун е насловена „Светли производи. Темни намери. Разоткривање на привлечноста“.
Се посочува дека се најавуваат привлечни вкусови, но истите тие содржат скриени опасности. Пишува дека постои: „Бесрамна манипулација со нашите деца, за профит на индустријата“. На веб-сајтот на СЗО е наведено дека „секој ден, тутунските и никотинските индустрии користат внимателно дизајнирани производи и измамнички тактики за да привлечат нова генерација корисници и да ги задржат постојните“.
– Да се држи индустријата подалеку од корисниците. Се проценува дека 37 милиони деца на возраст од 13 до 15 години низ светот користат тутун. Во многу земји, стапката на употреба на е-цигари од страна на младите ја надминува онаа на возрасните. Маркетинг-содржината што промовира е-цигари, никотински ќесички и загреани тутунски производи е прегледана повеќе од 3,4 милијарди пати на платформите на социјалните медиуми – пишува таму.
Темата на СЗО за оваа година ја информира јавноста за опасностите од употребата на тутун, деловните практики на тутунските компании, за тоа што прави СЗО во борбата против епидемијата на тутун и што можат да направат луѓето низ светот за да го побараат своето право на здравје и здрав живот и да ги заштитат идните генерации.
Ж.З.